Почетокот на оваа нова ера на британската историја нека означи и почеток на ново поглавје на македонско–британските односи, а би било добро за почеток да ги расчистиме овие најсовремени историски наслаги
Дали и во дваесет и првиот век ќе остане точна досетката на соборениот крал Фарук од Египет дека „еден ден во светот ќе останат само пет крала, четири во шпилот карти и еден во Велика Британија“? Оваа 2022 година историјата одмазднички се врати на светската сцена. Минатата седмица и преку овој простор се простивме од Михаил Горбачов, чии реформи темелно го преобразија светот до таа мера што американскиот филозоф Френсис Фукујама го прогласи „крајот на историјата“, а тивкиот распад на Источниот блок даде ветер во грбот на „теоријата за демократскиот мир“ во меѓународните односи. Требаше само мирно да ја следиме победата на либералната демократија, како најприспособен облик за владеење со човековите заедници и на пазарниот капитализам, како најсоодветен облик за економски натпревар помеѓу слободните поединци. Тука на Балканот веќе на почетокот на 1990–тите сведочевме како историјата ни оддалеку не завршила и нема намера да се повлече од светската сцена, а и искусивме како изгледа „пазарниот капитализам“ без цврста национална државна регулаторна рамка. Човештвото, пак, почека до 11 септември 2001 година за брутална одмазда на историјата и до 15 септември 2008 година кога завршија и сништата за глобалниот пазарен капитализам.
Но да се вратиме на почетокот… Во четвртокот заврши елизабетанската ера во Велика Британија, која траеше од 1952 година, па сè до несреќнава 2022 година – 70 години владеење на британската кралица Елизабета Втора каде што Британија прво ја создаде прочуената држава на благосостојбата и влезе во ерата на државниот капитализам, ја разгради империјата „каде што сонцето никогаш не заоѓаше“, но го создаде Комонвелтот, се повлече „источно од Суец“, ја измисли контракултурата, рок и поп-музиката, ги лансира „Битлси“ како глобален феномен, влезе во Европската економска заедница под раководство на конзервативците, па излезе од Европската Унија, исто така водена од конзервативците, се бореше против АНК на Нелсон Мандела и ги осуди и движењето и него самиот како терористи, за потоа да го пречека како борец за слобода насред Лондон, го изнедри панкот, како врв на контракултурата, се отвори за доселеници од сиот свет, но потоа го породи и современото антимигрантско движење со веќе неславниот говор на Енох Пауел за „реките крв“, за на крајот на даде пример за цела современа Европа како етничкиот идентитет може да се престрои во граѓански и како „британството“ од крвна врска може да стане цврста граѓанска врска помеѓу круната и нејзините поданици, потоа Британија беше предводник на пазарната револуција од 1980–тите години вчелена од Маргарет Тачер и разградувањето на државата на благосостојбата, како и на предавството на социјалдемократијата, овој пат раководено од Тони Блер и неговиот „трет пат“ кога левицата ја издаде работничката класа и стана движење на презаситената западна средна класа. Во меѓувреме Британија го врати Хонгконг, круната на Империјата, на Кина, водеше успешна војна против Аргентина, бесцелни војни во Ирак и во Авганистан, но и цела серија отворени воени и прикриени разузнавачки интервенции во британскиот постимперијален свет и низ други меридијани, вклучувајќи и на Балканот по 1989 година.
Сето ова се случуваше во Британија за време на елизабетанската ера, а притоа таа држава остави траен печат врз светот, во облик на сеприсутниот англиски јазик, но и на британските препознатливи белези, од чајот „ерлот Греј“ и чоколадите „афтер ејт“, преку Шекспир, до Џејмс Бонд, „Секс пистолс“, „Спајс грлс“, сите клубови од Премиер-лигата, но и самата кралица Елизабета Втора, како неизбежен симбол на континуитетот на круната и на империјата.
