Фото: Маја Јаневска-Илиева

Екипата на „Нова Македонија“ направи широка обиколка низ градот и обрна особено внимание на користењето мобилни телефони од страна на граѓаните, кои како пешаци се вклучени во сообраќајот. За жал, заклучоците се поразувачки. Речиси секое второ младо лице преминува улица со телефонот во рака. Со очи вперени во мобилниот, воопшто не обрнува внимание на другите учесници во сообраќајот, ни на преостанатите пешаци, како ни велосипедистите што ја преминуваат улицата. Токму пред нашите очи, една млада девојка се удри во велосипедист, како последица на одземено внимание од мобилниот телефон, по што изби инцидент. Момчето што го управуваше велосипедот нервозно извика, по што, таа во своја одбрана дрско му одговори дека „тој требало да отвори очи“

МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ СЀ ПОВЕЌЕ ВЛИЈААТ НА БЕЗБЕДНОСТА НА НАЈРАНЛИВАТА ГРУПА ВО СООБРАЌАЈОТ

Користењето мобилен телефон ни стана поважно од безбедноста, таков е впечатокот доколку обрнете внимание на пешаците низ метрополата. Доколку фрлите поглед на пешаците, ќе забележите дека ретко кој од нив ќе ве погледне во очи или, пак, ќе обрне внимание на патот пред него. Сите гледаат во своите мобилни телефони. Некој пишува, некој чита, а факт е дека сѐ поголема е бројката на оние што наместо да гледаат пред себе, гледаат во екраните на своите мобилни телефони. Можеби еден од најголемите проблеми е тоа што на истиот тој начин се преминуваат и улици, постапка што, за жал, многумина од нив може да ги чини живот.

ОЧИ ВПЕРЕНИ ВО МОБИЛНИОТ ТЕЛЕФОН И ОКОЛИНА НА „ИГНОР“

Колку пати сте биле сведок на ситуација во која пешак се удрил во вас само затоа што гледал во својот мобилен телефон? За жал, ваквите ситуации се доста чести во главниот град. Екипата на „Нова Македонија“ направи поширока обиколка низ градот и обрна особено внимание на ваквите ситуации. За жал, заклучоците се поразувачки. Речиси секое второ младо лице преминува улица со телефонот во рака, со очи вперени во него, воопшто не обрнувајќи внимание на другите пешаци, како и на велосипедисти што ја преминуваат улицата.
Токму пред нашите очи, една млада девојка се удри во велосипедист, како последица на својот мобилен телефон, по што изби инцидент. Момчето што го управуваше велосипедот нервозно извика, по што таа во своја одбрана дрско му одговори дека „тој требало да отвори очи“.
За жал, ова не беше единствена ваква ситуација. Посведочивме и на ситуација во која младо момче се удри во светлечки столб поради тоа што гледаше во својот мобилен телефон. Исто така имаше еден инцидент во кој на дополнително зелено светло за возила на семафорот, девојка ја премина улицата, воопшто не погледнувајќи на улицата дали доаѓа автомобил. За среќа, не се случи поголем инцидент, бидејќи возачот застана на пешачкиот премин.
Илјадници се ваквите случаи во метрополата. За жал, за ваквото крајно неодговорно однесување на пешаците не постојат никакви казни што би ги санкционирале пешаците, кои, пак, како зомби се движат низ градските улици.
Ова е доста голем проблем насекаде во светот, не само кај нас, за што се посветени голем број апели и кампањи.

НЕ Е СЀ ДО ЗАКОНОТ

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) речиси секојдневно реализира голем број кампањи за заштита на учесниците во сообраќајот. Сепак, за жал, за оваа категорија учесници во сообраќајот, и оттаму немаат што многу да коментираат. Портпаролот на РСБСП, Дејан Андоновиќ, вели дека не секогаш сѐ зависи од казните. Понекогаш, како што вели тој, сѐ зависи и од сообраќајната култура.
– Потребно е да се издигне нивото на сообраќајна култура, не мора сѐ да биде регулирано со закон и со санкции. Самите треба да ја издигнеме свеста. Законски, употребата на мобилен телефон е казнива доколку се наоѓате зад управувачот на автомобилот, но доколку не сте, нема законска одредба и нема како да бидете казнети. Мора да потенцирам дека не е сѐ во законот и до законот, потребни се етика, морал, јавна свест. Ние работиме на издигање на јавната свест, меѓутоа тоа оди многу бавно и треба време – вели Андоновиќ.

[email protected]