Фото: Маја Јаневска-Илиева

Владата на Полска следната недела ќе го претстави извештајот за пустошот што ѝ бил нанесен на земјата поради нацистичката окупација за време на Втората светска војна и ќе побара од Германија да ѝ исплати обесштетување.
Истиот пример треба да го следи и Македонија и да побара обесштетување од Бугарија. Не може само за Македонија да не важи и да не се признава бугарското фашистичко минато. Впрочем, Бугарија како дел од силите на фашистичката оска и самата ја има признаено својата деструктивна улога и беше обврзана на поранешна Југославија да ѝ исплати репарации во висина од 650 милиони тогашни американски долари, во најголем дел поради штетите и жртвите предизвикани токму во Македонија. Договорите за исплата на репарации не застаруваат и Македонија треба само да го реактивира тоа барање врз основа на тој договор од 1945 година, тврдат аналитичарите

МАКЕДОНИЈА ДА ГО СЛЕДИ ПРИМЕРОТ НА ПОЛСКА И ДА ПОБАРА ОБЕСШТЕТУВАЊЕ ОД ПОРАНЕШНИОТ ФАШИСТИЧКИ ОКУПАТОР

Македонија изминатите години е под засилен бугарски притисок да ја негира сопствената антифашистичка војна и да прифати дека Бугарија не била на страната на фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна. Да биде апсурдот уште поголем, Бугарија сега се претставува како некаков администратор, а не како фашистички окупатор на македонските територии, иако вистината е сосема поинаква и постојат голем број историски факти и докази за тешките злосторства и окрвавените бугарски раце на територијата на Македонија.
И додека македонските власти како да потклекнуваат пред притисоците од Софија, некои европски држави воопшто не се стеснуваат јасно да ја посочат Германија како нацистички окупатор, и по повеќе од 75 години од крајот на Втората светска војна, и натаму бараат оваа земја да плати репарации за злосторствата и разурнувањата што ги предизвикале нацистите.
Имено, полската влада следната недела ќе го претстави извештајот за пустошот што ѝ го нанесе на земјата нацистичката окупација за време на Втората светска војна. Процените се дека како резултат на воените дејства во Полска загинале близу шест милиони Полјаци. Истражувањето спроведено минатата година покажа дека 64 отсто од анкетираните го поддржале барањето за исплата на репарации од Германија за штетата направена на Полска.
Инаку, Германија и ден-денес продолжува да им исплаќа репарации на семејствата на жртвите од фашистичкиот режим, признавајќи ја сопствената вина за холокаустот.
И додека Полска, Израел и другите земји можат отворено да си ги побараат правата за исплата на репарации поради фашистичките злодела на Германија за време на Втората светска војна, Македонија не смее ниту да спомене дека на нејзина територија имало фашистички окупатор, во лицето на тогашна Бугарија.
Ако една Полска може да си дозволи да упати барање за репарации до Германија, водечка членка на ЕУ, тогаш нема причини зошто и Македонија да не го направи истиот чекор, со оглед дека и таа беше дел од антифашистичката коалиција што се борела против оската Берлин – Рим – Софија.

Впрочем, Бугарија како дел од силите на оската и самата ја призна својата деструктивна улога и беше обврзана на поранешна ФНР Југославија да ѝ исплати репарации во висина од 650 милиони тогашни американски долари, во најголем дел поради штетите и жртвите предизвикани во Македонија.
– Тешко е да се очекува дека Бугарија ќе прифати да исплати некакви репарации кон Македонија кога продолжува да употребува наратив дека таа само администрирала со нејзините територии што ѝ биле насила одземени. Едноставно, за Бугарија Македонија е бугарска територија и никогаш нема да отстапи од тоа – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
За него, ова што сега го прави Полска и нејзиното барање до Берлин за исплата на репарации е само заради потврда на својата политичка тежина, развојна линија и угледот што сака да го има Полска во ЕУ, дури и можеби да се заштити за некои процеси што Унијата сака да ги поведе кон неа.

– Битна разлика меѓу Германија и Бугарија е тоа што Германија признава вина. Тешко е да се поверува дека Германија ќе ѝ исплати репарации на Полска, но барем не негира дека таа била окупатор врз оваа земја. Од друга страна, Бугарија ниту признава дека била дел од фашистичката оска, а најмалку признава вина за окупацијата и злосторствата на територијата на Македонија, бидејќи и во Втората светска војна и денес таа ја смета за нејзина одземена територија. Постои тој момент на непризнаена вина, бидејќи како што влегла во тој социјалистички блок, вината не ја презела, туку се гордее со победата на Советскиот Сојуз над фашизмот и така како помал субјект во тој процес на фашизација на животот на овие простори, едноставно не се нашла на дневен ред. Ако Бугарија е толку силна и моќна, зошто не отвори прашање за делот што го владеела во Србија или, уште повеќе, ако е цела Македонија нејзина, како што тврдат тамошните политичари, зошто не го отвори прашањето и за делот што ѝ припаднал на Грција со Букурешкиот договор – прашува професорот Андревски.

Тој смета дека Бугарија ќе продолжи да ја малтретира Македонија врз основа на два големи процеса, едниот голем процес е нивното неоткажување од земјава, а вториот процес е што во Македонија има незначителни, но присутни сили што постојано ја охрабруваат бугарската страна да го прави ова што го прави.
– Ние постојано сме на разни крстопати и затоа Бугарија се однесува вака. Сега се наметнува наративот дека Бугарите не ги депортирале Евреите од земјава. Па, кој можел да ги депортира кога во војската, полицијата, целата власт била бугарска. Па, денес и во самата Бугарија, со мали незначителни отпори, не се признава дека биле фашистичка држава. Во една таква констелација, речиси е невозможно да се споменат некакви репарации, или, пак, да се посочат како фашистички окупатор врз земјава. Македонија има многу пречки внатре за да може сето тоа да го операционализира и да очекува од тоа да има некаков ефект. Ние самите внатре не успеавме да се доорганизираме и да настапиме достоинствено во односите со Бугарија – заклучува професорот Андревски.
Ставот на историчарот Тодор Чепреганов е дека нема ништо спорно Македонија да побара исплата на репарации од Бугарија, бидејќи оваа земја претходно го признала учеството во фашистичката оска, а договорите за исплата на репарации не застаруваат.

– Тие договори за репарација остануваат да важат. Македонија може тоа да го направи кон Бугарија, односно да го реактивира барањето за исплата на репарации врз основа на тој договор од 1945 година. Ако не ги платиле репарациите тогаш кога требало, треба и овој начин да го примениме и да ги потсетиме на нивната вистинска улога за време на Втората светска војна – смета Чепреганов.
Негово мислење е дека Бугарите едноставно гледаат да се исперат од сите зла што ги направиле во Македонија и да го исперат сопственото фашистичко минато.
– Ако нема фашизам, нема да има ниту репарации – потсетува Чепреганов.