Изготвени се соодветните материјали од кои треба да учат учениците во прво, второ, четврто и петто одделение од 1 септември, додека не стигнат новите учебници, согласно новите наставни програми, информираат од Бирото за развој на образованието (БРО) .
Иако наставните програми се готови, сепак, се поизвесно е дека новите учебници ќе доцнат во првите месеци од учебната година. За таа цел БРО изминатиот месец ги подготвило сите соодветни материјали од кои треба да учат учениците додека не ги добијат новите учебници.
– За сите предмети за прво, второ, четврто и петто одделение се изготвени соодветни материјали испечатени во една книга, поединечно за секое одделение, со цел децата да можат да учат првите два месеци од новата учебна година. Тие ќе бидат доставени во училиштата од 1 до 5 септември – велат од БРО.
Јетон Шаќири, министер за образование и наука веќе посочи дека ако има ситуација печатените учебници да задоцнат, ќе има печатени материјали кои ќе се дел од тие учебници за првото тримесечје од новата учебна година.
– Тоа се наставни ливчиња кои наставниците им ги даваат на учениците на час, а на кои има лекција што треба да се научи или вежби и домашни задачи – рече министерот.
Новите учебници се во различни фази на подготовка
Министерството за образование и наука изминатиот месец информираше дека учебната 2022-2023 година ќе започне на 1 септември, како и дека во соработка со Бирото за развој на образованието и другите надлежни институции и партнери интензивно работат на обезбедувањето на сите неопходни услови за успешен почеток и тек на наставата.
– По воведувањето на нови наставни програми за учениците од прво и четврто одделение минатата учебна година, сега нови наставни програми се подготвени и за второ и петто одделение, а во фаза на изработка се и нови учебници врз основа на истите, по сите предмети во соодветните одделенија. Сите постапки за одобрување на учебниците за прво, вторo, четврто и петто одделение за кои се изготвени нови наставни програми, се во различна завршна фаза на одобрување, така што, при евентуално пролонгирање на постапките и по стартот на учебната година, учениците ќе го совладуваат знаењето преку подготвени соодветни материјали, додека не ги добијат новите учебници. За останатите одделенија, набавката на учебници со откуп исто така е во завршна фаза и се очекува да бидат дистрибуирани до училиштата кон крајот на овој месец – посочија од МОН.
Министерството информира дека сите учебници за четврто и погорните одделенија, освен во печатен формат, ќе бидат достапни и во електронска верзија на порталот e-ucebnici.mon.gov.mk.
Дигиталните учебници предизвикаа незадоволство кај родителите
Инаку, минатата година за првачињата имаше печатени учебници.
За четвртоодделенците, пак, беше одлучено да учат само од електронските верзии, со објаснување дека дигиталното образование е иднината. Оваа одлука предизвика многу незадоволство и протести на родители, кои сами ги печатеа учебниците.
Одлуката на МОН тогаш беше дека според новата концепција, печатени учебници ќе има само за најмалите ученици од прво до трето одделение, додека трае процесот на описменување. За останатите оддленија беа предвидени исклучиво учебници во електронска верзија.