Идејата на оваа колумна е да ја објасни важноста на примената на стандарди во јавните набавки, а не да се објасни процесот на јавните набавки. Во земјите од ЕУ, расходите за јавни набавки достигнуваат околу 15 проценти од ГДП, или околу 2 трилиони евра, при што конкуренцијата е клучна цел за единствениот европски пазар. Заради таа цел, Европа ги воведува тие таканаречени „Директиви 2014“, кои ги опфаќаат следниве полиња:
– Директива 2014/24 за доделување јавни работи, договори за набавки и договори за услуги (Директивата за јавниот сектор). Повикувањето на стандарди е дефинирано во членот 42.3;
– Директива 2014/25 за доделување договори од субјектите што работат во водостопанството, енергетиката, транспортот и сектори за поштенски услуги (Директива за комунални услуги);
– Директива 2014/23 за доделување концесија договори и од органите на јавниот сектор и одредени комунални услуги (Директива за концесии).
Директивите се засноваат на правилата на единствениот пазар на ЕУ и принципите на Договорот за функционирање на Европската Унија. Овие принципи вклучуваат слободно движење на стоки, слобода на основање и слободата за давање услуги, како и принципите што произлегуваат од тоа, имено, принципите на еднаков третман, недискриминација, меѓусебно признавање, пропорционалност и транспарентност се со цел да се забрзаат практиките за набавки и да се олесни трговијата.
Повикувањето на стандарди во техничките спецификации има цел да го зголеми заедничкото разбирање на потребната документација за набавка помеѓу купувачите и доставувачите, при што ќе се дефинираат работите, набавки и услуги, а ќе се намалат трошоците, ќе се обезбеди еднаквост за сите на пазарот, зголемување на транспарентноста и ќе се овозможи полесно развивање на документацијата за јавна набавка.
Бидејќи постојат повеќе класификации на меѓународни, европски и национални стандарди и технички спецификации, мора да се воспостави ред, т.е. да се стави приоритет на примена на горенаведениве нешта. За да се повикуваат на европски стандарди, но усвоени како македонски стандарди треба македонското законодавство во областа на јавните набавки и во областа на стандардизацијата да биде изедначено со европското законодавство во соодветните области. И дури тогаш може да се повикува на европските стандарди усвоени како македонски.
Приоритетите се следни:
Прво, националните стандарди, националните технички одобренија и националните технички спецификации може да се повикуваат во јавната набавка само ако не постојат европски или меѓународни стандарди во соодветната област. Тоа значи дека во јавната набавка може да се повикува на наши национални чисто македонски стандарди само доколку нема европски (усвоени како македонски) или меѓународни (усвоени како македонски). Домашните национални стандарди може да се создадени од мала група заинтересирани страни. Во процесите на јавни набавки каде што можат да учествуваат понудувачи од други земји постои ризик да не знаат за националните стандарди. Затоа, при создавањето на техничката спецификација во документите за набавка, треба да се информираат можните понудувачи кога се повикуваат националните стандарди.
Второ, повикувањето на стандард треба да биде придружено со зборовите „или еквивалент“ за обезбедување друга соодветна документација. Документацијата не мора да биде само во форма на стандард. Во однос на упатувањето на стандард, намерата е да се дозволат различни решенија и да не се отфрли понуда бидејќи понудувачот директно не се повикал на стандард, но смета дека решението е во согласност со техничките спецификации наведени во тендерот. Понудувачот е тој што мора да го оправда почитувањето на техничката спецификација.
Трето, при поставувањето на барањата, договорниот орган секогаш може да бара документација во форма на сертификат, извештај од тестот, оцена на сообразност или друг вид документација. Документацијата потоа треба да докаже дека понудата е во согласност со барањата на заедничките технички спецификации.
Примери:
– При повикување на европски стандард усвоен како македонски се применува следнава формулација за одредената област МКЦ ЕН ИСО 9001:2015 (МКС EN ISO 9001:2015) – системи за менаџмент со квалитет – барања.
