Иницијативите за натпартиски договор меѓу најголемите партии од македонскиот блок како повод
Ако и последните столбови на еден народ, како што се идентитетот, јазикот и историјата, не се вредни за еден семакедонски договор и обединување, тогаш ниту оваа генерација на политичари, и од власта и од опозицијата, не е достојна да ја води државата и да одлучува за нејзината иднина. Длабоката поделба меѓу двете најголеми партии веќе е толку голема, што овие политички субјекти имаат поголем интерес како да го уништат својот опонент наместо да се грижат за националните интереси. Овој опасен процес е веќе толку изразен што, ако не се спречи, ќе доведе до македонско самоуништување. Во пресрет на најголемиот национален празник 2 Август – Илинден, Македонија се наоѓа на историско распаќе од кое многу лесно може да тргне во правец од кој нема враќање, правец што ќе значи нејзино целосно преобликување во обична географска територија, во која македонскиот народ ќе ја загуби улогата на државотворен народ и ќе се претвори во само една од повеќето етнички заедници за чија иднина ќе одлучуваат други.
Повеќе од јасно е дека земјава до ова распаќе ја доведоа по осамостојувањето двете најголеми македонски партии, кои со години само за да дојдат до власт ги жртвуваа националните интереси, истовремено жестоко пресметувајќи се со политичкиот опонент, со единствена цел да го уништат и да го избришат од политичката сцена.
Таквиот нивен однос придонесе во ниту еден клучен историски момент во овие три децении самостојност партиите да не можат заеднички да седнат и да се договорат за прашања важни за интересот на државата и граѓаните, туку, напротив, по секои крупни одлуки фрчеа обвинувања за „предавници“, „слуги“, „непријатели“ и уште многу други погрдни квалификации.
Она што со децении е секојдневие на политичката сцена е таа длабока закрвеност меѓу македонските партии, за кои единствен приоритет се заштитата на партиските интереси и освојувањето на власта, наместо државата и интересите на граѓаните. Таквиот нивен пристап низ годините доведе до толкави поделби во општеството, за што веројатно ќе бидат потребни повеќе децении за да се вратат работите на некое нормално ниво.
Достигната е критичната точка
Несомнено светот се наоѓа во турбулентни времиња, исполнети со болести, војни, кризи, а на сето ова Македонија дополнително е на удар на сили што сакаат нејзино исчезнување од географската карта, како и на нејзиниот народ и сите негови карактеристики. Овие закани наведуваат на единствениот заклучок дека сега е критичниот момент кога повеќе од неопходно е единство за прашања важни за државата и за нејзините граѓани.
Можеби ова се најклучните моменти во историјата на независна Македонија во кои двете најголеми македонски политички партии треба конечно да се издигнат над партиската матрица, да ги закопаат политичките суети и да почнат да разговараат, но не за работи што ним би им донеле бенефиција, туку да разговараат за работи од кои зависи иднината на државата и на народот што живее во неа.
Тоа подразбира и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да почнат да се договараат за заедничкиот именител – Македонија, именител што треба да биде главната нишка на сплотување. Ниту една од овие две партии нема да добие ништо ако земјава назадува, ако општеството уште повеќе се дели, ако тоне во корупција и сиромаштија, кога нема договор ниту за клучните прашања, како што е заштитата на македонскиот идентитет и јазик.
Ако и последните столбови на еден народ, како што се идентитетот, јазикот и историјата, не се вредни за еден семакедонски договор и обединување, тогаш ниту оваа генерација на политичари, и од власта и од опозицијата не е достојна да ја води државата и да одлучува за нејзината иднина.
Државните интереси треба да бидат устав во партиските агенди, а сѐ друго поле за политички натпревар со опонентот. Партиите треба да се спротивставуваат и да ги придобиваат гласачите со идеи и проекти и на крајот, без оглед кој е на власт, секогаш да се најде некаква заедничка резултанта, која секогаш ќе биде во интерес на државата и народот.
Се чини дека во овој момент такво нешто е тешко остварливо, со оглед на изјавите од партиските табори со кои секојдневно се бомбардираат македонските граѓани, кои од ден на ден сè повеќе се свесни дека македонските партии најмногу работат за себе и како да дојдат или да останат на власт, а најмалку за Македонија или за народот. Народот е само обична алатка во нивните раце што го користат за да се дограбат до власт.
