Македонија е сведена на територија од моментот кога наместо народен суверенитет доби надворешен господар, а Уставот стана кошула што се приспособувала на секое тело
По црниот понеделник и по црниот четврток, дојде на ред црниот петок. Не, кругот не е затворен, затоа што откако парламентарната демократија изврши харикири на отворена сцена, со сигурност треба да си признаеме дека тешко ќе видиме бел ден. Црнила! Барем извесно време… Политичкиот апсурд, кој ниту почна, ниту ќе заврши со Заев, доживеа крешчендо. Ене ги, истите актери од претходните црни настани, заеднички чекорат кон евроатлантската иднина, поздравени од „камшикарите“.
Македонија е сведена на територија од моментот кога наместо народен суверенитет доби надворешен господар, а Уставот стана кошула што се приспособувала на секое тело, да парафразирам пратеничка-професорка. Човековите права се во (не)милост на корумпираното и партизирано судство. Ништо од ова не е случајно, туку е болно логично: ова е жетвата на сите посеви! Персоналните промени или козметики не го менуваат фактот дека системот е толку гнил, што неговото божем „функционирање“ зависи од диктатот од надвор и ќе трае додека на тие таму ова им е од полза. Црниот петок уште не беше завршил, а стигнаа голем број честитки. Комесарот Хан (патем, ова „комесар“ сѐ повеќе им прилега) порача дека тоа бил „голем ден за демократијата“! Туск напиша: „Еден глас, еден чекор поблиску до заземање на местото што ви припаѓа во нашата евроатлантска заедница“. (А за волја на вистината станува збор за дури осум чекори, колку што гласови се изнудија во текот на еден срамен ден, во кој извршната власт заедно со законодавната, и потпомогната од американскиот амбасадор, направи „сточен пазар“ од Собранието.)
Се прашува човек: „Ова ли се тие европски вредности? Вака ли ја сфаќаат демократијата?“ Но, попусто е! Моите странски колеги размислуваат со постудена и поцинична глава, па со право се смеат и на самото споменување на атрибутот „европски“, а уште повеќе на нашето наивно ламентирање над изгубените илузии за парламентарната демократија. Токму така: демократијата е одамна на умирање. Европството е карикатура на она што се (само)претставува, и наскоро ќе биде разобличено, веројатно по изборите за европскиот парламент на пролет.
Народот/демосот е насекаде фрлен на маргините на политичките процеси, кои се водат во негово име, и наводно за негово добро! И пред да му се препуштиме на гневот кон граѓаните на соседната (јужна!) држава, ние на „северот“ треба да сфатиме дека и двата демоса се паричка за поткусурување на неолибералните елити и корпоративниот капитал, кој не избира средства за да го добие она што го сака. И тие беа изиграни на референдум од истиов премиер, кој сега му слугува на капиталот и применува репресија врз политичките неистомисленици. Медиумите (во рацете на крупниот капитал) ги промовираат наводно левите влади во Скопје и во Атина. А овде се случи буквално истото подбивање со непосредната демократија, газење на владеењето на правото и на елементарната пристојност. Повторно, во полза на капиталот и туѓите бели дворови (за кои пееше Рацин). Мислите само нам ни се случува ова? Да не е прашањето за името, ќе бидеме како сијамски близнаци со сите други народи.
Последните случувања во Македонија и во Грција уште еднаш потврдија дека Преспанскиот договор е типичен „балкански“, од три причини: прво, тој регулира „балканштини“ (идентитети, јазици, култури, истории). Модерната (стратегиска) обланда не може да го покрие фактот дека е ова договор од 19 век: со надмоќ, едната страна добива писмени „гаранции“ дека е стара колку амебите. Второ, договорот е октроиран од големите сили, а локалните вождови се марионети, кои глумат мудрост и итрина, иако нивната улога се сведува на аминување на она што САД и Брисел ќе им наложат.
Толку од левичарството на двете влади! Трето, начинот на кој го имплементираат е повторно „балкански“: црни фондови, политичка корупција, уцени и поткупи на политичари, новинари, интелектуалци. Двете држави се во европската периферија, и колку и да изгледаат различни по моќта и големината, нивните народи си ја имаат истата мака со ваква политичка багра, која нема да им донесе ништо добро ним, но ќе ги гарантира интересите на Империјата. Преспанскиот договор е заедничка несреќа за двата народа, иако не може да се одрече дека македонскиот е тој што приложува поголема саможртва (поради природата на проблемот). Но, на подолг рок сето ова ќе стане јасно како ден. Да се надеваме дека дотогаш здравиот народен ум и ваму и таму ќе се најде, ќе си подаде рака, и заедно ќе ги исшутка овие марионети што изигруваат лидери со европски перспективи.
