Од книгата „Борко Брзозборко“ на Ксенија Макзлиева-Трајчева
Калина седна во клупа покрај Миа и рече:
– Ова лето нема никогаш да го заборавам.
– Навистина, а зошто? – праша љубопитно Миа.
– Поради тоа што…
– Добар ден, добре дојдовте назад во училишните клупи – се слушна гласот на наставничката.
Ќе ти раскажам подоцна… шепна Калина и го исправи грбот.
Не, сега кажи ми – настојуваше Миа – не можам да чекам…
Уште од првиот час шуш-шуш, а Калина? Миа? – праша наставничката.
Калина и Миа се исправија, но главите им беа наведнати, а погледите вперени во подот.
Знам дека не сте се виделе цело лето, но првин да си кажеме добар ден… А што мислите вие?
Миа и Калина молчеа. Во одделението завладеа непријатна тишина.
Наставничката имаше право, ама толку многу имаше за раскажување.
– Сега ќе ја вратиме лентата назад – рече наставничката.
– Каква лента?
Праша некој.
– Филмска – одговори наставничката.
– Ама, наставничке – веќе не постојат филмски ленти, сѐ е компјутерски, дигитално… – се јави Филип, кој беше познат по објавување видеа на Јутјуб.
– Се согласувам, Филип, така е – рече наставничката – но погледни ги Миа и Калина. Сега и со очите „молчат“, иако предмалку…
– Наставничке, мислам дека разбрав – викна радосно Филип – ќе ја вратиме лентата назад, но сега јас ќе снимам…
Наставничката се насмевна и кимна:
– Одиме од почеток – рече и излезе од училницата. Другите останаа зачудени со подзинати усти.
– Значи – се слушна гласот на Филип – кога ќе влезе наставничката, сите ќе ја поздравиме во еден глас, а јас ќе снимам со мојот телефон…
– Ааааа, значи така се враќа лентата назад – рече некој.
Вратата од училницата се отвори. Наставничката влезе насмеана, држејќи го дневникот во левата рака. Како ништо да не се случило рече:
– Добар ден, добре дојдовте назад во училишните клупи…
– Добар ден, наставничке – вратија сите во еден глас.
Наставничката се насмевна и додаде:
– Знаев дека оваа година ќе се вратите поголеми, но сега гледам дека сте станале и поумни. Време е да го снимиме нашиот нов филм за „петто-а“…
А никој не знаеше дека Филип, јутјуберот од „петто-а“, веќе направи повеќе видеа од првиот училиштен ден. И додека другите раскажуваа како го поминале летниот распуст, тој веќе „измонтира“ кратко видео на својот таблет.
– Наставничке, може ли ова видео да го прикачиме на нашата интернет-страница?
– Кое видео? Знаеш ли дека постојат посебни правила за тоа? – праша наставничката.
Филип пријде до катедрата и го вклучи својот таблет. Сите беа љубопитни, но никој не се осмелуваше да стане од своето место.
Наставничката гледаше со насмевка на лицето.
– Ете гледаш, Филип, кога „очите молчат“, тогаш, всушност, најмногу кажуваат. Како велат старите, подобро е да внимаваш, отколку да се извинуваш…
– Наставничке, јас предлагам оваа година да си направиме јутјуб-споменар на нашето одделение. Можеби ќе ни се придружат и другите одделенија… Па, може да направиме избор на најдобри видеа, може…
– Сѐ може, Филип – се согласи наставничката – доколку сите се согласиме. Но, за почеток, дали може да се договориме оваа година да бидеме подобри, поумни и поуспешни од лани?
– Даааа! – одговори „петто-а“ во еден глас.
Наставничката задоволно го затвори дневникот и рече:
– По утрото денот се познава, а јас верувам дека оваа учебна година ќе ни биде убав сончев ден, а вие?
Ѕвоното го означи крајот на првиот час во новата учебна година.
Предизвик: Направете и вие споменар на вашето одделение.
Убавите спомени се најголемо богатство.
За авторката
Ксенија Маказлиева Трајчева е авторка на збирките раскази за деца „Спирко Немирко“ (2014 г.) и „Борко Брзозборко“ (2020), во издание на „Просветно дело“, а во моментот се во подготовка две нови збирки раскази за деца, од кои едната е наменета за најмалите – првачињата.
Таа работи во издавачката куќа „Просветно дело“. Била уредничка на „Другарче“, а во моментот ги уредува „Росица за најмали“ и „Росица за ученици од прво одделение“, како и изданијата за предучилишна и раноучилишна возраст.
Над сто нејзини раскази за деца се објавени во овие литературни списанија за најмладите, а како одговорна и креативна уредничка се потпишала во над 480 отпечатени броеви на списанијата за деца „Другарче“ и „Росица“ и во над 50 книги и прирачници за деца за предучилишна и раноучилишна возраст.
Ксенија Маказлиева Трајчева активно е вклучена во литературни манифестации за деца во земјава и во регионот, како авторка за деца и коорганизаторка на литературни конкурси и книжевни работилници за деца и млади.
Во март 2020 г., меѓународната организација „Грин тинкер сосајати“ ја вбројува меѓу 50-те најдобри уредници на списанија и книги за деца во светски рамки.
Нејзиниот последен ангажман е вклучување во Асоцијацијата на најдобрите наставници од регионот, во организација на „Првата конференција на најдобрите наставници од поранешните југословенски простори“.
Таа соработува на повеќе проекти од областа на еднаков пристап за сите во борбата за издигање на општествената свест за лицата со посебни потреби, особено лицата со аутизам, како и на проекти за борба против насилството од секаков вид, еколошки, едукативни и интердисциплинарни проекти во државата и во странство.