Во манифестот на Штабот на НОВ и ПОМ од октомври 1943 година ова знаме се нарекува „Знамето на Крушевската Република“. Така, црвеното знаме, сега дополнето со црвена петокрака, која се слева во знамето, се перципирало како континуитет на борбата на илинденците 40 години претходно
Употребата на црвеното знаме во Македонија е стара со векови. Во поново време, црвено знаме употребуваат востаниците во Разловечкото востание од 1876 година и во македонското Кресненско востание во 1878 година. Иако Крушевската Република немала официјално знаме, забележана е употреба на црвено знаме без други елементи. Во Крушевскиот манифест се споменува „Крваво знаме“. Од друга страна, знамињата на четите од илинденскиот период претежно биле извезени на црвена свила, често со различни мотиви на аверсот и на реверсот.
Токму ова знаме на Крушевската Република станува симбол на борбата на македонскиот народ за своја слобода. Тоа се споменува во државната химна „Денес над Македонија“, првпат испеана на новогодишната ноќ 1942 година, во Струга. Втората строфа на химната почнува „Одново сега знамето се вее, на Крушевската Република“. На овој начин тоа станува и симбол на партизанското движење во НОБ, последната и најважна етапа од борбата за македонска држава.
Во летото 1943 година, на ослободената територија во Лопушник, командантот Михајло Апостолски, подготвувајќи се за битка, си го поставил прашањето: „Партизанските единици треба да веат знаме. А какво ќе биде знамето?“ По анализата на знамињата на Илинденското востание, било избрано токму црвено знаме на кое била поставена црвена петкрака ѕвезда со жолти рабови. Во манифестот на Штабот на НОВ и ПОМ од октомври 1943 година ова знаме се нарекува „Знамето на Крушевската Република“. Така, црвеното знаме, сега дополнето со црвена петокрака, која се слева во знамето, се перципирало како континуитет на борбата на илинденците 40 години претходно. Во Прогласот до македонскиот народ од 19 ноември 1944 година за него се вели: „Високо се дига црвеното македонско знаме“ над ослободената територија, а неколку параграфи подолу во текстот: „Занесете го што побргу црвеното партизанско знаме во нашето родно Скопје, развејте го високо над неговиот врв“. Ова укажува дека во хиерархијата на симболите црвеното знаме станало основа на која биле поставувани други можни симболи, ѕвезда со пет крака или нешто друго. Црвеното знаме било перципирано како македонско, како партизанско и, најважно, како континуитет на црвеното знаме на Крушевската Република.
Сонцето како милениумски симбол на Македонија првпат на знаме се појавува како дел од пејзажот на црвеното знаме на кумановската чета во Илинденското востание од 1903 година. Нешто подоцна, и предлогот за знаме на независна Македонија, на македонската колонија во Санкт Петербург од 1914 година содржи сонце. И ова знаме е црвено, а сонцето златно изгрева од долниот слободен агол.
Сонцето добива посилно симболичко значење по откривањето на кралската гробница во Кутлеш во 1977 година. На капак на позлатен саркофаг во гробницата има карактеристична претстава на сонце. Македонската дијаспора почнува да вее црвено знаме со тоа сонце во 1986 година, а во Македонија истото знаме првпат јавно се појавува на блокадите на македонско-грчката граница на 21 април 1990 година, организирани од Светскиот македонски конгрес.
Тодор Петров, во својство на независен пратеник на 1 јуни 1992 година, го предложува тоа знаме за државно на сега веќе независна Република Македонија. На овој начин, ова црвено знаме повторно го воспостави континуитетот на веење на знамето на Крушевската Република. Набргу потоа, на 27 јуни, со Лисабонската декларација на тогашната Европска заедница се условуваше признавањето на независноста на Македонија, само под име што нема да го содржи зборот „Македонија“. Тоа предизвика голем гнев и протести кај Македонците, кои се кренаа во одбрана на името на својата земја и во гнев кон Грција. Овие чувства стануваат движечка сила да се погледне на античките компоненти во изградбата на „новиот“ симболички идентитет. Така, предложеното знаме беше усвоено на 11 август 1992 година.
Оваа одлука беше дочекана со огромно непријателство од Грција, што доведе до тригодишно ембарго. Ваквата ситуација заврши со потпишување на Привремена спогодба меѓу Македонија и Грција, во која беше договорено Македонија да го смени знамето и се обврза да ја обесхрабри јавноста да го користи истото во јавниот простор.
Дизајнот на ново знаме на Република Македонија му беше доверен на проф. д-р Мирослав Грчев, архитект. Новиот дизајн повторно е црвеното знаме на Крушевската Република, пак со сонце, но овој пат со осум дивергентни зраци што излегуваат директно од дискот. Конечниот предлог беше изменет од проф. д-р Костадин Танчев-Динката, ликовен уметник. Оригиналниот „златен“ сооднос на страните од Грчевиот предлог беше истегнат во 1:2, а зраците беа отсечени од сончевиот диск со имплициран круг. Затоа, дизајнот на знамето треба да се нарече како дизајн на Грчев – Динката. Ова знаме беше усвоено на 5 октомври 1995 година, два дена по атентатот врз претседателот Киро Глигоров.
Со тоа почнува да се вее денешното знаме. Тоа има пропорции 1:2, а дијаметарот на дискот е 1/7 од должината на знамето. Црвената боја на заднината опфаќа 2/3, додека жолто сонце со зраците опфаќа 1/3 од површината на знамето.
Од вексилолошка гледна точка, промената во 1995 година не доведе до промена на атрибути на знамето, претставените симболи останаа исти, црвено со жолто сонце. Сонцето со конвергентни зраци беше заменето со дивергентни зраци и притоа не ги изгуби своите атрибути ниту доби други.
Така, и денес одново црвеното знаме се вее на Крушевската Република, 119 години подоцна, како што го опеа Владо Малевски во химната пред 80 години. Црвеното знаме со 16-кракото сонце како државно знаме и континуитет на крушевското наскоро ќе прослави 30 години од усвојувањето.
Нека и овој Илинден – одново сега знамето се вее, на Крушевската Република, на Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Груев, Сандански!
За многу години Илинден – најголемиот празник на Македонија.
(Автор e член на Македонското грбословно друштво и лауреат на Меѓународната федерација на вексилолошки друштва)