И најновото истражување на Институтот за европска политика е основа со која се потврдува она што станува сè поевидентно, дека граѓаните не се задоволни од досегашните изборни реформи и од поголем дел од нив, односно на скалата од 0 до 10, оценка 7,5 добил моделот една изборна единица. Имено, барањата за една изборна единица се присутни со години, но освен заложбата дека нешто треба да се направи на овој план, во практика работите не се помрднуваат од мртва точка. Сагата со нефункционалниот законодавен дом трае, тој сѐ повеќе личи на пазар, во кој некомпетентноста, незнаењето и непатриотизмот тргуваат со државните интереси, што резултира од избори на избори да е сѐ помала и заинтересираноста на граѓаните за гласање за „народни пратеници што, во суштина, се партиски пратеници“. Сето тоа води кон застој во демократијата и уназадување на државата во секој поглед. Како со само еден потег сето ова да се смени во полза на граѓаните, јавниот интерес и државата во целина
Повод: Една изборна единица со отворени листи
Напуштањето на изборниот модел со шест изборни единици и воведувањето на моделот земјава да има една изборна единица со отворени листи се чини како најдобро решение за излез од политичката криза и за конечно ставање крај на системот на „партиско-владејачка пермутација“ во македонскиот и во албанскиот гласачки блок.
Ова барање за една изборна единица е присутно со години, но освен заложбата дека конечно нешто треба да се направи на овој план, во практика ништо не заживува. Од тие причини немаме функционално собрание, туку тоа повеќе личи на пазар, на кој слободно се тргува со државните интереси. Тоа води и кон застој во демократијата, бидејќи законодавниот дом не ја отсликува вистински народната волја, ниту реалната сила на партиите.
Од друга страна, ако се воведат една изборна единица и отворени листи, ќе се овозможи во парламентот да се најдат кандидатите што ќе добијат поголем број гласови, а не како досега, кога пратеници стануваа тие што се на подобра позиција на гласачкото ливче, најмногу затоа што имаат подобри врски со партискиот лидер. Покрај тоа, со отворените листи граѓаните ќе имаат слобода на избор при гласањето, бидејќи ќе се цени личноста, а не само партијата.
Принципот „вртење во истиот маѓепсан круг“ ги демотивира гласачите
Помалите партии повремено го креваат гласот и се закануваат дека ќе ја напуштат коалицијата ако не се изгласа една изборна единица, но бргу замолчуваат и не ги реализираат најавените закани. Од друга страна, големите партии, пак, декларативно немаат ништо против една изборна единица и така се изјаснуваат во јавноста, но во практика воопшто не им одговара ваквиот модел, бидејќи би загубиле голем број од пратениците што ги имаат сега, а со тоа и моќта и контролата кога се на власт.
Сегашната поставеност на партиите по принципот на старата изрека „слези Курто да се качи Мурто“ дефинитивно го одвраќа и народот од изборите, а резултатите покажуваат загрижувачки пад на одзивот во секој изборен циклус. Тоа може да доведе до опасен преседан, кој е закана за демократијата, односно власта да се добива со исклучително мал број гласови, што во никој случај нема да биде одраз на волјата на мнозинството граѓани. Едноставно кажано, ова што се случува во моментот на македонската политичка сцена не е никаква демократија, туку класична партиократија, клептократија и идиократија.
И најновото истражување на Институтот за европска политика само го потврдува она што станува сè поевидентно, дека граѓаните не се задоволни од досегашните изборни реформи и од поголем дел од нив, односно на скалата од 0 до 10, оценка 7,5 добил моделот една изборна единица, кој овозможува повеќе пратеници за помалите партии. Покрај тоа, истражувањето сигнализира дека граѓаните претежно се за воведување отворени листи. На скалата од 1 до 10, граѓаните даваат согласност од осум за опцијата гласачите да бидат во можност сами да изберат да гласаат за конкретен кандидат од листата предложени кандидати. Речиси исто толку се согласуваат дека отворените листи може да доведат до натпревар помеѓу кандидати од иста политичка партија.
