Врховниот суд на Европската Унија соопшти дека масовниот надзор на граѓаните е забранет, а сепак, владите и понатаму го спроведуваат, пишува Винсент Манакорт за „Политико“
Состојбите во однос на следењето на комуникациите на Европејците
Во 2014 година, Европскиот суд на правдата донесе пресуда дека ирскиот закон што ги принудуваше телекомуникациските и интернет провајдери да чуваат податоци во врска со сообраќајот и локацијата е во спротивност со законот на Европската Унија (ЕУ), исто како и ЕУ, директивата врз која тој се базираше. Имено, режимот за зачувување податоци им овозможуваше на владините агенции да пристапат до податоците на граѓаните на начин кој ја нарушува нивната приватност. Сепак, ризикот од слични случаи, полициски службеници кои ги пречекоруваат своите овластувања при влез во лични телефонски записи, и денес сè уште е присутен.
По оваа значајна првична пресуда следуваа низа последователни пресуди од страна на највисокиот суд во ЕУ, со кои се засили најавата за ставање крај на масовното чување лични податоци. Меѓутоа, тоа не ја спречи Ирска да не се откаже од својот масовен надзор врз телефонските и интернет податоци, вклучително и оние кои содржат информација за воспоставување повици и локација.
Ирскиот пример е многу вознемирувачки. Даблин воспостави режим за чување податоци, а потоа, по бавни судски постапки што стасаа до европско ниво, судот го укина, за веднаш потоа владата со малку „дотерување“ да инсталира сличен режим, кој носи ризик од кршење на истите права и принципи, заради кои беше укинат претходниот. По последната пресуда на највисокиот европски суд против ирскиот режим во април 2022 година, ирското Министерство за правда излезе со својот најнов нацрт-закон за чување податоци. Но, Т.Џ. Мекинтајр, претседател на непрофитната организација „Диџитал рајтс Ајрланд“ тврди дека и овој најнов обид на властите во Даблин е исто толку штетен за приватноста на граѓаните како и оној пред него. На пример, тој овозможува пристап до зачуваните податоци поради криминални истраги, што според него е во директна спротивност со априлската одлука на судот.
Игра на мачка и глушец
Со неколку последователни одлуки, 27 највисоки судии од Европскиот суд на правдата го прецизираа своето убедување дека масовното чување податоци за телефонскиот и интернет сообраќај и локација ги крши темелните права на приватност на граѓаните на ЕУ. Меѓутоа, се чини дека голем број европски органи за спроведување на законите и владините претставници не сакаат да „слушаат“. Според нив, ваквите режими за чување податоци се од клучно значење во борбата против криминалот. Во низата пресуди од 2014 година наваму, вклучително и оние од крајот на 2021г. и април 2022г., Европскиот суд на правдата генерално застана на страната на групите за заштита на приватноста, тврдејќи дека зачувувањето податоци не е легално, освен во одредени околности, со соодветни мерки за заштита, или, пак, доколку постои сериозна закана за националната безбедност.
Меѓутоа, ова е борба која на моменти станува валкана. Француската влада отпрвин се обиде да изврши притисок врз својот суд за неследење на судските практики на ЕУ, тврдејќи дека тие се спротивни на „уставниот идентитет“ на земјата. Париз дури размислуваше да побара измени во основачките договори на ЕУ, односно во Повелбата за основните права, позната како примарен закон на блокот, со цел да ги избегне највисоките судски одлуки на ЕУ.
Во Данска, пак, владините министри отворено го критикуваат европскиот суд, така што дури данскиот министер за правда, Ник Хекеруп, истакна дека „основниот проблем е што Европскиот суд на правдата создава закон без демократски легитимитет“, по пресудата од крајот на 2021 година.
Притаен надзор
Дури и тогаш кога не беа непријателски настроени кон врховниот суд на ЕУ, европските престолнини немилосрдно ги злоупотребуваа законските „дупки“ во неговите пресуди. На пример, Белгија и Данска смислуваат шеми за целно, а не општо собирање податоци, нешто што е дозволено од страна на судот. Иако целното собирање најверојатно е само титуларно. Белгискиот предлог за целење кон области со многу криминал ја поставува границата толку ниско, што тој ја „покрива“ територијата на целата држава. Ни Данска не е многу подобра, бидејќи нејзиниот низок праг на криминал значи дека речиси 70 отсто од населението ќе биде „покриено“ со оваа рамка.
Исто така, владите прават обиди да го прошират опсегот на овие режими. Предлогот на Белгија има за цел да ги опфати апликациите за размена на пораки како Ватсап и Сигнал, како и традиционалните телекомуникациски оператори. Планот носи ризик од ефективна забрана на платформите кои ја штитат приватноста, како Сигнал и Трима, присилувајќи ги да складираат податоци за своите корисници, нешто што во моментов тие не го прават.
Франција се обиде и на друг начин да го задржи масовниот надзор врз населението. Нејзиниот врховен административен суд го поддржа аргументот на владата дека земјата всушност се наоѓа под постојана терористичка закана, што во превод значеше дека масовното зачувување лични податоци е сосема во ред. Сепак, веќе се појавија прашања во однос на неговата законитост, при што еден од поранешните судии на ЕУ тврди дека ризикот од тероризам не претставува закана.
Оваа игра на мачка и глушец повремено се претвора во фарса. Минимално изменетиот дански режим за чување податоци годинава беше во сила само шест дена, пред најновата пресуда на Европскиот суд на правдата да го прогласи за незаконски.
Подготвиле: Митко Јовановски Билјана Здравковска