„Нова Македонија“ со повеќе написи објавува каде се и што работат нашите некогашни најдобри дипломци
ОБРАЗОВАНИЕ – Каде се некогашните најдобри студенти?
Некако убаво ми е ова топло, летно, и во моментов искулирано време, да размислувам од каде почнав; а пак истовремено ми е и малку мачно, се прашувам каде ќе бев сега да направев поинаков избор. Веројатно со истата состојба на умот, само на поинаква платформа.
Вака зборува Ивана Васева, која заврши со просек десет на Факултетот за историја на уметност на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
– Точно се сеќавам на денот на доделувањето на дипломите кога прва ме прочита деканот да ми ја врачи дипломата. Се чувствував гордо, а истовремено и некако зашеметено, од таа церемонијалност без реална конекција, затоа што бев со највисок просек меѓу сите тие студенти што ја добиваат дипломата тој ден, а јас веќе работев во еден локален дневен весник, пишував за култура, со минимален хонорар, без здравствено и пензиско осигурување. Сѐ ќе беше можеби и неважно, затоа што бев млада и почетничка во тој момент, но работите останаа исти во наредните три години. Иако уште на почетокот на студиите еден од професорите ни посочи дека ова е знаење за луксуз, а не за живејачка, сепак одлучив да ја следам сопствената интуиција, која знаев дека некаде ќе ме води и дека ќе ми го открие непознатото, ќе ми разбистри некоја љубопитност, и ќе добијам одговори на прашања кои многу ме окупираа во тој период… Многу наивност, но и многу искреност – раскажува Васева.
Кога се сеќава на своите факултетски денови, вели дека тоа го прави со радост, но дека од денешна перспектива гледа многу недостатоци во образованието.
– Факултетот во мојата меморија е една пауза од забрзана локомотива на потрагата по одговори, на постојано (себе)барање и експериментирање, лутање и повторно (не)наоѓање. Се сеќавам на уписниот рок, на голема возбуда во мала библиотека, а подоцна и на мојата другарка Тина, која за тој ден ми рече дека сфатила дека ќе се дружиме зашто сум носела црн лак за нокти. Факултетот беше сив и тесен, стар и нереновиран, прикрпен, со постојани реадаптации и транзиции. Во таа модернистичка зграда, едно од ремек-делата на југословенскиот модернизам (нешто што подоцна го сфатив бидејќи архитектурата беше сведена на многу оскудни факти за неколку згради), своето знаење го добивав од просторија што ја викавме бункер, понекогаш ама ретко од просторија со прозори, понекогаш со слајдови, а најчесто со прелистување на книги од каде ја „гледавме“ уметноста. На таа катедра имаше професори што имаа и сѐ уште имаат особено сериозен и темелен пристап кон тоа што го работат и тоа го пренесуваат на студентите, но за жал, немаше систем како целина која би ја формирала сликата за една или повеќе историја(и) на уметност. Каква и која историја и која уметност? Но засекогаш ќе мислам со доза на ведрина и убави сеќавања на многу другари од таму, со некои и сѐ уште се дружиме, на мојата другарка Кате со која заедно ги учевме речиси сите испити, Тина, Ацо, Мишко, Влатче, Тања, Наташа, Бојан, Ивче,Тони, Марина, Владо, Томе…а со некои од нив и за првпат, по долго време, тогаш направивме студентска соработка со Факултетот за ликовна уметност на правење изложби заедно – вели Васева.
После факултетот таа се специјализира во Амстердам, Холандија, каде што добива една сосема друга перспектива за сето она што дотогаш го знаела.
– Зашто е тоа така, сфатив нешто подоцна додека специјализирав и живеев со девојка од Сингапур. Имајќи знаење за развојот на уметноста на Југоисточна Азија само сетив дека историјата не тече со истиот универзалистички, линеарен хронолшки след и дека таму се случувало нешто сосема друго. Чувствувам дека сега токму тој пристап, да беше присутен на факултет ќе ни отвореше поинави врати на перцепција, сосема поинакви кодови на распознавање, солидаризирање, работење и градење. Зборувајќи од позиција на примарен интерес за современа уметност, развојот на македонската култура, разгледуван како таков, а не како културата во Македонија, со форсирање на разновидни факти за западноевропскиот и американскиот уметнички светоглед, е сосема недоволен без паралелни разгледувања што се случувало во регионот (југословенската култура, па македонска), без пошироките случувања во општествено-политичкиот контекст, без знаење од областа на архитектурата, без теориско и критичко контекстуализирање. Токму ова нека стои тука како потсетување за знаењето и незнаењето, а со тоа стручноста и нестручноста, одговорноста и етичноста и какви сѐ ипликации тоа може да има во иднината – зборува Васева.
Васева на специјализацијата открила сосема поинакви вредности и перпективи во светот на уметноста.
– Специјализацијата ме поврза со Сане, Чини, Алек, Катја и Антониа и тука научив за политичноста на уметноста, но и за партискополитичките влијанија на уметноста, за универзалистичиот поглед кон уметноста и за многуте, различни модернизми, за антиколонијалните борби, маргинализацијата, експлоатацијата и многуте отпор(и)… Се опремив со аналитички и критички алатки, компаративни читања и анализи и го докомпелтирав средношколскиот систем на вредности, но и знаење како да го одучам она што го знаев и каде да побарам одговори зашто сме сега такви какви што сме. Ми се чини дека еден од „аирите“ што ги имав тогаш од факултетот е дека секогаш знаев кое дело на кој автор е, и кој автор работел во кој период – додава Ивана.
Васева во последните десет години работи во организацијата „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ како програмска директорка и кураторка, но многу често работи и како фриленс.
– Во овој факултет, во кој работите не се учат, односно се одучуваат и одново се научуваат преку процес на културна еманципација, го лоцирам моето работење, но и мојата постојана професионална и животна надоградба. Точно разбирам дека многу од работите што ги учев на факултет, ги одучував на мојата специјализација по кураторство на престижната кураторска програма на Де Апел во Амстердам, а уште повеќе ги одучувам сега, во контекстот што го работам – вели Васева.
Таа е една од организаторките на фестивалот за современи уметности „АКТО“.
– Се надевам дека нашите заложби ќе овозможат во блиска иднина вонинституционалната сцена повеќе да се доближи до институционалната, и ќе се намали разликата во финансирањето и градењето на егалитарна сцена – заклучува Васева.