На овој стандард може да се повикуваат во јавните набавки органите што имаат потреба од јавната набавка. Но меѓутоа и тоа не е доволно. Според Европската акредитација постојат 39 кода за ИСО 9001 и тие покриваат различни области. Како пример, доколку во јавната набавка за ИСО 9001 се бара нешто од областа на текстил и текстилни производи (кој спаѓа во групата на ЕА код 04), таа јавна набавка не може да ја добие сертификациско тело што е акредитирано (ИСО 17021) за ИСО 9001, но по друг код. Значи, доколку тоа сертификациско тело е акредитирано по ЕА кодот 27 – снабдување со вода за ИСО 9001, тој не може да учествува во јавната набавка за текстил и текстилни производи иако има сертификат од сертификациското тело дека ги исполнува барањата по ИСО 9001. Тој има сертификат за ИСО 9001, но за кодот 27, а не за кодот 04.
– При повикување на чисто национален македонски стандард се применува следнава формулација за одредената област МКЦ 1001:2012 (МКС 1001:2012) – стандардна спецификација за течни нафтени гасови (ТНГ).
Ова е чисто национален македонски стандард и на овој тип стандард може да се повикува во ЈН само доколку нема европски стандард во таа област. Гаранцијата дека нема таков европски стандард ја дава Институтот за стандардизација на Република Македонија, а основата лежи во тоа дека не може два различни стандарди да покриваат иста област.
– При повикување на стандард каде што како критериум за доделување се „Трошоци“, може да се применат трошоците на животниот циклус, вклучувајќи директни и индиректни трошоци. Не постои меѓународен стандард за животниот циклус за трошоците, но постои стандардот ЕН ИСО 14040:2008 управување со животната средина – оценување на животен циклус, методологија што може да се искористи за одредување на трошоците.
Практично тоа значи следново: Доколку некое министерство сака да купи столови и маси, може да го примени и критериумот „Трошоци“, во однос на трошоците за животниот циклус на бараните маси и столови. Поради тоа се повикува на МКЦ ЕН ИСО 14040:2008 (МКС EN ISO 14040:2008) – принципи и рамка и МКЦ ЕН ИСО 14044:2008 (МКС EN ISO 14044:2008) – барања и упатства.
– При повикување на европски стандард или техничка спецификација усвоен како македонски или ЕКВИВАЛЕНТЕН на него. МКЦ ЕН ИСО 9001 (МКС EN ISO 9001) – (системи за управување со квалитет; побарувања) наспроти МКЦ ТЦ ИСО/ТЦ 16949 (МКС ТС ISO/TC 16949) – (системи за управување со квалитет; посебни барања за примена на ИСО 9001:2008 за автомобилско производство и релевантни услужни организации)
МКЦ ТЦ ИСО/ТЦ 16949 (МКС ТС ISO/TC 16949) е техничка спецификација, наменета за употреба од страна на организациите за производство и сервисни делови за автомобили. Изработен е од експерти од ИСО и експерти од ИАТФ – Меѓународната автомобилска работна група, составени од гигантите на автомобилската индустрија „Крајслер“, „Форд мотор компани“, „Џенерал моторс корп“, ПСА, „Пежо“, „Ситроен“ и „Рено“. ИСО/ТЦ 16949 (ISO/TC 16949) е всушност ИСО 9001 за автомобилската индустрија. Во него ги има сите барања што ги има во ИСО 9001 плус некои дополнителни барања што ги бара автомобилската индустрија. Овие два стандарда се еквивалентни и како такви може да се употребат во јавната набавка. И тука постојат две можности:
– Доколку во јавната набавка се бара сертификат за ИСО 9001, а понудувачот достави дека е сертифициран по ИСО/ТЦ 16949 (ISO/TC 16949), ова се прифаќа бидејќи ИСО/ТЦ 16949 ги поседува сите барања од ИСО 9001, плус дополнителни барања и тие два се еквивалентни.
– Доколку се бара во јавната набавка сертификат ИСО/ТЦ 16949, а понудувачот достави дека е сертифициран по ИСО 9001. Ова не се прифаќа поради дополнителните барања на ИСО/ТЦ 16949, кои ги нема во ИСО 9001 иако овие два стандарда се еквивалентни.
Стандардот МКЦ ТЦ ИСО/ТЦ 16949 (МКС ТС ISO/TC 16949) повеќе не е важечки и е повлечен од употреба, а ИАТФ изработи своја сопствена техничка спецификација.
Бидејќи ова е само еден мал дел од тоа како може да се повикува на стандарди во јавните набавки, пожелно би било лицата што се занимаваат со јавни набавки да имаат поголемо знаење во оваа област или да соработуваат со експерти од областа.
Љупчо Давчев
(Авторот е магистер по технички науки од областа на енергетското машинство и поранешен директор на Македонскиот институт за стандардизација)