Пишувам по една долга, мачна и непроспиена ноќ. Владини Васиљчиња споделуваат мои фотографии со злорадост, мислејќи дека јас сум поразена! Не гледаат дека е ова газење на народната волја, а дека она што го слават како победа на европските вредности се должи на драмолетката од 27 април. Да не се случеше, ќе требаше да се измисли – за да имаат кого да уценуваат! Тоа е јавната свест што ја креираат: наскоро ќе бараат да го затнете носот за да не ја почувствувате смрдеата или дури и да се колнете дека мириса на росно цвеќе. Заев, „гостинот во Собранието“ уште истата вечер застана со домаќинот Талат (шутнат настрана) и најави дека ќе биде бескрупулозен кон секој што ќе се осмели да зборува за политичкиот криминал и за царевата нова облека.
Парламентот обезбеден од специјалци додека се менува устав е сликата на европска Македонија. Помина времето за подбивање со коефициент на интелигенција 33, ова е сериозно. Човекот што ги обедини законодавната, извршната и судската власт има моќ да даде (индиректен) налог за ослободување пратеници од притвор за да стигнат на гласање; без срам кажува дека вртел телефони, а (зимзелените) судии за сите режими држат обвинети за тешки кривични дела до бесвест, драконски казнуваат адвокати и ги отстрануваат, а обвинетите се оставаат без одбрана во клучен момент од судењето. Ова ќе влезе во аналите на неславната историја на делењето правда, заедно со некои слични епизоди од минатото. Да ни е јасно дека си имаме работа со разгоропадена, не северна, ами полициска Македонија. Адвокатската комора пелтечи, колку да каже нешто. Главни уредници-цензори на мислата воведуваат вербален деликт и им праќаат закани на вработените за тоа што пишуваат во слободно време на социјалните медиуми. Газдите и шефовите им се закануваат на вработените да внимаваат што прават „или нека не доаѓаат на работа“. Универзитетот се прави на Тошо, не гледа ништо, не слуша ништо, си говори за ниските плати. АНУС(м) си е таман.
Навидум, сите занемеле. Но, тоа сепак не е вистинската слика! По ваков историски удар имаме право на минута молк, за траур и тага. Благодарение на СДСМ-ДПМНЕ потпомогнато од ДУИ, Македонија предолго живее во аномија. Кај граѓаните се поттикнуваат страв, чувство на беспомошност и безнадежност. Доктрината на шокот ја завршила работата. Но шокот е привремена, а не трајна состојба! Наскоро ќе дојде време да се види дали последиците се фатални или сѐ уште даваме знаци на живот. Народот веќе нема политички претставници во парламентот. Останаа помали партии што го издржаа притисокот и израснаа во светилник на надежта. На крајот на тунелот сепак има зрак светлина. Без оглед што сега и во наредниот период ќе се изнаслушаме „дебати“ (гаси ТВ, тоа е гола и брутална пропаганда) за амандмани, за реформи, за НАТО и слични мантри, таа врева не го поништува правниот факт дека Уставот е прекршен повеќекратно, дека Преспанскиот договор е правна фикција, дека огромното мнозинство граѓани го отфрлија по пат на бојкот (како најефикасна легална и легитимна стратегија), и дека гласањето на црниот петок беше изнудено, и како такво – ништовно! Драмолетката ќе се усложни, бидејќи при отворањето на Пандорина кутија и исполнувањето желби за одржување на двотретинското мнозинство по секоја цена, нужно ќе бидат испорачани уште мал милион етнички уцени.
Секоја генерација имала свои искушенија и плаќала висока цена. Сега е редот на нашата! Ако не ја извојуваме битката за нашиот уставен суверенитет, тогаш и не заслужуваме држава! Неолибералниот Голијат е многу моќен, ама Давид не е само македонски. Сојузници во оваа битка ни се и осиромашените од регионот, па и Европа (вклучувајќи ја и Грција), кои страдаат од истата болка. Битката ќе биде долга, особено за да не заврши на замената на оној од Муртино со Курто. А, имаме ли друга опција освен отпор? Сетете се на Рацин: „Болка боли, болка гори, болка пече – душа мори, а болката кога свети – тешко, тешко, тешко клети!“ И на Вапцаров: „Безмилосна е борбата, и волчка. И велат дека криела епичности. Јас паднав. Ќе ме смени друг и: точка! Што тука значи некаква си личност? Рафал и смрт… а потоа си црв. Тоа е толку логично и грубо. Но, в луњата ќе сме пак со тебе мој народе, бидејќи си се љубевме“. И не барајте спасители, јунаци, месии – бидејќи оваа тешка ситуација бара народ, заедништво и солидарност.