Изгледа чудно, посебно за нас Македонците како заколнати републиканци, дека е можно да постои монархија и во дваесет и првиот век. Деновиве нема глобален медиум што не го цитираше Черчил, кој ја опишува круната како „загадочната врска, волшебна врска, која го обединува нашето лабаво врзано, но силно испреплетено содружништво на нации, држави и народи“. Но, веројатно, овие пригодни зборови имале некакво значење во Британија од 1952 година, но тешко дека денеска ја имаат истата резонанса. Монархијата е остаток од средниот век, од насилството, нееднаквостите и неправдите на тоа невреме. Не случајно земаме дека модерната историја започнува кога монарсите ги губат кралствата (често и главите), а феудалците неправедно освоените земјишни поседи. Самата идеја на монархијата, односно дека едно семејство е над другите и дека има од „Бога дадено право“ на владеење над сите други членови на една заедница е чудовишно. Додека постојат монархиите, постои нееднаквост и непотизам на самото чело на државата. Токму таа „мистика“ за која зборува Черчил е против сите можно принципи на рационалноста, еднаквоста и слободата врз кои се втемелени просветителството, демократијата и владеењето на правото. Британија едноставно имаше среќа да ѝ се погоди една одговорна личност за монарх, отелотворена во ликот на Елизебета Маунтбатен, родена Виндзор, како шеф на државата. Меѓутоа не постои апсолутно ниту едно здраворазумско толкување за да се оправда постоењето на монархијата во 21 век, освен институционалната инерција и вродениот конзервативизам на Британците да не поправаат нешто што и самото по себе си функционира. Се разбира, тие самите ќе си одлучат дали ќе продолжат со монархијата или ќе изнајдат формула да изберат демократски избран шеф на државата, но за остатокот од светот, се разбира дека републиканизмот останува единствено замислива форма за возглавување на шефот на државата.
Исто така, мора да им се оддаде почит и на одговорните за односи со јавност на британската круна. Не постои брачна двојка во светот, современици на кралицата Елизабета Втора и принцот Филип, што не се идентификува со нивните семејни драми, проблеми со децата и нивните брачни партнери, па со внуците и нивните љубовни врски, со „црните овци“ и со „децата за пример“, едно вечно и постојано ријалити шоу, кое ги користеше сите можни алатки на современиот маркетинг за да се продаде една бајка за една кралица.
Британската империја оставила траги во културната историја на македонскиот народ. Во народниот говор и ден–денес некој „лупа како Максим по дивизија“, а македонските баби од егејскиот дел на Македонија сè уште ги плашат внуците со чудовиштето „Черчил“. Англискиот јазик, пак, е де факто втор јазик во Македонија. Но смртта на кралицата покажа на социјалните мрежи еден огромен анимозитет кај Македонците кон Британија, до ниво на одвратен невкус. Се разбира, сите лични напади, вулгарности и несолени коментари се за секоја осуда. Сепак, станува збор за шеф на странска држава и за жена со семејство што починала, па сите навредливи и непристојни објави не заслужуваат да им се даде посебно внимание. Меѓутоа, не смее да се игнорираат овие сентименти кај македонското јавно мислење. Точно е дека самиот чин на раѓање на современата македонска држава, на 2 август 1944 година, ги содржеше и британското знаме и сликата на Винстон Черчил. Британските воени мисии беа присутни помеѓу македонските партизани. Исто така, за време на британското претседавање со Европската Унија во 1992 година, под палката на Џон Мејџор, беше изнајдена формула за излез на Македонија од меѓународната изолација, а, исто така, при нивното претседавање во 2005 година, под палката на Тони Блер, Македонија го доби статусот кандидат за членство во ЕУ. Влез на секој македонски студент на кој било британски универзитет е гордост за секое македонско семејство, а да не зборуваме за освојувањето на престижната Чивнинг-стипендија. Во самата Британија, пак, веќе постои многубројна македонска заедница, цврсто интегрирана во британското општество. Меѓутоа, остануваат премногу петна во македонско–британската историја, посебно никогаш незаборавените бомбардирање со напалм врз македонските партизани од ДАГ и од СНОФ во грчката граѓанска војна на планините Вич и Грамос, па сè до актуелната британска политика на Балканот од 1990-тите, па наваму каде што не се расчистени голем број контроверзии околу улогата на Британија во критичните точки за најсовремената македонска историја.
Британија во четвртокот ја затвори елизабетанската ера и ја започна каролиншката ера. Чарлс Трети засега е единствениот британски шеф на државата што ја посетил Македонија (Маргарет Тачер останува единствениот британски шеф на Владата што го посетил Скопје). Почетокот на оваа нова ера на британската историја нека означи и почеток на ново поглавје на македонско–британските односи, а би било добро за почеток да ги расчистиме овие најсовремени историски наслаги. Само во современа Република Македонија се негува сеќавањето на злосторствата против човештвото извршени во име на геополитиката врз Македонците во Грција за време на тамошната граѓанска војна, па редно е Британија да се соочи со таа своја историска приказна. А што се однесува до британската политика на Балканот по 1990–тите, би било добро да се преотвори еден искрен дијалог, посебно сега по излезот на Британија од Европската Унија кога е можно ново преобмислување на заемните односи.
Автор:Ивица Боцевски