Во анкетата, секој трет испитаник рекол дека најблиски им се Црногорците, четвртина за најблиски ги сметаат Македонците и петтина од испитаниците рекле дека тоа се Унгарците и Бошњаците
Најнова анкета на „Демостат“ за надворешнополитичката ориентација на граѓаните во Србија
Во надворешнополитичката ориентација на граѓаните на Србија доминираат четири надворешни фактори: Русија, Европската Унија, САД и Кина. Во преден план српските граѓани ги ставаат односите со Русија и Европската Унија, Кина ја сметаат за „нов играч“, додека перцепцијата за САД е дека тие се држат во „сенка“ или дејствуваат преку ЕУ. Во анкетата што е спроведена од страна на „Демостат“, мнозинството испитаници изјавиле дека Русија ѝ е најблиска држава на Србија (40 отсто), а со ист процент се изјасниле и за тоа дека Руската Федерација ѝ е најважен надворешнополитички партнер на Србија. Српските граѓани имаат најдобро мислење за рускиот претседател Владимир Путин (45 отсто), а потоа се кинескиот лидер Си Џинпинг (12 отсто), претседателот на Франција, Емануел Макрон (11 отсто), германскиот канцелар Олаф Шолц (5 отсто) и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган (три отсто). Српскиот претседател Александар Вучиќ е само еден процент попопуларен од рускиот претседател Владимир Путин.
Во анкетата, секој трет испитаник рекол дека најблиски им се Црногорците, четвртина за најблиски ги сметаат Македонците и петтина од испитаниците рекле дека тоа се Унгарците и Бошњаците.
Анкетата покажа дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик (со 28 отсто), е најпопуларниот српски лидер по Вучиќ. Граѓаните на Србија го доживуваат унгарскиот премиер Виктор Орбан (со 37 отсто) како домашен лидер и тој има највисок процент на доверба од лидерите во поблиското опкружување на Србија. Словенечкиот претседател Борут Пахор има поддршка од пет отсто анкетирани лица, а само два отсто имаат најдобро мислење за македонскиот претседател Стево Пендаровски.
На прашањето доколку утре би се одржал референдум за влез на Србија во Европската Унија, 34 отсто од граѓаните би гласале за, само 17 отсто сметаат дека треба да се направат одредени отстапки поради напредокот кон ЕУ, додека 51 отсто од испитаниците се против влез во ЕУ, беше кажано на презентацијата на истражувањето на „Демостат“.
– Околу 58 отсто од испитаниците сметаат дека Србија не треба да ја усогласува својата надворешна политика со ЕУ, додека 33 отсто сметаат дека Србија треба да го направи тоа – изјави истражувачот на „Демостат“ Среќко Михаиловиќ.
Тој ги изнесе и резултатите за тоа дека 81 отсто од испитаниците сметаат дека Србија мора по секоја цена да ја зачува неутралноста, а 80 отсто се изјасниле да не воведува санкции кон Русија.
Одговарајќи на прашањето кој е одговорен за актуелната ситуација во Украина, седум отсто од испитаниците ја споменале Русија, три отсто сметаат дека Русија е поодговорна од Украина, 17 отсто сметаат дека НАТО е поодговорен за ситуацијата, а 54 отсто сметаат дека НАТО е исклучиво одговорен.
Истражувањето е спроведено во периодот од 13 до 22 јуни, а во него учествувале 1.203 граѓани.