Oд осамостојувањето на земјата наваму, македонската економија оствари разочарувачки бавен раст. Во периодот од 1993 до 2021 година, просечно годишно, реалниот раст на бруто-домашниот производ изнесува само 1,7 процент, што не овозможи позначително стеснување на јазот во однос на пресекот на ЕУ, посочи Азески
БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА СО ПРЕДЛОГ-МЕРКИ ЗА СПАС НА ЕКОНОМИЈАТА
Актуелните кризи во областа на енергетиката, здравството и финансиите ќе се сретнат до септември и ќе извршат огромен притисок врз општеството, светските пазари и целата економска ситуација во светот. Поради тоа, мислиме дека е клучен момент да се преземе една програмирана активност на државата за да им се помогне и на граѓанството и на бизнис-секторот, порача претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, по повод 100 години коморско работење.
– Компаниите се наоѓаат во исклучително тешка ситуација, за што сме информирале многупати досега. Тоа значи дека единствена е нивната оцена дека енергетската криза и придружните кризи ја исцрпија нивната кондиција и од овој момент тие навистина се наоѓаат во една алармантна ситуација како ќе се соочат со состојбите што ќе бидат предизвикани во текот на зимските месеци – рече Азески.
За таа цел, комората вчера објави Декларација за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки. Декларацијата вчера беше усвоена од Собранието на Стопанската комора како највисок орган.
– Од осамостојувањето на земјата наваму, македонската економија оствари разочарувачки бавен раст. Во периодот од 1993 до 2021 година, просечно годишно, реалниот раст на бруто-домашниот производ изнесува само 1,7 процент, што не овозможи позначително стеснување на јазот во однос на пресекот на ЕУ. И покрај тоа што јавниот долг на Македонија многу се зголеми, од 23 проценти во 2008 година на 54,9 отсто во март 2022 година, со тоа речиси достигнувајќи го плафонот на својата одржливост, задолжувањето не обезбеди побрз економски раст – се вели во декларацијата.
Земјава се соочува со ризик да стане презадолжена, доколку трендот на задолжување продолжи, се наведува во декларацијата и се додава дека поради нереформираниот образовен систем и отсуството на конзистентен пристап, Македонија останува високозависна од увоз на енергенти, а со тоа и е подложна на силни ценовни удари без обезбедена алтернатива.
Во декларацијата, исто така, се посочува дека бизнис-секторот бара враќање од „партиска“ кон „државна“ агенда, со што ќе запрат фиктивните вработувања во јавниот сектор, ќе им се даде предност на стручните кадри пред партиските вработувања и ќе се ревидира потребата од постоење на 1.322 државни институции со „армија партиски вработени“.
Доколку оваа декларација биде прифатена од политичките партии, од Стопанската комора велат дека ќе им биде понудена на сите други добронамерни субјекти што сакаат прогрес на државата и спречување на одливот на млади луѓе од земјава.
Азески истакна дека комората има изготвено мерки за надминување на проблемите на компаниите со струјата, а в понеделник ќе бара итна средба со Владата и со Регулаторната комисија за енергетика.
Мерките, како што изјави претседателот, се конципирани на зголемување на домашното производство на електрична енергија. Се предлага да се направи сѐ што е можно во рамките на ЕСМ за да се активираат сите капацитети, вклучувајќи го и капацитетот во Неготино, да се одложат ремонтите во РЕК и да се стават во функција сите фотоволтаични капацитети.
– Сите овие мерки се врзани за определени парични средства. Во моментот се носи ребалансот на буџетот, а Меѓународниот монетарен фонд тактизира околу поддршката и тоа ѝ дава силен аргумент на Владата да ги одолжува процесите, но во моментот цениме дека нема никаков простор за откажување и во текот на следната недела Владата ќе мора да се изјасни околу ова прашање, рече Азески.
Оцената на комората е дека Владата поради политичките случувања во државата доцни со мерките за надминување на енергетската криза.
– Се обидува тоа да го направи преку зголемување на капацитетите на ЕСМ и воведување определени заштеди, меѓутоа тоа, според нас, не е можно затоа што оцената на Македонската енергетска асоцијација е дека состојбите во ЕСМ не се такви, ниту кадровски, ниту технички, ниту логистички, за да може да го постигне тоа. Значи ако во ваква ситуација, ние бараме решение и за парното греење и за домашното производство, тоа едноставно во овој момент ЕСМ не може да го издржи. Затоа нашите барања се сконцентрирани на тоа посебно да се води сметка за фирмите, не занемарувајќи ја поддршката за граѓаните – посочи Азески.
Во однос на дополнителното зголемување на основната каматна стапка, Азески рече дека комората има конзистентен став по ова прашање односно, дека треба да се води сметка за курсот, но истовремено и за состојбите во реалниот сектор.
– Ние имаме чувство дека во изминатиот период централната банка ја протежираше само едната обврска – за зачувување на курсот, нѐ водејќи сметка за состојбите во реалниот сектор. Така можеме да се доведеме во ситуација – операцијата да биде успешна, но пациентот мртов. Значи ние инсистираме и можеме да помогнеме и да пренесеме какви се состојбите во реалниот сектор – вели Азески.
Досега до комората, како што посочи, нема информации дека компаниите имаат проблем со пристапот до кредити.
– Ликвидноста на банките е на задоволително ниво и тие сѐ уште можат да ги пратат сите инвестициски активности на компаниите – оцени претседателот на комората. К.М.