Фото: Маја Јаневска-Илиева

Резимирајќи илјадници граѓански ставови и одговори за условите и околностите за реализација на досегашните и отсегашните предизвици за уставни измени, дилемата што се наметнува е дали по евентуална сегашна разврска во Собранието (со изгласување или неизгласување на измените) ќе се затвори тоа прашање во однос на ЕУ-моделирањето на Македонија, односно на кој начин и во која насока ќе продолжи нашата „приказна без крај“?!

ЕУ И МАКЕДОНСКИОТ УСТАВ, ДОСЕГАШНИТЕ УСТАВНИ МОДЕЛИРАЊА И НОВИТЕ ПРЕДЛОЖЕНИ УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Условот за уставни измени, поставен во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ според т.н. француски предлог, за целосно да биде отворен преговарачкиот процес, во македонската јавност беше дочекан како нова фрлена ракавица од ЕУ за прифаќање на европско-бугарскиот ултиматум, со кој години го држеа во заложништво целиот процес на проширување на Унијата. Идејата на уставните измени е внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, без никакви обврски за реципроцитет (од бугарска страна) за признавање на македонското малцинство во таа земја. Тоа разви силен револт кај поголемиот дел од македонската јавност, вџашеност кај многу светски експерти по меѓународно право, но и сериозен предизвик за македонските власти. Предизвикот има вкус на уцена од ЕУ, по изјавите на еврофункционерите дека без спроведување на уставните измени, Македонија всушност самата си го блокира евроинтегративниот процес, зашто без тоа, и по завршениот скриниг-процес, нема да започне отворањето на поглавјата во преговорите. Она што ја вознемирува македонската јавност во барањето Бугарите (и некои други малцинства) да бидат додадени во преамбулата на Уставот се провокациите од Бугарија што таквиот македонски гест го претставуваат како нов и се порешителен чекор за деноминација и денационализација на македонската нација, овој пат со евробугаризација на Македонците. А од друга страна, тотално се замижува за секое барање за спроведување на 17-те пресуди на Европскиот суд за човекови права за регистрација на македонските здруженија во Бугарија, вешто се избегнува од бугарска страна и се толерира од ЕУ!?

Шкариќ: Може да се наметне и потреба да се менува целата преамбула од Уставот

Универзитетскиот професор по уставно право Светомир Шкариќ го изразува своето сомневање во однос на брзината на изведување на бараните уставни измени, но и на ефикасноста на решението што ќе следува.
– Тоа што опозицијата брза и ѝ порачува на Владата да даде предлог за уставни измени до Собранието, а притоа кажува дека нема да гласа за измените, не е никакво трајно решение со кое би бил надминат предизвикот што на Македонија ѝ е поставен како услов за започнување на преговорите со ЕУ. Прво, неверојатно е да се очекува дека власта ќе го прифати предизвикот, а ако опозицијата со веќе искажаните ставови даде предлог до Собранието од своите пратеници, тоа би требало да биде предлог за неприфаќање на уставните измени, што е своевиден парадокс. Сепак, дури и да поминат сите процедури и да биде отфрлен предлогот за уставните измени, и понатаму практично секој ден можат да се поднесуваат нови иницијативи. Така што неизвесно е каков политички развој во Македонија ќе предизвикаат обидите за спроведување на уставните измени. Веќе како посебен предизвик се наметна како да се формулираат малцинствата, односно каква уставна терминологија да се употреби за досегашната синтагма „делови од народи“, кои изразија барање да бидат внесени во преамбулата на Уставот. Може да се наметне и потреба да се менува целата преамбула од Уставот, поради терминнолошкиот предизвик како во неа да се внесат Евреите и Торбешите – вели професорот Шкариќ.
Иако преамбулата не е поврзана со нормативниот дел од Уставот, според професорот Шкариќ, таа сепак го изразува духот на Уставот. Со сите предизвици за Македонија што ги предизвика токму уставната преамбула, се појавуваат и идеи за „сечење на Гордиевиот јазол“, кои не го отфрлаат размислувањето за нејзино отстранување од Уставот.
– Преамбулата можеби не е дел од нормативите на Уставот, но го одразува неговиот дух. Дури и да сакаме, сега не можеме да се ослободиме од преамбулата, како некакво решение за политичките предизвици што ѝ се поставени на Македонија. Поразувачки е тоа што сите „делови од народи“ што сакаат да влезат во преамбулата на македонскиот устав, главниот мотив е да влезат во квотата за вработување по етнички клуч – вели професорот Шкариќ и предупредува дека пред да биде донесена каква било одлука за уставните измени, во Македонија треба да се направи внимателна процена на расположението на Европската Унија за продолжување на процесот на проширување.

Се исклучува ли можноста за нова собраниска иницијатива за отворање на Уставот, по евентуален неуспех на првичната иницијатива?

Резимирајќи ги условите за реализација на предизвикот за уставните измени, дилемата што се наметнува е дали според законската регулатива, по евентуалната разврска во Собранието со (не)изгласување на измените, се затвора целосно тоа прашање, без оглед на условите од ЕУ. Односно дали се исклучува можноста за нова собраниска иницијатива за отворање на Уставот со цел дополнување на преамбулата со други малцинства, по евентуален неуспех на првичната иницијатива?
– Во принцип, нема уставни ограничувања за поднесување предлог-иницијативи во Собранието за измени на Уставот, дури и претходно да не поминала некоја слична. Но евентуалното неизгласување на еден предлог, во конкретниот случај на уставните измени за внесување нови малцинства во преамбулата (со силен акцент на Бугарите), е доволно за да се истакне и легитимира неприфаќањето на јавноста на наметнатите решенија за тоа прашање. Сепак, не верувам дека власта ќе ја отвори постапката за уставни измени во Собранието, додека не е сигурна дека ги има потребните гласови за нивно усвојување, и покрај предизвикот што ѝ го упатува опозицијата. Освен тоа, и да се отвори постапката, не постојат рокови кога таа треба да биде завршена. Единствен рок што постои во постапката за уставни измени е поврзан со почетокот и времетраењето на јавната расправа, која започнува кога ќе биде изгласан предлогот за потреба од уставни измени, која треба да започне најдоцна по еден месец и да трае еден месец. Меѓутоа за сите други процедури постојат можности за деловничко одложување – вели професорката по уставно право на Правниот факултет при УКИМ, Татјана Каракамишева-Јовановска.
Професорката укажува на моментот дека поврзувањето на рокот за спроведување на уставните измени, со завршување на процесот на скрининг на усогласеноста на македонското со европското законодавство, ноември 2023 е нереален. Прво, зашто скринингот сѐ уште не е започнат и нереално е да се очекува да заврши за една година. Затоа е потребно мудро водење на политичкиот процес, за да се избегнат стапиците на фрлената ракавица од ЕУ со условувањето за уставни измени со продолжување на преговарачкиот процес.