Во својата анализа, светски познатиот и признаен експерт Флоријан Бибер, во неколку точки, ги издвојува сите опасности што францускиот предлог ги носи со себе
СТРАНСКИ ЕКСПЕРТИ РАЗОЧАРАНИ ОД УЛТИМАТУМОТ КОН МАКЕДОНИЈА
Францускиот предлог за отстранување на бугарската блокада претставува катастрофа за проширувањето на ЕУ. Иако навидум изгледа добар чекор за ставање крај на бугарското вето, со овој предлог се постигнува многу малку и тој носи огромни опасности, е ставот на светски познатиот и признаен експерт Флоријан Бибер, директор на Центарот за југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац. Во својата анализа, Бибер во неколку точки ги издвојува сите опасности што францускиот предлог ги носи со себе.
1. Тоа го вклучува билатералниот спор во европскиот преговарачки процес што им дава легитимност и поттик во иднина на земјите-членки на ЕУ да го блокираат процесот на пристапување на други земји.
2. Значително е поблиску до бугарските барања отколку до македонската позиција, создавајќи нерамнотежа на тој начин.
3. Во суштина ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада што укажува на тоа дека постои проблем со дискриминацијата на Бугарите во Македонија.
4. Го игнорира тоа што проблемот е (делумно) предизвикан од ЕУ. Десет илјади македонски граѓани добија бугарски пасоши само затоа што станува збор за европски пасош, а не затоа што тие се Бугари. Барањата на граѓаните да станат европски државјани (за да можат да работат) се злоупотребени од страна на Бугарија за да може да тврди дека тие се „етнички“ Бугари.
5. Ги билатерализира и ги дискредитира механизмите за автентичните малцински права.
6. Нема да добие доволна поддршка во Македонија, а неспроведувањето на договорот ќе се толкува како неуспех во Македонија, а не како неуспех на бугарските националистички барања.
Наместо лесен излез, францускиот предлог дополнително ќе фрли дамка врз угледот на ЕУ и ќе го погреба процесот на проширување, смета Бибер.
Кој е Флоријан Бибер
Флоријан Бибер е директор на Центарот за југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац, како и професор по југоисточноевропска историја и политика. Меѓу 2001 и 2006 година работеше во Белград (Србија) и во Сараево (БиХ) за Европскиот центар за малцински прашања. Во моментов е на чело на програмата „Жан Моне“ за европеизацијата на Југоисточна Европа и е координатор на Советничката група за Балканот во европската политика. Бибер е автор на повеќе книги, новинарски написи и колумни. Неговите дела опфаќаат прашања за малцинствата и малцинските права, како и за мултиетничките држави и етничките конфликти во Југоисточна Европа, особено во Западен Балкан. Исто така, работи и како политички советник за меѓународни организации, министерства за надворешни работи, донатори и приватни инвеститори.