Ситуацијата во Украина, нерамномерното закрепнување од пандемијата на ковид-19 и сушите, во поголемиот дел од Стариот Континент се здружија во „завера“ за создавање повеќеслојна тешка криза. Сериозната енергетска криза, високата инфлација и нарушените вериги на снабдување генерираат огромна неизвесност во однос на економската иднина на Европа. Како понатаму?

Европа се губи во лавиринтот на актуелната повеќеслојна криза

Европа се соочува со уште еден тежок проблем. Аналитичарите веќе го нарекоа европски инфлациски шок. Тој го вклучи црвеното светло за предупредување, иако оптимистички настроените велат дека „црвениот сигнал засега само трепка“. Но, како и да е, економскиот пад е очигледен. Во краток период се насобраа премногу сериозни фактори за која било одговорна влада да може да седи мирна и да не размислува како да се излезе од оваа повеќеслојна и долготрајна криза.

Криза над кризите, но како да се реагира на кризниот шок?

Ситуацијата во Украина, нерамномерното закрепнување од пандемијата на ковид-19 и сушите во поголемиот дел од континентот се здружија во завера за создавање сериозна енергетска криза, висока инфлација, нарушено снабдување и огромна неизвесност во однос на економската иднина на Европа.
Колку ќе биде лош падот зависи од тоа како ќе се одвива енергетскиот шок и како на него ќе реагираат креаторите на политиките. Минатата недела цените на енергијата достигнаа некогаш незамисливи височини: над 290 евра (291 американски долар) за мегават-час референтен гас што ќе биде испорачан во четвртиот квартал на годината (вообичаената цена пред пандемијата изнесуваше околу 30 евра), и над 1.200 евра за мегават-час за дневна електрична енергија за истиот квартал во Германија (кој порано чинеше околу 60 евра). Со оглед на тоа што гасот е основното гориво на повеќето европски пазари на електрична енергија, тоа ја одредува и неговата цена.
Европската економија влезе во кризава со доста стабилна позиција. Пазарот на трудот сè уште е релативно здрав, со стапка на невработеност од 6,6 отсто – што, според просечните европски стандарди, значи дека економијата е блиску до целосна вработеност. Во наредниве месеци веројатно ќе има раст на платите, бидејќи се одвиваат нови преговори за долгорочните работни договори. На почетокот на војната потрошувачката доверба се намали, но потрошувачката не опадна. Очекувањата за инфлација донекаде стивнаа.

Економист: Три причини поради кои по неколку месеци нештата ќе изгледаат многу помрачно од сега

Сепак, постојат три причини поради кои по неколку месеци нештата ќе изгледаат многу помрачно од сега. Прво, индустријата е под притисок. Пролетва челниците на најголемите европски производители тврдеа дека прекинот во испорака на руски гас би довел до економска криза на континентот. И покрај високите цени, индустриското производство досега остана стабилно.
Делумно, причината за тоа лежи во фактот што компаниите сè уште работат на решавање на заостанатите порачки од минатото – вели Михаел Хутер од аналитичкиот центар „Германски економски институт“.
Меѓутоа, овие заостанати порачки нема да траат вечно, а некои клучни индикатори што гледаат кон иднината се навистина мрачни.
Новите нарачки минус резервите, односно барањата кон фирмите што ги одржуваат во работа, опаднаа во квантитет – вели Робин Брукс од Институтот за меѓународни финансии, кој е економски застапник на разни банки и институционални инвеститори.
Падот го одразува слабеењето на глобалната, а особено на кинеската економија. Како што истакна Брукс, ваквиот пад може да означува пресвртница во економскиот циклус.
Најпогодени веројатно ќе бидат индустриите источно од Рајна. Едно неодамнешно истражување на индустриските раководители во Германија и Австрија укажа на потреба од „стегање на ременот“. Нездравото потпирање на Германија врз кинеските купувачи носи ризик од „влечење удолу“ на побарувачката на стоки во северноевропскиот синџир на снабдување. Се чини дека италијанската индустрија е во слободен пад. Ранливи се и Полска и Чешка, кои стојат надвор од еврозоната. Исклучок од сево ова е Унгарија, каде што производството се шири со едно здраво темпо, благодарение на инвестициите во индустријата за акумулатори, бумот во производството на електрични автомобили и долгорочните договори за електрична енергија (иако некои од нив наскоро ќе завршат).
Втората причина за загриженост е што потрошувачката на услуги ќе се „напнува“ да ја одржува економијата на континентот. Поттикнат од силната сезона во Франција и југот на Европа, кога туристите дарежливо ги трошеа своите заштеди од времето на пандемијата, туризмот даде свој придонес за економскиот раст во текот на летото. Но расположението брзо опаѓа, со оглед на тоа дека потрошувачите го стегаат ременот во подготовките за долгата студена зима. Речиси е сигурно дека овие услуги ќе стагнираат во текот на следниве неколку месеци, а продажбата на недвижнини и транспортот ќе се соочуваат со исклучително ригорозни проблеми.
И конечно, Европа речиси со сигурност ќе мора да се справи со фактот дека енергетскиот шок ќе се совпадне со растот на каматните стапки. Со оглед на фактот што го потцени зголемувањето на цените – како и многу други банки во светот – Европската централна банка сега е решителна во намерата да ја врати годишната инфлација на планираните 2 отсто, по алармантните 9,1 отсто во август. На неодамнешниот собир на централни банкари, организиран од страна на Федералното биро на САД во Џексон Хол, во државата Вајоминг, Изабел Шнабел, членка на управниот одбор на ЕЦБ, кажа дека се залага за наметнување поголеми обврски врз грбот на економијата, за работата да биде успешно завршена.