И додека таа политичка закрвеност е отидена до коска, некои други политички субјекти вешто ја користат поделеноста во македонскиот политички блок и буквално владеат со државата, без оглед што во Собранието се застапени со мал број пратеници, односно на отворена сцена е мајоризација на малцинството врз мнозинството на најбрутален начин.
Таквата мајоризација доведе до тоа за македонскиот идентитет и јазик да одлучува некој друг што никогаш не може да го има тоа етничко чувство, како што ниту некој друг етникум може да одлучува за судбината на друга етничка заедница.
Она што е најстрашно е што македонските граѓани гледаат како ја губат државата пред свои очи и дури и тоа не им е доволно на македонските партии да ги запрат непријателствата и да се обидат да го спасат она што може да се спаси. А многу може да се спаси, само ако се сака и само заедно.
Додека меѓусебно си префрлаат дали сме почнале преговори со ЕУ или не, подобро би било партиските претставници од двете партии да седнат и да најдат начин како да работиме тука како да сме ги почнале преговорите. Почнале – не почнале, тоа е техничка работа на Брисел, за да си го обели образот кон Македонија и заложништвото во кое ја држи земјава со децении. Затоа ние тука сами треба да ги почнеме преговорите така што двете партии уште утре ќе формираат заеднички работни групи што ќе почнат да работат на реформи на судството, образованието, здравството, администрацијата, ќе работат на планирање и договарање на инфраструктурни проекти што ќе се градат, а нема да се запираат подоцна, ќе се работи на привлекување инвестиции, заеднички ќе се лобира надвор… Тоа се вистински преговори што ќе доведат до напредок на државата и брза интеграција во ЕУ.
Можеби и најклучната работа во овие 30 години што доведе до тоа партиите воопшто да не разговараат е присвојувањето на заслугите. Ниту ВМРО-ДПМНЕ е заслужно за Договорот за стабилизација и асоцијација, за визната либерализација, а ниту, пак, СДСМ е заслужна за влезот во НАТО или за почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Тоа се процеси што ги воделе генерации претходно и заслугите се на сите. Но најмногу од сè заслугата е кај граѓаните, кои три децении трпеливо ја градеа и почитуваа својата држава.
Македонските поделби се погубни за националните интереси
Длабоката поделба меѓу двете најголеми партии веќе е толку голема што овие политички субјекти имаат поголем интерес како да го уништат својот опонент наместо да се грижат за националните интереси.
Овој опасен процес веќе толку е изразен, што на него сè погласно реагираат интелектуалците, кои бараат конечно ставање крај на македонските поделби.
Професорот и режисер Владимир Милчин е еден од оние што повикуваат дека е крајно време македонските партии да се обединат околу она што значи национални интереси, во спротивно не гледа иднина за оваа земја.
– Нема да има иднина доколку повторно се случи да не може двете најголеми политички партии со доминантно македонско членство да седнат и да се разберат дека постои некаков заеднички именител, а тој заеднички именител се Македонија и нејзините граѓани, без оглед дали се или не се Македонци. Мора да се направи некаков минимален договор. Граѓанинот не можете да го убедите доколку не му давате доволно аргументи за тоа дека вам ви е важна Македонија, а не власта. Не може битката за Македонија да биде битка за власт. И да чекаме едните да пропаднат, за да може другите да дојдат – вели Милчин.
Сличен став изрази и академик Катица Ќулафкова, која смета дека партиите мора да ги балансираат своите политики со определбите на народот.
– Моќта на секоја демократска власт произлегува од народот, затоа таа треба да ги хармонизира и да ги балансира своите политики со определбите на народот, а не со партиите, оти народот не може да се сведе на владејачките партии – вели Ќулафкова.
Таа смета дека токму поради таа поделеност меѓу македонскиот политички блок и сега не беше испочитувана волјата на народот околу гласањето во Собранието за преговарачката рамка и давањето мандат на Владата да го прифати францускиот предлог.
– Наместо да се примени, во најмала рака, законската можност за двојно гласање, она на вкупниот состав и другото, на македонскиот дел од парламентарниот состав, и да се покаже недвосмислено волјата на македонските пратеници по однос на македонските идентитетски прашања, таа волја иако неоспорна, сепак не беше испочитувана, па е донесена одлука што не ги изразува ниту ги штити националните, културните, јазичните, образовните и другите права на Македонците. Тоа се оствари со помош на гласовите на пратеници што не се етнички Македонци и кои се индиферентни спрема македонските идентитетски права – појасни академик Ќулафкова.