И од страна на власта и од страна на опозицијата, а секако и од страна на некои меѓународни фактори, деновиве се крева тензија со прогресија околу таканаречениот француски предлог. Но притисокот, тензијата и напнатоста не одат рака под рака со разумно, рационално размислување и носење целесообразна одлука. Притисокот однадвор не е нова креација. И не е само поради сезоната на летни горештини и годишни одмори. Тоа е позната ситуација, која, според нашите соговорници, мошне наликува на амбиентот што беше создаден пред 13 август 2001 година, кога требаше да се издејствува потпишувањето на Охридскиот договор, како и пред 17 јуни 2018 година, заради потпишувањето на Спогодбата од Преспа
НЕВИДЕН СЕОПФАТЕН ПРИТИСОК КОГА ТРЕБА ДА СЕ РЕШАВА ЗА ТЕМИ ОД НАЈВИСОК НАЦИОНАЛЕН И ДРЖАВЕН ИНТЕРЕС
Не само калкулациите на францускиот претседател Франсоа Макрон туку и проекциите за реално остварливите рокови за целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи и на Македонија во Европската Унија, укажуваат на тоа дека и од страната на власта и од страната на опозицијата, а секако и од страна на некои меѓународни фактори, деновиве се крева „тензија со прогресија“ околу таканаречениот француски предлог. Тоа е вршник-ситуација, и тоа не само поради сезоната на летни горештини и годишни одмори, која мошне наликува на амбиентот што беше создаден пред 13 август 2001 година, кога требаше да се издејствува потпишувањето на Охридскиот договор, како и пред 17 јуни 2018 година, заради потпишувањето на Спогодбата од Преспа.
ЕУ воопшто не е наивна, знае и кога и како да притисне
Ветувањата за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ се остварија делумно дури по огромната, дури неразумна наша отстапка, барем кога станува збор за НАТО. Што се однесува до ЕУ, одамна е јасна состојбата дека соседите што се нејзини членки одамна посегнаа по крајно непопуларната алатка наречена вето и блокирање. Токму Унијата им го овозможи тоа, бидејќи тие се во привилегираниот клуб на држави и такво нешто им се може, дури и ако ветото и блокадите како алатка немаат никаква правна основа. Уште попрецизно, таквите алатки, според познавачите на правото, „имаат битие на тешко прекршување на меѓународното право, односно имаат криминален мотив“!
Ветата и блокадите на членките на ЕУ, а и самата Унија, ни ги нудат во пакет со навестувањата за секакви мрачни сценарија. Сѐ уште се нудат морковот и стапот и експликациите дека „македонското општество и неговите политички елити воопшто како да не постигнале никаков напредок во своето созревање“. Последните пораки од некои претставници на Унијата се дека „доколку се отфрли францускиот предлог како основа за тргање на бугарското вето и за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ, наскоро нема да има друга понуда“, само ги потврдија тезите дека пристапот на Брисел кон Македонија воопшто не е наивен, ниту е сменет.
Тоа, во еден дел можеби најверодостојно го претстави професорот Нано Ружин.
– Ова потсетува на она што го има во многу песни: земи или остави, замини кон ЕУ или остани со Косово и со Босна и Херцеговина, нема трето – објасни, меѓу другото, тој.
Но преочигледен е ставот на масата граѓани од протестите, кои остануваат на нивниот став дека со евентуално прифаќање на францускиот предлог „Македонија ќе се самоукине“.
Под притисок одговор не се дава, но ако одговорот биде „НЕ“, нема да
пропадне целиот процес на европските интеграции
Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција, државата што стои зад понудениот текст за договор, во неговото последно интервју за овдешните медиуми, објасни дека станува збор за сложен материјал за чие разгледување е потребно време.
– Потребно е објаснување, но и неопходно е време со ладна глава да се проучи за што, всушност, станува збор имајќи на ум дека самата тема е многу чувствителна. Од друга страна, предлогот е доста сложен. Станува збор за текстови што се доста технички и доколку не поседуваме соодветно прaвно знаење тешко е да се разберат. Оправдана е потребата за разбирање и може да постои одредено чувство на фрустрираност, ако го немаме клучот за сами да си донесеме мислење во поглед на текстовите, тогаш ги слушаме другите. Овде станува збор за прашање на доверба во институциите од кои се бара објаснување – вели францускиот амбасадор, додавајќи дека на сето ова треба да се гледа рационално, без чувства, со цел да се разбере смислата на предлозите и на нивниот опсег.
И извршниот директор на центарот за европски стратегии „Евро тинк“, Димитар Николовски, е еден од тие што мислат дека не треба да се брза со донесувањето конечна одлука за прашање што е премногу големо и во кое веќе е вложена премногу енергија.
– Не сум среќен со тоа дека се создава чувство на итност, земи или остави, сега или никогаш. Не мислам дека ако не се донесе сега одлука, односно ако биде одговорот од наша страна – не, дека готово, ќе пропадне целиот процес на европските интеграции. Затоа што од нас се бараат многу повеќе отстапки отколку од Бугарија – изјави пред некој ден Николовски.
Во секој случај, одлуки под притисок, тензија и напнатост ретко коинцидираат со носење разумна, вистинска, визионерска одлука. Времето на одлучување не треба некој да ни го скратува, а со секој нареден ден, резултатите се сѐ поочигледни. Само тој што носи одлуки, тоа треба да го препознае, да ја види реакцијата на граѓаните, која е недвосмислена. Граѓаните не се политичари и тие не калкулираат. Тие имаат силно чувство за патриотизам и имаат претчувство оддалеку да намирисаат опасност. Граѓаните го имаат врховниот легитимитет на одлучување. Кај избраните политичари политичкиот легитимитет е само трансфериран. Само некој треба да има храброст во нивно име да ја каже граѓанската одлука пред меѓународната јавност. Можеби и за тоа треба малку повеќе време?
За потсетување, актуелната верзија на предлог-преговарачката рамка за пристапни преговори со Европската Унија, наречена францускиот предлог, на англиски јазик беше објавена пред десетина дена, а неколку дена потоа беше објавен и нејзиниот превод на македонски јазик. Владата пред неколку дена ја достави до Собранието, по што беше ставена на дневен ред за пленарната седница. Д.М.М.