Се очекуваат и повисоки камати…

Од следниот состанок на креаторите на економски политики на ЕЦБ, закажан за 8 септември, економистите очекуваат банката да ги поткрепи своите акредитиви за борба против инфлација преку значителен пораст на каматните стапки, веројатно за три четвртини од процентниот поен. Во очекување на ваквите мерки, во текот на изминатиов месец пораснаа приходите од европските краткорочни и долгорочни обврзници. Но, и покрај тоа, еврото продолжи да паѓа, израмнувајќи се за првпат во последниве две децении со американскиот долар.
Тоа ја одразува влошената перспектива на европската економија, а како последица на тоа сознание доаѓа и реакцијата од глобалните инвеститори за вложување на своите пари некаде на друго место. Тоа претставува дополнителна грижа за креаторите на политики на континентот, бидејќи послабата валута поттикнува инфлација преку поскапиот увоз, директно удирајќи врз реалните приходи, а со тоа и врз генералната потрошувачка.
Сиве овие случувања сугерираат дека европската економија со сигурност ќе влезе во рецесија, предводена од Германија, Италија и Централна и Источна Европа. Аналитичарите од банката Џеј Пи Морган Чејс за четвртиот квартал од оваа година во еврозоната очекуваат годишни стапки на раст од – 2 отсто, во Германија и Франција – 2,5 отсто и – 3 отсто во Италија.
Економските неволји и високата задолженост на Италија би можеле да предизвикаат нервоза на европските пазари на обврзници. Европските политичари досега потрошија многу време во размислување како да одговорат на разулавените цени на енергијата. Наскоро би можеле да бидат исправени пред уште поголема криза.


Квантен скок на цената на гасот

Прекинот на неодредено време на испораката на руски гас преку гасоводот „Северен тек 1“ повторно ја крена во рекордни височини цената на европскиот гас. Вчера претпладне цената на гасот нагло отскокна, па холандскиот природен гас веќе се продаваше по 281 евро за мегават-час, што е зголемување од околу 72,5 евра, или околу 35 проценти во однос на цената што ја имаше во петокот.
Како главна причина за ваквиот ценовен раст на гасот се наведува фактот што Русија повторно ја стопира испораката преку гасоводот „Северен тек 1“ на неодредено време. Официјално, концернот „Газпром“ како причина ги наведува техничките проблеми, но медиумите и аналитичарите шпекулираат дека зад ваквиот потег се крие обидот на Кремљ да возврати поради блокадите од страна на Западот.
Новите, драстично повисоки цени за многумина се изненадување, особено ако се знае дека минатата недела цената на гасот забележа сериозен пад, како резултат на сознанието дека европските резервоари на гас се полнат со поголема брзина од очекувањата.
Во врска со новонастанатата ситуација се огласи портпаролот на германската влада, Штефен Хебештрајт, кој оцени дека порастот на цената на гасот е „посакувана реакција“ по најавата на рускиот енергетски концерн „Газпром“ да ја прекине испораката преку гасоводот „Северен тек 1“. Германската влада интензивно работи на пребродување на зимата без руски гас, но претстојат тешки месеци, призна владиниот портпарол.
Кремљ, пак, го обвини Западот за запирањето на протокот на руски гас кон Германија. Проблемите настанаа поради санкциите на западните држави, нема никаква друга причина, изјави портпаролот Дмитри Песков вчера во Москва, категорично отфрлувајќи ги сите обиди на Западот, како што рече, вината да ја префрли врз Русија.
Прекинот на испораката на гас од страна на „Газпром“ преку „Северен тек 1“, започнат во средата минатата недела, беше образложен со редовно сервисирање на една компресорска станица и требаше да трае до саботата. Меѓутоа, во петокот вечерта концернот соопшти за протекување гас од една турбина.

Подготвил: Mарјан Велевски