„Преку езерото“ во Дојран, „Бич филм фестивал“ во Охрид, „Македокс“ низ селцата и гратчињата, „Флип бук филм фестивал“ во Скопје, „Манаки“ во Битола… Овие филмски смотри, сите сконцентрирани во август, се освежување на мапата на културни манифестации не само во Скопје туку и низ целата држава, со што почнуваат да се отелотворуваат повеќегодишните заложби за децентрализација на културата, кои долго време беа само декларативни, но во последниве години, особено кога станува збор за филмската уметност, стануваат реалност
Со големо задоволство и возбуда деновиве филмскиот режисер и продуцент Јани Бојаџи ја сподели информацијата дека од 5 до 7 август во Стар Дојран ќе се одржи првото издание на меѓународниот филмски фестивал „Преку езерото“, фестивал на медитеранскиот и европскиот филм и автори што живеат или потекнуваат од медитеранските и европските земји. Станува збор за прв филмски фестивал од овој дел од земјава и прв од ваков формат во Македонија, кој ќе го збогати културниот живот во градот и околината и традиционално ќе се одржува во Дојран, покрај брегот на езерото. За ова прво издание се селектирани девет исклучителни кратки филмови од осум медитерански земји, со актуелни теми раскажани со медитерански дух, специфичен и посебен во уметноста на филмот.
Дојранскиот фестивал следува по основањето на оној на брегот на уште едно наше езеро, Охридско, каде што веќе неколку години се одржува „Бич филм фестивал“. По пет фестивалски дена и многу прикажани филмови и музика, во неделата се затвори петтото издание на овој фестивал на новиот европски филм.
Охрид во јули беше град на филмската култура и богата филмска програма, со проекции дури на четири локации: плажата Славија, предворјето на „Св. Софија“, Лапидариумот и бродот „Армада“, додека публиката имаше можност да ужива во повеќе од 40 прикажани филмови. Филмската магија зачинета со летниот амбиент на градот покажа дека „Бич филм фестивал“ е полн погодок и за културна и за туристичка афирмација на земјата.
Во тек е и 13-то издание на фестивалот на документарен филм „Македокс“, кој почна тивко и непретенциозно, но прерасна во препознатлива манифестација водена од непрекинатата страст и ентузијазмот на организаторскиот тим. Секако, подоцна доби и финансиска и логистичка поддршка од градот и државата, што е неопходно за да не останат залудни сите напори и труд на иницијаторите. Фокусот на фестивалот годинава е „развој на идеи“, замислен како еден огромен кромид со безброј слоеви, од кој, како што велат организаторите, секоја година „лупат и црпат нови идеи“. Можеби најголемата придобивка од овој фестивал е што секогаш посетува нови села и гратчиња со нивното „магаренце“ во рамките на „Македокс патувачкото кино“, откривајќи нови локации за проекции и внесувајќи радост кај публиката и од најзафрлените делови од земјава.
Во Скопје, пак, се профилира уште еден несекојдневен фестивал, „Флипбук филм фестивал“, кој станува вистински предводник на културата на анимираниот филм. Годинава најавуваат исклучително богата програма со најдобрите европски наслови што во изминатиот период ги освоија најважните награди на светските фестивали. Како што велат оттаму, улогата на еден филмски фестивал е на публиката да ѝ ја прикаже најновата продукција на филмски остварувања и да ја обликува перцепцијата на љубителите на филмската уметност кон современите текови на кинематографијата, во овој случај, на анимацијата.
Да не ја заборавиме Битола, домаќин на нашиот најстар и најреномиран фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, чие 43-то издание ќе се одржува од 20 август. Ова наедно е и првиот и најстар филмски фестивал во светот посветен на креативноста на кинематограферите. Првото издание се одржува во 1979 година, а инспирацијата да се основа фестивалот е да се оддаде чест на богатиот фотографски и кинематографски опус на браќата Манаки: Јанаки и Милтон. По своето основање, фестивалот растеше со голем потенцијал, за по независноста на Македонија во 1991 година да прерасне во интернационален фестивал на светските кинематографери. Така, Битола стана мека на најдобрите светски кинематографери, откривајќи многу нови таленти, кои денес важат за врвни уметници на филмската фотографија и кинестетика, закитени со наградите на овој фестивал, а паралелно овенчани и со славата на оскаровци што низ години шетаа низ улиците на Битола, која ја сметаат за свое уметничко гнездо…
Конечно, во право се иницијаторите на сиве овие манифестации кога велат дека филмските фестивали заедно со авторите, членовите на жири, критичарите, теоретичарите, новинарите, формираат мрежа што врши исклучително важни функции на филмот како медиум, јазик и пазар. Затоа што кога публиката се храни со квалитетна содржина, тоа правопропорционално го зголемува и интересот, па бројноста на публиката се зголемува. Крајната придобивка е создавање публика со висок филмски критериум и префинет вкус, што е несомнено многу важно во време на навала на неселективни содржини со лош или без никаков квалитет. Тие се своевидни водичи за информирање на новостите во сферата на филмот и формирање на вкусот на јавноста.
Овие филмски смотри се освежување на мапата на културни манифестации не само во Скопје туку и низ целата држава, со што почнуваат да се отелотворуваат повеќегодишните заложби за децентрализација на културата, кои долго време беа само декларативни, но во последниве години, особено кога станува збор за филмската уметност, стануваат реалност.