Самит Отворен Балкан во Белград
Вчера во Белград се одржа лидерскиот самит во рамките на иницијативата Отворен Балкан, кој почна со поздравни обраќања на премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Албанија, Еди Рама. Македонскиот премиер Ковачевски ги поздрави сите присутни со зборовите на Хенри Форд – „Зближувањето е почеток, останувањето заедно е напредок, a соработката е успех“.
– Нашето здружување и заедничката работа се моторот што нè турка низ предизвиците на претстојната зима. Денес е јасно дека Северна Македонија, Албанија и Србија направија клучен чекор во клучен момент. Изградивме доверба меѓу пријателските земји. Додека некои мислат дека тоа може да нè оттргне од европскиот пат, мислам дека тоа ќе нè зајакне и ќе им го олесни животот на нашите граѓани – рече Ковачевски.
Тој додаде дека преку договорите ќе се заложи да обезбеди стабилност на снабдувањето со храна.
– Како што треба да прават добрите соседи. Ќе си помагаме меѓусебно за сите предизвици и нарушувања на кои може да се соочиме на земјоделските пазари. Ќе обезбедиме доволно пченица, брашно, пченка, сол и други производи – рече тој.
Ковачевски потенцираше дека е добро што се зборува за соработка во областа на енергетиката, каде што има простор за развој.
– Да се зголеми меѓусебната поврзаност и да се постигне соработка за изградба на зелени извори на енергија. Ќе ја интензивираме и нашата работа во однос на гасната интерконекција. Веќе имаме потпишано договор за заштита во случај на вонредни ситуации – рече македонскиот премиер и потенцира дека му е мило што ги гледа министрите за надворешни работи на Унгарија и на Турција, а се надева дека ќе ги види и претставниците на Грција и на Италија.
– Неопходен е отворен Балкан и се надевам дека ќе продолжиме да напредуваме. Дозволете ми да завршам со спомнување на нешто што го гледаме секоја година на границите со Србија и со Албанија. Во изминатите години воопшто не можев да разберам кога претставници на некои земји, кои немаат граници меѓу себе, доаѓаат овде и финансираат проекти за управување со границите. Мислам дека треба целосно да ги подигнеме рампите – потенцираше Ковачевски.
На самитот дел од ресорните министерства на трите држави потпишаа меморандуми за соработка, и тоа: договори за соработка во областа на механизмите за обезбедување храна во Западен Балкан помеѓу министрите за земјоделство на трите држави, меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности помеѓу министрите за култура и оперативен план во областа на цивилната заштита помеѓу директорите на трите држави.
Паралелно со политичкиот самит, во Белград се одвива меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“. На саемот учествуваат повеќе од 330 изложувачи од 22 земји, а Македонија е претставена со вкупно 42 винарници и три дестилерии, кои пред посетителите ќе презентираат повеќе од 300 различни типови македонски вина и ракии. Овој дел од претставувањето го реализира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во рамките на саемот „Винската визија на Отворен Балкан“ се одржува и натпреварот „Трофеј на виното на Отворен Балкан“ 2022 година. Саемот е одлична можност за поврзување на винските патишта на Балканот и пред високите гости и посетители, како и отворање нови можности за соработка, за обезбедување поголем извоз, откуп и нови пласмани, што позитивно ќе се рефлектира на развојот на домашната економија.
На саемот за вино, храна и туризам под слоганот „Вкуси го животот“, Македонија се претставува со повеќе од десет производители на храна од нашата земја, кои ќе ги претстават автентичните вкусови на македонската кујна.
Македонската туристичка понуда на саемот за вино, храна и туризам во Белград ќе биде претставена преку Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Фокусот е ставен на македонскиот етногастро-туризам (туризам базиран на вино и храна), националните паркови, природните и вештачките езера, заштитените подрачја од УНЕСКО, руралниот туризам и адреналински туризам.
Вучиќ: Економската иднина зависи од успехот на Отворен Балкан
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека економската иднина зависи од успехот на Отворен Балкан, но и од тоа колку мирот и стабилноста ќе бидат зајакнати во регионот.
– Никогаш немало повеќе внимание или енергија фокусирана на успехот на овој проект – рече Вучиќ на отворањето на самитот на лидери Отворен Балкан.
Вучиќ истакна дека успехот на Отворен Балкан е и фактот што Албанија и Македонија ги почнаа преговорите за влез во Европската Унија.
– Успехот на оваа иницијатива не е мал, но можеме да го направиме тоа побргу, посилно и подобро – рече Вучиќ.
Тој изјави дека по воспоставувањето на зелениот коридор за побрза циркулација на прехранбените производи, растот на размената на тие стоки меѓу членовите на иницијативата изнесува 17 проценти.
– Работиме на дополнително намалување на времето на чекање на границите – рече Вучиќ. Истакнувајќи дека односите меѓу земјите-членки на оваа иницијатива се на историско високо ниво, тој изрази желба кон неа да се приклучат и другите земји од регионот.
Чавушоглу: Правиме сѐ за потребите од гас на балканските соседи
– Војната во Европа треба да нѐ разбуди, гледаме колку сме ранливи на разни шокови – доаѓа зима, безбедноста на храната и струјата се заеднички предизвик и тука нема друг рецепт, освен солидарноста. Правиме сѐ да се погрижиме за потребите од гас на балканските соседи. Војната ја потврди важноста од заеднички инвестиции во обновливи извори на енергија и интегрирање на електроенергетските и гасните пазари – изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевљут Чавушоглу, на отворањето на лидерскиот самит Отворен Балкан во Белград. Притоа тој истакна дека Турција продолжува да прави сѐ за спроведување на истанбулскиот договор за жито.
Шефот на турската дипломатија додаде дека Турција гледа на иницијативата Отворен Балкан како на мост меѓу Балканот и ЕУ.
– Во минатото проширувањето беше една од најуспешните политики на ЕУ. Но Унијата почна да гледа навнатре и тесните политички интереси надвладеаја над проширувањето. Никој не може да објасни зошто Македонија и Албанија чекаа толку долго. Им честитаме на двете земји за почетокот на преговорите за пристапување. Драматично е што војната во Европа нѐ потсети за важноста на проширувањето и се надевам дека нивното искуство ќе биде поинакво од нашето. Се надеваме дека Отворен Балкан ќе ја забрза европската интеграција на регионот и се надеваме дека повеќе земји ќе ѝ се приклучат на иницијативата Отворен Балкан – рече Чавушоглу.
Подготвил: Марјан Велевски