Надлежните служби треба да најдат системско решение за проблемот со рибокрадците - Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПОВТОРНО МНОГУ ЗАПЛЕНЕТИ МРЕЖИ ЗА НЕЛЕГАЛЕН РИБОЛОВ НА ОХРИДСКАТА ПАСТРМКА

Поради немањето ефикасно проактивно превентивно и решително репресивно дејствување на надлежните, дури и СКУБА-нуркачите и активисти за заштита на рибниот фонд самостојно се обидуваат да фотодокументираат материјали што ќе помогнат да се издигне свеста кај граѓаните за запирање на девастацијата на рибниот фонд во Охридско Езеро. Со подводното фотографирање и видеоснимање, нуркачите се обидуваат на свој начин да обезбедат сведоштва за неодговорното и криминално однесување на некои сограѓани што не водат сметка за иднината не само на езерото туку и за самите себе и своите семејства. Забележени се и случаи кога некои од нуркачите го доведуваат во опасност и својот живот, обидувајќи се под вода да ослободат пастрмки матици, полни со икра, кои беспомошно се прпелкаат фатени во фрлените рибарски мрежи додека е време на мрест

Не запира уништувањето на рибниот фонд во Охридско Езеро. На македонскиот бисер му се заканува осиромашување со риби од апокалиптични размери, доколку некој не преземе нешто за конечно да му стави крај на незаконското ловење риби. „Нова Македонија“ во континуитет ги следи сите случувања што му штетат на најстарото езеро во Европа и навремено ги алармира јавноста и институциите да преземат решителна акција за спас на овој македонски бисер, но, за жал, активностите што се преземаат се минимални, речиси никакви.

СЀ УШТЕ НЕ Е НАЈДЕН ЛЕК ПРОТИВ НЕЗАКОНСКИОТ РИБОЛОВ

Полициски службеници од полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, заедно со претставници од Државниот инспекторат за земјоделство-Охрид, пред неколку дена спроведоа акција за откривање незаконски риболов во водите на Охридско Езеро.

Во акцијата, како што информираа од Министерството за внатрешни работи, биле пронајдени 15 висечки рибарски мрежи, со вкупна должина од 6.000 метри, со вкупен улов од 774 парчиња риба охридска белвица, во вкупна тежина од 80,5 килограми. Уловот ѝ бил предаден во казнено-поправната установа „Затвор Охрид“, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

И вакви акции се реализираат на одредено време, меѓутоа тотално безуспешно.
Можеби институционална грешка е што вакви активности на надлежните нема 24 часа, секој ден во неделата, за да му се стави крај на ова немилосрдно уништување на езерото, бидејќи реализацијата на вакви акции одвреме-навреме, чисто кампањски, не дава никакви ефекти.

Овие 774 парчиња риба не се ништо во споредба со преостанатите, кои веќе завршиле на црниот пазар и на менијата на локалните ресторани, а кои со сигурност ги има двојно, па и тројно повеќе.

ЛОКАЛНИТЕ ЖИТЕЛИ ПРАЌААТ АПЕЛИ И ПОМОШ ОД СИТЕ ЗАСЕГНАТИ СТРАНИ

Во многу наврати досега соговорници што се загрижени за состојбата со живиот свет во Охридско Езеро и, воопшто, за самото езеро, за нашиот весник говореа дека езерото е преполно со рибокрадци, кои во трката по профит го пустошат рибниот фонд, не водејќи сметка за езерото, богатството на екосистемот, за биодиверзитетот, како и за опстанокот на рибите во Охридско Езеро, од кои некои се и живи фосили.
Доброупатени извори од струшкиот дел на охридското крајбрежје, кои имаат секојдневен непосреден визуелен увид на она што се случува во Охридско Езеро, во неколку наврати досега говореа дека тоа што во континуитет му се случува на Охридско Езеро е „рамно на катастрофа“. Тие постојано праќаат апели и фотографии на социјалните мрежи, а бараат помош и од сите совесни граѓани, екоорганизации и, секако, од надлежните институции и одговорно стојат на своите тврдења дека масовно не се почитува забраната за лов на риба, а рибокрадците дневно извлекуваат по неколку стотини килограми риба без да водат сметка за опстанокот на рибниот фонд.
– Ова што се случува тука во моментот е рамно на катастрофа. Езерото е речиси пред уништување. Се ловат сите видови риба, почнувајќи од пастрмката, која буквално е пред истребување. Секој ден рибокрадците извлекуваат меѓу 100 и 200 килограми пастрмка, најголем дел од нив е рибен подмладок, попознат во рестораните под името „стрвки“. Ако ти безмилосно го уништуваш подмладокот на оваа риба, ништо нема да остане од неа – вели изворот.

Според нивните сведоштва, не се загрозени само пастрмките, како што се летницата и белвицата, туку и другите риби во езерото, охридскиот крап, јагулата, плашицата, а особено заради немилосрдното ловењето кога рибата е во мрест. Во тие моменти, во езерото е забрането ловењето риби, меѓутоа понудената риба со икра во рестораните се наплатува скапо, па рибокрадците, заради профит, воопшто не се загрижени за нехуманото уништување цели генерации живот во езерото.

ШТО ДА СЕ ПРЕЗЕМЕ

Според нашите соговорници, најголем проблем е што нема постојана контрола над езерото, па рибокрадството станува сѐ помасовно, а соговорниците ни откриваат и еден парадокс, при што тврдат дека со рибокрадство почнале да се занимаваат и оние што до неодамна биле први за заштита на езерото и за спроведување драконски казни.

Поради немањето ефикасно проактивно превентивно и решително репресивно дејствување на надлежните, дури и СКУБА-нуркачите и активисти за заштита на рибниот фонд самостојно се обидуваат да фотодокументираат материјали што ќе помогнат да се издигне свеста кај граѓаните за запирање на девастацијата на рибниот фонд во Охридско Езеро. Со подводното фотографирање и видеоснимање, нуркачите се обидуваат на свој начин да обезбедат сведоштва за неодговорното и криминално однесување на некои сограѓани, кои не водат сметка за иднината не само на езерото туку и за самите себе и своите семејства. Забележени се и случаи кога некои од нуркачите го доведуваат во опасност и својот живот, обидувајќи се под вода да ослободат пастрмки матици, полни со икра, кои беспомошно се прпелкаат фатени во фрлените рибарски мрежи додека е време на мрест. И нивните активности се за огромен поздрав, но, сепак, тие се далеку за да се спаси рибниот свет од лакомите раце на рибокрадците, бидејќи тие не можат физички да ги отстранат фрлените мрежи колку што криминалците можат да ги фрлат во огромни броеви.

Се чини дека се залудни многубројните акции на полицијата, бидејќи рибокрадците воопшто не се исплашени од нив. Кражба на риба има многу често, а, за жал, и во голем број.

Штетата, за жал, никој не може ниту да ја претпостави ниту да ја замисли, бидејќи, да бидеме реални, којзнае колку риби завршиле фатени во мрежите и којзнае колку од нив биле шверцувани од Албанија, колку од нив завршиле на домашниот пазар, а колку завршиле во приватни нелегални мрестилишта.