– Честопати ја слушаме реченицата дека има потреба од една изборна единица, меѓутоа дилемата што постои и меѓу експертите е дали тоа очекување за една изборна единица е поради аргументите што би биле за поддршка на една изборна единица, или поради незадоволството со тековниот изборен момент воопшто – вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.
Бипартизмот на тапет
Помалите политички партии очекуваат конечно да се оствари нивното барање за една изборна единица, иако и натаму има обиди за одолжување на целиот процес, особено од ДУИ.
– Целта е да му се стави крај на овој бипартизам. Тие во Изборниот законик создадоа системска предност за четири партии, две опозициски и две од позицијата. Во секој случај, сакаме да го демонтираме овој еднопартиски начин на владеење. Односно, единствено ДУИ е константна овие 20 години, а СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се менуваат, додека состојбите во државата не се подобруваат. По сите параметри сме на дното – вели претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.
Според него, не е доцна да се направат потребните изборни промени и на следните избори Македонија да биде една изборна единица.
– Неколку пратеници притискаме по секоја цена да се донесе изборниот законик. Тоа е шанса помалите партии да одат самостојно на избори и да не се групираат во некаква поголема коалиција. Мора да се сменат работите. Анкетите покажуваат дека 65-70 отсто од граѓаните поддржуваат една изборна единица. Имаме можност и да условуваме доколку некој и понатаму се обидува да го одолжува овој процес, но тоа ќе зависи колку ние како помали партии ќе успееме да останеме заедно. Ако настапуваме и натаму заеднички, шансите нашите барања да поминат се многу поголеми – смета Трајанов.
Тој појаснува дека законот е во собраниска процедура уште од минатата година во март, на дневен ред беше ставен во мај, а целата работа се развлекла бидејќи има отпор првенството од ДУИ, но и од СДСМ.
– Лани есента имавме комисиска расправа и во јуни требаше да се одржи пленарна седница, но поради „францускиот предлог“ беше одложено за сега, за септември. Има најави дека ќе има седница и ќе се расправа за предлог-законот. Не е доцна, има време и има пратеници што поддржуваат, поддржува и ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ јавно поддржува, ДУИ се согласува да помине првата фаза на пленарна седница, потоа да има јавна расправа и во неа да се види какви забелешки и сугестии ќе имаат, веројатно или ќе се одбие предлогот или ќе се настојува да се стави некаков изборен праг. Ние ќе бараме тоа да биде без изборен праг, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Важно е дека има начелен договор да се отвори пленарна седница, но прашање е дали ќе успееме да го издејствуваме тоа до крајот на овој месец – заклучува Трајанов.
Изборен модел прифатлив за сите
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека сега веќе е доцна за менување на изборниот модел, но истовремено мисли дека промена на изборниот модел може да се случи само под притисок на странците.
– Големите партии кај нас лавираат околу таа подготвеност за една изборна единица, со исклучок на ДУИ, која цело време вели не. Лично мислам дека промена на изборниот модел може да се случи само под притисок на меѓународната заедница и во еден посериозен процес. Нема време тоа да се смени до 2024 година и да им легне на партиите, односно да го прифатат – смета Арсовски.
Според него, треба да се одбере таков изборен модел што ќе го отсликува расположението на гласачите, што ќе биде прифатлив за сите партии и кој не би се менувал на подолг временски рок.
– Исто толку е важно тој модел што ќе го избереме да биде репрезентативен, односно состојбата во Собранието со бројот на пратеници математички најблиску да го отсликува реалното расположение на граѓаните. За тоа една изборна единица е најдобра математичка опција, бидејќи има најмалку дискрепанца. Но уште поважно од тоа моделот да биде математички точен е да се договориме со консензус меѓу сите политички партии, односно сите да бидат среќни со тој модел и да не го менуваме пречесто. Ако се договориме дека тој е моделот, тој треба да биде во следните 20-30 години. Англија има нерепрезентативен мнозински модел, ама тој важи последните 400 години и партиите добро знаат на кој терен се натпреваруваат – заклучува Арсовски.
Во Македонија досега за избори имало три модели, мнозинскиот, кој беше до 1998, во 1998 беше комбиниран – мнозински и пропорционален, а од 2002-та досега е пропорционален систем.