Опасните самоубиствени предизвици што се пласираат на некои социјални мрежи, како што се шмркање лути зачини, задушување со ремени, лижење тоалетни школки, легнување на улици пред автомобили, држење здив додека не се онесвестат, земаат сѐ поголем број жртви меѓу најмладите, што треба да го вклучи алармот кај сите. Воспитувањето и оформувањето на младите генерации како сѐ повеќе да го презема некој мрачен и опасен дел од интернетот, со што му се нанесуваат трајни и непоправливи штети на целото општество. Затоа нам, како општество, како институции, но и како родители, итно ни треба сеопфатна стратегија да го превоспитаме тоа залутано стадо и да го насочиме на правиот пат и на вистинските вредности
Голем број смртни случаи, ризични предизвици, врсничко насилство, меѓусебно малтретирање и исмејување се само мал дел од последиците што ги трпат младите лица како корисници на една од најпопуларните социјални мрежи Тикток. Долго време се говори и предупредува на многубројните ризици што ги носат интернетот и некои од социјалните мрежи. Порано како една од поопасните социјални мрежи се споменуваше Фејсбук, сега тој „епитет“ го презеде Тикток.
Опасните самоубиствени предизвици што се пласираат на овие мрежи, како што се шмркање лути зачини, задушување со ремени, лижење тоалетни школки, легнување на улици пред автомобили, држење здив додека не се онесвестат, земаат сѐ поголем број жртви. За жал, во Соединетите Американски Држави и во преостанатиот дел од светот не постои точна статистика за тоа колку смртни случаи носат со себе практикувањето на овие предизвици и користењето на оваа социјална мрежа, но во медиумите може да се најдат разни бројки, почнувајќи од стотина деца, па и повеќе.
Предизвиците што меѓу тинејџерите се шират со светлосна брзина насекаде низ светот не се единствените опасности што ги демнат младите. За жал, Тикток е познат и по леснотијата со која педофилите и предаторите можат да дојдат до своите жртви, користејќи ги нивните податоци, фотографии и видеосодржини за производство и дистрибуција помеѓу оваа категорија криминалци. За овие случаи, оваа социјална мрежа плати дебело обесштетување во САД, Холандија, па и во многу други земји во светот.
Но младите не се единствени што знаат да „забегаат“ по некој чуден тренд. Има и родители, кои за да добијат повеќе лајкови и што поголема гледаност, буквално си ги малтретираат своите деца, пуштајќи им филтри со морбидни духови, кои испуштаат уште пострашни звуци, за потоа да ги заклучат сами во соба и да ја снимаат нивната реакција. Каде ли отиде човештвото? Наместо модернизација и напредок, како да се случува назаден тренд на деградација и примитивизам од секаков вид.
И македонските тинејџери се опиени од Тикток. Се снимаат видеа, случки во училиште, се снимаат како меѓусебно се малтретираат, како сквернават гробови, како кршат лулашки… Дури не можат ниту да се набројат илјадниците опасности од ваквите практики на социјалните мрежи и се поставува прашањето каде затаивме ние како општество, зошто дозволуваме децата да ни потпаѓаат под дегенеративни и деструктивни влијанија од кои немаат апсолутно никаква полза.
Да почнеме прво од училиштата. Таму се случува она копи-пејст учење, таму децата бараат сродни на нив, таму се етикетираат, таму првично го создаваат својот таканаречен „модерен“ имиџ. Како место каде што треба да се учи, да се воспитува, училиштата сѐ повеќе стануваат место каде што децата го „убиваат“ времето снимајќи кратки и многу глупави видеосодржини, кои се надеваат дека ќе им донесат популарност и многу пари. А реално може да им донесат само срам и пораз во животот. Илјадници видеа од меѓусебни малтретирања, од ризикувања на сопствените животи, се споделуваат токму од училиштата за време на петминутните одмори или, пак, на самите часови.
Па, не можам а да не се запрашам каде се тука наставниците, психолозите, педагозите? Кога јас одев на училиште, таму одев со почит. Во мое време и за најмал инцидент се завршуваше во канцеларијата кај педагогот, каде што ќе поминеш доста долго време во разговор додека да се открие каде лежи проблемот. Сега, за волја на вистината, огромна е бројката и на наставници и професори што и самите снимаат тикток-предизвици, а во нивната публика, секако, се наоѓаат и нивните ученици.
Втор ‘рѓосан дел од системот, секако, се и нефункционалните семејства. Децата седат со часови затворени во своите соби, обидувајќи се да ископираат одреден предизвик, танц или нешто друго за кое нивниот соученик собрал илјадници лајкови. Родителите во дневната, секој на своја страна, и тие длабоко загледани во видеата што се објавуваат на Тикток или, пак, на некоја друга социјална мрежа. Нема заеднички ручеци и вечери, нема испрашувања за да проверат дали нивните деца ја научиле лекцијата за која ќе бидат испрашани, нема давање извештаи за тоа како го поминале денот на училиште, нема совети, меѓусебна координација, уважување и почит. Како да нема ништо од тоа. Семејството сѐ помалку време минува заедно, нема меѓусебен разговор за доброто и лошото, како да се прекинати семејните врски за сите актуелни животни прашања. А кога семејството не ја игра улогата на коректор и воспитувач, тогаш тоа го преземаат улицата и социјалните мрежи
Па, се прашуваме што ни се случува како општество и што ни се случува со младите генерации?
Воспитувањето го презема интернетот, семејството и училиштето повеќе го немаат тој примат. Децата копираат сѐ што ќе видат, а бидејќи од дома нема што многу да научат, учат од застрашувачки социјални мрежи.
Денес нема шанси младо дете да му стане на постар човек во автобус, а камоли да го персира и да му се обрати со „Вие“. Денес, наместо да му помогнат на соученикот затоа што не знае математика, тие ќе го снимаат и ќе го објават на Тикток, каде што заедно со другите соученици ќе го исмејуваат и деградираат до тој степен тоа дете да посака да посегне по својот живот.
Оттука ни се и огромниот број самоубиства на тинејџери што не го издржале притисокот на „стадото“, кои не биле сфатени сериозно и нивните проблеми не биле навремено откриени.
Мојот покоен татко убаво велеше: „Ако сите скокнат од зграда, и ти ли ќе скокаш?“ Денес гледам дека и тоа како бил во право. Никако не би сакала јас, моите познаници, моите деца, или кој било друг, по цена на сопствениот живот да скокне од зграда, само за да биде дел од шемата и да биде прифатен од „стадото“. Затоа нам, како општество, како институции, но и како родители, итно ни треба сеопфатна стратегија да го превоспитаме тоа залутано стадо и да го насочиме на правиот пат и на вистинските вредности.