Убиството на лидерот на Ал каеда, Ајман ал Завахири, беше тежок удар за терористичката организација, но службите тврдат дека организацијата ќе ја преживее и оваа загуба, при што веќе се споменуваат, односно се потврдуваат можни наследници на Ајман ал Завахири
Безбедносните служби со информација до јавноста за најозлогласената терористичка организација
По убиството на лидерот на Ал каеда, Ајман ал Завахири, се отвори прашањето колку ова ќе влијае на терористичката организација и дали таа има вистински наследник. Веќе се во оптек разни комбинации, но тоа сѐ уште се информации врз база на недоволно проверени податоци, особено што таа група во меѓувреме остана без многу искусни и докажани кадри.
Во турските медиуми беше објавена изјава на Ибрахим ел Мареш, турски аналитичар што е добро запознаен со ситуацијата во таа терористичка група.
„Ова е голема победа на ЦИА, но се верува дека нема да го доведе во прашање опстанокот на самата група“, оценува аналитичарот. Особено поради фактот што Ал Завахири, според разузнавачки информации, наводно барал замена во последно време, бидејќи имал сериозни здравствени проблеми.
Ал Завахири, кој беше убиен од Американците во Кабул на почетокот на месецот, остави зад себе децентрализирана организација, која не беше поврзана само со командниот центар во Авганистан.
„По убиството на Осама бин Ладен во 2011 година, Ал каеда ги зајакна своите ’ќелии‘, не само во Авганистан и во Пакистан туку и во други земји од Азија и од Африка. Ќелиите се оспособени да функционираат независно бидејќи имаат финансиски средства. Ал каеда успеа да закрепне и од ударите на групата ИД, која не сакаше да соработува со Ал Завахири“, изјави Ел Мареш.
Меѓу можните наследници на Завахири се споменуваат неколку имиња. Најчесто Саиф ел Адел. Тој е еден од последните ветерани од оваа група. Меѓу неговите другари е познат како „министер за одбрана“ на Ал каеда, експерт за експлозиви и „најефикасен оперативец“. Многумина поради тоа го нарекуваат „меч на одмаздата“. Има многу непознати од биографијата на Ел Адел, бидејќи тој секогаш го држеше својот приватен живот подалеку од јавноста. Роден е во Египет, најверојатно во 1960 година. Не се знае ни неговото точно име. Тој беше офицер во Египет, член на движењето Исламски џихад во таа земја. Учествувал во атентатот на египетскиот претседател Анвар ел Садат во 1981 година, за што поминал време зад решетки. Тој беше иницијатор на бомбашките напади на американските амбасади во Најроби и во Дар ес Салам во 1998 година, во кои беа убиени повеќе од 200 американски државјани. Тој веќе подолго време се наоѓа на листата на „најбарани терористи“, а Вашингтон распиша потерница и понуди награда од десет милиони долари за секој што ќе помогне да се најде „мртов или жив“. Се стравува дека под негово раководство Ал каеда би можела да стане моќна како во времето на Бин Ладен, иако е тешко да се поверува, бидејќи повеќе не ја ужива поддршката меѓу исламските екстремисти како на крајот на минатиот век и почетокот на овој век.
Ел Адел им беше близок соработник и на Бин Ладен и на Ал Завахири. Неодамна тој беше во Иран „во домашен притвор“, но, наводно, неодамна ја напуштил таа земја, пишуваат медиумите. Во Ал каеда, пак, сомнително нишаат со главите и стравуваат дека тој сѐ уште е под контрола на Техеран, што може да ја наруши оваа кадровска комбинаторика.
Се споменува и Рахман ел Магреби, Мароканец. Пред да ѝ се приклучи на Ал каеда во Авганистан, каде што се грижел за пропагандата, се школувал во Германија. Тој, наводно, му е зет на убиениот Ал Завахири и во последните години бил задолжен за активностите на Ал каеда во Пакистан и во Авганистан.
На листата на кандидати за можен лидер на Ал каеда се споменува и Језди ел Мебарек (Јусуф ел Араби), Алжирец што го предводи разгранокот на терористичката група во Магреб. Аналитичарите не ја исклучуваат можноста во последен момент да дојде до израз малку позната личност од локалните ќелии на Ал каеда во Сомалија (Ел сабаб), Јемен (АКАП) или Мали (ЈНИМ), бидејќи очигледно нема поискусни кадри затоа што во меѓувреме се убиени, болни или на возраст кога веќе не се во состојба да се справат со овие предизвици.