Во секоја земја може да се најдат посебни и прекрасни нешта. Кина како повеќеилјадна цивилизација се одликува со грандиозни проекти и незаборавни глетки. Меѓу нив може да се вбројат мавзолејот на кинеската династија Танг и Лонгменските пештери со десетици илјади статуи на Буда. Знаменитостите на Кина немаат крај
Ксинје – национално историско-културно
кинеско село
Ксинје е основана во 1219 година, за време на кинеската династија Јужен Сонг. Селото е познато по својата добро зачувана архитектура од ерата на династиите Минг и Ќинг и древните објекти. Исто така е познато по одржувањето церемонии за почитување на предците на годишниот фестивал „Шангси“, древна традиција што денес ја практикуваат само неколку заедници во Кина, вклучувајќи го и Ксинје. Во 2010 година беше прогласено за национално историско-културно село на Кина. Во Ксинје има 16 сали што им се посветени на предците и 230 антички живеалишта што се добро зачувани. Селото е прогласено за најголем отворен музеј на антички живеалишта во Кина. Архитектонскиот стил е сличен на оној на блискиот историски регион Хуижоу.
Оддалечената планинска локација на селото и силното чувство за кланска припадност се главните причини за одлична конзервација на архитектурата и културата. Главна религиозна практика на селото е традиционалното почитување на предците, а повеќето од храмови во селото им се посветени на предците или на клановите. Жителите на селото одржувале детална генеалошка книга низ вековите, која официјално се ажурира еднаш на секои 60 години, придружена со голема церемонија.
Повеќето региони во Кина ја слават Кинеската нова година како главен годишен фестивал, но во Ксинје најважниот фестивал е „Шангси“, кој се паѓа на третиот ден од третиот месец од кинескиот календар. Шангси е древна традиција, која денес ја практикуваат само неколку локални заедници во Кина. Прославата вклучува и ритуална процесија долга три километри до храмот „Јукван“, а во многу храмови се одржуваат церемонии на почитување на предците.
„Кјанлинг“ – мавзолејот на кинеската династија Танг
Мавзолејот е од 684 година, од времето на моќната кинеска династија Танг. Тој се состои од комплекс на гробници во кои се сместени посмртните останки на разни членови на царската династија Танг. Тука биле сместени останките на императорот Гаозонг, како и неговата сопруга Ву Цетиан, која го презела тронот и станала единствената жена во историјата на Кина што владеела како царица. Мавзолејот е познат по многуте камени статуи лоцирани над земјата и муралните слики што ги красат подземните ѕидови на гробниците.
Еден дел од гробниците е украсен со мурални слики. Историчарката Мери Х. Фонг наведува дека муралите на гробниците во подземните сали се создадени од анонимни, но професионални сликари, а не од познати дворски сликари. Иако првенствено станува збор за е погребна уметност, Фонг тврди дека за овие мурали на гробниците се потребни дополнителни истражувања, укажувајќи дека муралите се поврзани со школите на познатите сликари од периодот на династијата Танг. Уметниците на муралите всушност ја продолжиле и усовршиле сликарската традиција на познатите кинески школи.
Мери Х. Фонг вели дека „Гардата на палатата“ и „Двајцата седечки придружници“, ѕидни слики во гробницата на принцот Џанг Хуаи, се особено истакнати во овој поглед. Не само што се постигнати релативните разлики во возраста туку евидентно е дека офицерот на стражата, кој стои, покажува став на почитување и самоувереност, а седечката двојка има сериозен разговор.
Лонгменски пештери – најдобар примери на кинеската будистичка уметност
Лонгменските пештери се наоѓаат 12 километри јужно од денешен Луојанг, во провинцијата Хенан, Кина. Тие изобилуваат со најдобрите примери на кинеската будистичка уметност – десетици илјади статуи на Буда и неговите ученици, слики и релјефи. Има околу 100.000 статуи, кои се сместени во 2.345 пештери. Исто така постојат и околу 2.500 стели и натписи, како и над шеесет будистички пагоди. Лонгменските пештери се прогласени од УНЕСКО за споменици на светското културно наследство.
Експертите посочуваат дека скулптурите се извонредна манифестација на човековата уметничка креативност, како и уметничка форма што одиграла многу значајна улога во културниот развој на Кина и Источна Азија. Кинеската држава презеде соодветни чекори за зачувување на Лонгменските пештери, во согласност со статусот на светско наследство.
Змеј – еден од најзначајните симболи на Кина
Змејот е митско животно и еден од најзначајните симболи на традиционална Кина. Тој е симбол на просперитетот и среќата, олицетворение на космичката сила јанг и божество на водата во кинеската митологија. Постојат различни описи за тоа како изгледа кинескиот змеј. Еден од најдеталните описи вели дека змејот има рогови на елен, глава на кинески еднорог, очи на зајак, врат на змија, стомак на риба, канџи на јастреб, шепи на тигар, лушпи на крап и уши на бивол.
Кинескиот народ се смета себеси за потомок на змејот, а низ светот змејот се смета за национален симбол на Кина. Меѓутоа, денес во Кина многу ретко се користи како национален симбол, пред сѐ поради неговата монархистичка конотација, но и поради поврзаноста со воинствената симболика, што е спротивно од надворешната политика на современата кинеска држава. Кинескиот змеј е поврзан со водата и затоа се разликува од европските змејови, кои се претставени како огнени суштества. Во кинеската митологија, змејот владее со водопадите, реките, морињата и езерата. Змејот го контролира времето и предизвикува дождови. Бидејќи змејот е поврзан со водата, бил почитуван како божество во традиционална Кина.
Змејот е олицетворение на јанг и затоа е симболика на машкоста. Меѓутоа, во кинеската митологија се сретнуваат и женски змејови, но најчесто се вели дека женскиот пандан на змејот е феникс. Женските змејови обично се прикажуваат како помали, со потесно тело, потенки рогови, со тело во кружна или позаоблена положба. Како олицетворение на машката космичка сила на јанг, змејот беше симбол на императорот и на повеќето кинески династии. Царскиот престол бил наречен змејски престол, а на царската круна имало и змеј. Само на императорот му било дозволено да носи облека со мотив на змеј. Прекршокот бил казнив со смрт. Симбол на царицата била митската птица феникс.