Документите се особено значајни ако се земат предвид последните активности на бугарската држава, која се обидува да го негира постоењето на македонското малцинство, како во Бугарија така и во околните балкански држави. Споменатите документи го докажуваат постоењето на македонскиот народ надвор од матичната држава, но и ги разобличуваат бугарските апсурдни активности
Од декласифицираните информации на архивата на американската разузнавачка служба
Архивата на американската разузнавачка организација ЦИА изобилува со голем број документи, извештаи и анализи што го нотираат постоењето на македонското малцинство во Бугарија, Србија, Албанија и во Грција, но и на Македонците во некои други европски држави. Документите и извештаите потекнуваат од втората половина на 20 век. Тие се пишувани врз основа на добиени податоци од терен, односно од соработниците и информаторите на американската тајна служба. Благодарение на декласификацијата, овие документи сега ѝ се достапни на јавноста.
„Нова Македонија“, истражувајќи во огромната декласифицирана архива на ЦИА, пронајде неколку документи и извештаи што јасно го посочуваат на постоењето на Македонците надвор од границите на матичната македонска држава. Од денешна перспектива, документите се особено значајни ако се земат предвид последните активности на бугарската држава, која се обидува да го негира постоењето на македонското малцинство, како во Бугарија така и во околните балкански држави. Споменатите документи го докажуваат постоењето на Македонците надвор од матичната држава, но и ги разобличуваат бугарските апсурдни активности.
Документ на ЦИА од февруари 1950 година посочува дека „македонските националисти во Пиринска Македонија“ станале активни и извршиле поголем број саботажи на железничката пруга. Исто така во овој документ се вели дека „Бугарија спроведува политика на денационализација на Македонците во Пиринска Македонија“. Во овој контекст е и извештајот од јули 1953 година, во кој се констатира постоењето на затвори и концентрациони логори на територијата на Бугарија, меѓу кои и оној во Ќустендил, кој бил наменет за „локалното население од Пиринска Македонија“. Постоењето на затвори и концентрациони логори во кои биле затворени Македонци се забележува и во документот на ЦИА што се однесува на 1952 и 1953 година. Во овој документ се вели дека покрај „бугарските затвореници имало и многу странци, особено Југословени, Грци, Турци и Македонци“. Во однос на Македонците се вели дека биле затворени во концентрационен логор и нивната бројка изнесувала околу 400 лица. Затворениците биле принудувани да работат од 8 до 10 часа физичка работа, да сечат дрва и да градат патишта.
Во еден извештај од ноември 1950 година, со назнака Албанија и славомакедонски села во Албанија, се вели дека терминот славомакедонци се однесува само за припадниците на православната религија, а не и за муслиманите. Најверојатно изразот славомакедонци во овој документ потекнува од грчки извор. Овој термин се сретнува и во други документи на ЦИА што се врз основа на грчки информации. Во овој контекст е извештајот од мај 1949 година, во кој можеме да прочитаме: „Голем број славомакедонци што се противници на политиката на Тито веруваат во обединета и независна македонска држава“.
Во извештај на ЦИА од јануари 1953 година се констатира подготвеноста на Грција да го префрли словенското малцинство на територијата на Југославија. Не е јасно кој ја изразил оваа подготвеност, но се посочува дека е побарана помош од Соединетите Американски Држави за транспортирање на 50.000 Македонци од северна Грција во Југославија. Според извештајот, Грција не сакала директно да се обрати кај југословенскиот лидер Тито за ова прашање, затоа што на тој начин ќе имало основа за барање „малцински права за Македонците во Грција“.
Во меморандум на американската разузнавачка агенција од ноември 1958 година може да се прочита една опширна анализа на т.н. македонско прашање. Меѓу другото, во овој документ можеме да прочитаме дека „Грција не ја признава македонската националност, но под терминот ‘славофони’, македонските Словени во Грција се сметаат за лингвистичко малцинство“ и нивната бројка изнесува околу 3,5 до 12 отсто од вкупната бројка на населението на грчка Македонија.
Во еден друг меморандум на ЦИА, од јули 1965 година, кој е подготвен врз основа на информации на финската разузнавачка служба, се презентирани податоци за националните малцинства во неколку источноевропски држави. Податоците што се однесуваат на Полска констатираат дека на нејзината територија живеат повеќе национални малцинства, а како одделни се споменуваат Македонците. Податоците што се однесуваат на Бугарија забележуваат дека вкупната бројка на бугарското населението изнесува 6.506.000 луѓе, а од нив 1.107.000 луѓе биле малцинство што не му припаѓало на бугарскиот народ. Во овој меморандум, Македонците се претставени како одделно малцинство, а според податоците тие сочинувале 2,5 отсто од вкупната бројка на населението, односно 187.800 Македонци.
Д.Ст.