Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ако резултатите од минатогодишниот попис евидентираа намалување на бројот на жителите за повеќе од 180 илјади за последните две децении, прогнозите за понатаму се уште позагрижувачки. Според податоците што се засноваат на извештаите на Обединетите нации и на Светската банка, во наредните три децении од земјата ќе заминат околу двесте илјади лица, а Македонија е на 18-то место на листата од 20 земји со најголем проектиран пад на населението. Може ли и како да се ублажи и спречи оваа демографска катастрофа?

БЕЗ КОНКРЕТНИ МЕРКИ И ПОЛИТИКИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ОДЛИВОТ НА НАСЕЛЕНИЕТО

Објавувањето на податоците од минатогодишниот попис на населениот во Македонија, кој покажа намалување на бројот на жителите за повеќе од 180 илјади за последните две децении, не предизвика посериозна дебата меѓу надлежните институции, ниту, пак, се на повидок одредени конкретни мерки и политики за спречување на одливот на населението од државата.
Речиси една година по пописот, ниедна високообразовна институција нема направено посериозна анализа за тоа што треба да се направи во наредниот период за да се спречи натамошно влошување на демографската слика во Македонија, од која треба да произлезат и конкретни стратегии, планови и програми за зголемување на бројот на жителите и спречување на иселувањето од земјата. Освен поединечни, главно медиумски настапи на статистичари од „постарата“ генерација, во институциите што се задолжени за креирање на идниот економски и демографски развој на земјата, како да недостигаат волја и заинтересираност да се променат состојбите во миграциските процеси, кои се сѐ понеповолни за нашата земја.
Така, деновиве во македонските медиуми беа проследени нови процени за бројот на жители во Македонија до 2050 година, до кога се очекува намалување од нови 11 отсто од сегашниот број на жителите. Податоците што се засноваат на извештаите на Обединетите нации и на Светската банка покажуваат дека во наредните три децении од земјата ќе заминат околу двесте илјади лица. Загрижувачки е и податокот дека Македонија е на 18-то место на листата од 20 земји со најголем проектиран пад на населението во следните децении. За споредба, во соседната земја Бугарија се очекува намалувањето на населението да биде за 22,5 отсто, а во земјите со најголем одлив се и Литванија, Украина и Србија.

Поранешниот директор на државниот Завод за статистика на Македонија, Дончо Герасимовски, вели дека Македонија во последните триесет години поминува низ „страшна“ депопулација, за што наведува и податоци од последниот попис, со кој се покажува дека повеќето од регионите се со негативен природен прираст. Во најлоша позиција е Источниот Регион, во кој сите 11 општини се со негативен прираст, на што треба да се додаде и зголеменото иселување.
– Последните две децении, постојано укажувам на тоа дека на Македонија ѝ е потребна демографска стратегија. Македонија демографски слабее. Имаме неповолен однос на морталитетот и наталитетот, исто е и со надворешните миграции. Неспроведувањето на пописот во 2001 година се одрази неповолно, затоа што немавме добра основа за градење национална демографска стратегија. Последниот попис покажа неповолна етничка структура, ако се има предвид дека се намалува бројот на жителите од македонско, српско и влашко етничко потекло, а расте бројот на албанското, турското и ромското малцинство. На ниво на земја, сите региони се во „негатива“. Она што загрижува е отсуството на научна и стручна дебата на која би се разгледале податоците од последниот попис, од кои би произлегле и соодветни демографски мерки за зголемување на бројот на населението – вели Герасимовски.
Во минатите години постоеја неколку обиди за донесување сеопфатна демографска стратегија за земјата, но поради различни причини и околности тие не резултираа и со конкретни решенија. Во највисоката научна институција во државата, МАНУ, постоеше и Отсек за демографски политики, но досега од ова тело отсуствува посуштинска анализа за резултатите од последниот попис. Исто така, нема интерес ни од економските факултети во земјата, како и од самиот завод за статистика, од каде што се насочија исклучиво на спроведување и презентирање на податоците од пописот на населението.

– Во минатите години имаше формирано посебно тело за популациска политика во рамките на Министерството за труд, но набргу престана со работа, под изговор дека заклучоците од ова тело не ги дале посакуваните резултати! Пристапот во другите земји од регионот во кој постои сериозна миграција во странство е подигнат на повисоко ниво. На пример, во Србија, која е изложена на силен бран на иселување, е формиран национален демографски совет со кој раководи лично претседателот Александар Вучиќ. Во Србија има и посебно министерство без ресор, кое презема повеќе активности за спречување на миграцијата од руралните средини. И во Хрватска имаат формирано совет за демографија, кој активно се посветува на проблемите со иселувањето – вели Герасимовски.
Причините за депопулација во руралните општини во Македонија лежат во локалните и во централната власт поради нивната неспособност да креираат добри развојни планови, сметаат економистите. Во недостиг од сеопфатна и разработена стратегија за развој на регионите и поради неспроведувањето вистинска децентрализација и пренесување на процесите на одлучување на локално ниво, повеќето мали градови во внатрешноста на земјата се изложени на процесот на тивко „изумирање“. Недостигот и од финансиски средства за поддршка на развојни проекти од локален карактер е главна причина за недостиг од нови работни места, со кои би се задржале луѓето и младите лица да останат на своите родни огништа. Според изјавите на градоначалниците од внатрешноста, извршната власт не го почитува Законот за локалната самоуправа и тоа дека еден процент од вкупниот БДП треба да се издвои за општините. М.Ј.