„Неверојатно, вџашени сме“, „ќе мора да ја редефинираме смртта“, „од мртов организам, назад, во жив“ се само некои од реакциите, и тоа не само на читателите на специјализираното списание „Нејчр“, во кое беа објавени резултатите на експерименталното истражување на тим на научници од престижниот американски универзитет „Јејл“, предводен од хрватскиот научник Ненад Шестан, кој успеа да оживее органи од мртва свиња… Оваа студија отвори и низа прашања околу „дефинирањето на смртта“ и уште понатаму, а тоа е прашањето „дали може да се оживее цел еден организам“

НАУЧНОИСТРАЖУВАЧКИ ТИМ ПРЕДВОДЕН ОД ХРВАТ СО ЕПОХАЛЕН НАУЧЕН УСПЕХ

Експериментот, чии резултати ги воодушевија дури и научниците што не учествуваа во него, се одвиваше на следниов начин. Експерименталните животни (свињи) еден час лежеа мртви во лабораторијата. Кај нив немаше циркулација на крв, срцата беа престанале да чукаат и не постоеше мозочна активност. Потоа научниците од „Јејл“ го инјектираа растворот во телата на мртвите животни, користејќи уред сличен на системот за одржување во живот ЕЦМО (екстракорпорална мембранска оксидација).
И покрај тоа што свињите ниту на еден начин не беа во свесна состојба, нивните, навидум, мртви клетки – оживеаја. Нивните срца пак почнаа да чукаат додека растворот, кој научниците го нарекоа ОрганЕкс, циркулираше низ нивните вени и артерии! Клетките во нивните внатрешни органи – вклучувајќи ги срцето, црниот дроб, бубрезите и мозокот – повторно беа во функција, а животните во ниту еден момент не беа вкочанети, како што би бил случајот со вистински мртви свињи.
Другите свињи што беа мртви веќе цел час беа приклучена на ЕЦМО – апарат што пумпаше крв во нивните тела. Тие се вкочанија, нивните органи отекоа и претрпеа оштетувања, а крвните жили колабираа. На грбот имаа виолетови дамки, како последица од насобраната крв.

Која е целта на експериментот?

Групата научници ги објавија резултатите од ова експериментално истражување во списанието „Нејчр“.
Тие тврдат дека нивното истражување има цел да се зголемат резервите на органи за трансплантација и се надеваат дека нивната технологија би можела да се користи за спречување тешки срцеви оштетувања по масивен срцев удар или мозочни по мозочен удар.
– Најновите откритија се само иницијален чекор, а можноста слична технологија да биде тестирана на луѓе сè уште е далеку – изјави за јавноста Стивен Латам, биоетичар од универзитетот „Јејл“, кој е близок соработник со научниците.
Групата научници беа предводени од угледниот хрватски научник Ненад Шестан, професор по неврологија, компаративна медицина, генетика и психијатрија на Медицинскиот факултет на „Јејл“.
И тој беше вчудовиден од ова откритие. Да потсетиме, д-р Шестан и пред три години беше на страниците на светските медиуми, благодарение на едно слично големо откритие. Со помош на високотехнолошкиот систем БреинЕкс, кој сами го развија, Шестан и неговите соработници успеаја да ја обноват основната клеточна активност во мозокот на експерименталното животно (свиња), неколку часа по смртта на животното. Со други зборови, успеаја да ги „оживеат“ мозочните клетки на цицач дури четири часа по неговата смрт.
Еден од авторите на студијата е и Давид Андријевиќ, млад лекар од Осиек, исто така невролог од „Јејл“.
– Не знаевме што може да очекуваме, беше неверојатно – рече тој.

Оваа студија отвора прашања околу дефинирањето на смртта и дали може да се оживее цело тело?!

И други научници, кои не учествуваа во студијата, беа еднакво воодушевени.
– Неверојатно, вџашени сме – рече Нита Фарахани, професорка по право на универзитетот „Дјук“, која предава за етичките, правните и социјалните импликации во однос на новите технологии.
Д-р Фарахани смета дека оваа студија отвора прашања околу дефинирањето на смртта.
Работата на проектот започна пред неколку години, кога истиот тим спроведе сличен експеримент со свински мозок.
Според зборовите на уште еден хрватски член на тимот научници, д-р Звонимир Врсеља, откритието од 2019 година ги навело да се запрашаат дали може да оживеат цело тело.
Растворот ОрганЕкс содржи хранливи материи, антивоспалителни лекови, лекови за спречување клеточна смрт, нервни блокатори – супстанции што ја придушуваат активноста на невроните и спречуваат каква било можност свињите да се освестат – како и вештачки хемоглобин, помешан со крвта на секое од животните.
Научниците ги презедоа сите мерки на претпазливост за да не дојде до страдање на животните. Пред да им биде запрена работата на срцето, свињите примиле длабока анестезија, која траела во текот на целата постапка.
Покрај тоа, нервните блокатори во ОрганЕкс го спречуваат нервното оштетување, со што се гарантира дека мозокот ќе биде неактивен. Исто така, за да ги забават хемиските реакции, научниците ги изладија животните. Одредени мозочни клетки беа живи, но немаше назнака за каква и да било организирана нервна активност во мозокот.
Еден детаљ беше особено фасцинантен: свињите што беа лекувани со ОрганЕкс ги затресуваа главите кога научниците им инјектираа контрасно средство за снимање. Д-р Латам нагласи дека не ја знаат причината за ваквата реакција, затоа што немало никакви индикации дека мозокот ги активирал овие движења.
„Јејл“ поднесе барање за патентирање на новата технологија. Според зборовите на Ненад Шестан, нивна цел е да утврдат дали органите функционираат како што треба и дали може успешно да бидат пресадени.
Научниците се надеваат дека во скоро време ќе бидат во можност да вршат тестирања во однос на тоа дали оваа технологија може да придонесе за заздравување на оштетено срце или мозок.


Koj e Ненад Шестан

Хрватски невробиолог е роден во 1970 година во Задар. Во 1995 година дипломирал на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Загреб, а во 1999 година ја одбранил својата докторска дисертација од областа на невробиологијата на универзитетот „Јејл“. Својата научна кариера ја продолжил на „Јејл“ како постдокторски соработник, а подоцна и како професор.
Истражувачкиот интерес на професорот Шестан е во областите на развојната невронаука, неврогеномијата и нарушувањата на развојот на човечкиот мозок. Тој сега е редовен професор на катедрите за невронаука, генетика, психијатрија и компаративна медицина и во Институтот за детски развој (Yale Child Study Center) на универзитетот „Јејл“. Проф. Шестан е член на институтот за невронаука „Кавли“ и професор гостин на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Загреб. Има објавено повеќе од 70 труда во водечки светски списанија и поглавја од книги со повеќе од 6.000 цитати во WoS (h-index = 32). Тој е член на меѓународното здружение за невронаука повеќе од 20 години. Во моментов е еден од главните водачи на мултиинституционалните конзорциуми BrainSpan и psychENCODE под покровителство на Националниот институт за здравје на Соединетите Американски Држави (НИХ). Тој е и лидер на неколку други проекти под покровителство на НИХ, фондацијата „Симонс“ и институтот за невронаука „Кавли“.

Ангел Митревски, наш постојан соработник од Хрватска