Фото: Влада

Северна Македонија е во Европа, како географски, така и историски и сега сте еден чекор поблиску до вашата посакувана цел. Можете да сметате на поддршката од Шпанија на вашите следни чекори за членство во ЕУ. Ве поддржуваме и ќе продолжиме да Ве поддржуваме, изјави премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон.

Посетата на регионот, Педро Санчез Перез-Кастехон ја оцени како симболична поради две основни причини – прво дека пред неколку дена се деблокира процесот за отпочнување на преговорите на земјава и Албанија со ЕУ и второ, како што рече, обединетоста против бруталната агресија на Путин во Украина.

– Благодарност за вашата широкоградост и одговорност, што ја ставивте иднината на земјата и вашата европска визија пред било кој друг интерес. Ја направивте правиот избор, го деблокиравте патот што ќе ја доведе Северна Македонија на меттото каде што треба да биде – рече шпанскиот премиер на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин премиерот Димитар Ковачевски.

Педро Санчез Перез-Кастехон порача дека од шпанското искуство со реформите за влез во ЕУ, е дека секогаш вреди да се биде дел од европскиот и политички проект – ЕУ.

– Убеден сум дека Северна Македонија што поскоро ќе биде дел од ова – рече Санчез.

Ние сме две земји од југот на Европа, нагласи Педро Санчез Перез-Кастехон, и нашите интереси и вредности се заеднички.

Премиерот Ковачевски порача дека денешната посета е симбол на речиси 30-годишните одлични билатерални односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност за силната поддршка на Шпанија за членство во ЕУ.

– Со отпочнувањето на преговорите нашиот идентитет, нашата посебност, она што е карактеристично македонско наше, ќе остане автентично македонско и во ЕУ од една страна, а ќе го збогати сложениот европски идентитет од друга страна – изјави Ковачевски.

Ние го живееме европското мото секојдневно, порача Ковачевски, нагласувајќи дека нашето мултикултурно, мултиетничко општество е обединето во различностите и особено гордо на истите.

– Ние сме подготвени за ЕУ и со цврст чекор одиме напред кон полноправно членство во Унијата. Тоа е процес од кој нема да отстапиме, бидејќи нашето место е во ЕУ. Затворивме едно поглавје и отвораме ново, европско, во кое ќе делиме европска иднина со нашите пријатели, како што е Шпанија – изјави Ковачевски.

Ковачевски, исто така, нагласи дека посетата доаѓа во позитивен про-европски момент за Северна Македонија, кој планираме да го зајакнеме за време на шпанското претседателство со ЕУ.

Посетата на Педро Санчез Перез-Кастехон на нашата држава е дел од неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан, што ги вклучува и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.

Санчез, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, како што е најавено, ќе се сретне и со претседателот на држават Стево Пендаровски.