Во изминатиот период двете земји реагираа на нарушување на воздушниот простор над источниот дел од Медитеранот, а во фокусот е територијалниот спор за групата острови, во кои влегува Родос, но и други острови, како Лезбос, Самос и Кос
Продолжуваат тензиите во грчко-турските односи
Официјална Атина и Анкара во изминативе денови разменија остри пораки со кои меѓусебно се обвинуваа за тензиите што се појавуваат во регионот на неколку грчки острови што се блиску до турскиот брег. Како што е познато, изминатиот период грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис го отвори прашањето за агресијата на Турција и нејзиното незаконско нарушување на грчкиот воздушен простор, додека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган побара да се испочитува договорот за демилитаризацијата на неколку грчки острови. Пред два дена од Анкара пристигна ново објаснување дека „Грција се обидува преку спорот со Турција да издејствува подобри позиции кај домашната политичка јавност“.
Некои политичари во Грција ја осудуваат Турција за да го свртат вниманието од своите стратегиски неуспеси и да добијат поддршка во својата земја, предупреди турскиот директор за комуникации Фахредин Алтун.
Изјавата на Алтун следуваше по минатонеделните тензии во врска со територијалниот спор меѓу Грција и Турција и милитаризација на островите во Егејско Море.
– Некои политичари во нашето соседство имаат лоша навика да ја користат Турција како лесна цел за да добијат политичка поддршка во својата земја. Овие успеси се осудени на неуспех – порача тој и нагласи, „на нашиот сојузник и сосед во НАТО“.
Турција и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган во последниот месец ја обвинија Грција за стационирање војници на островите во источно Егејско Море во близината на турскиот брег. Овие острови требаа да бидат демилитаризирани според договорот од 1923-та и Парискиот договор од 1947 година, со кои се забранува поставување трупи или оружје на островите, тврди Анкара.
– Постојано ескалирање на непријателството во Егејско Море не му служи никому. Цената на оваа напнатост е поголема за самиот агресор. Наместо многубројните и неодговорни потези што Грција ги презема против Турција, ние сме посветени на пронаоѓање решение преку дипломатија и дијалог – вели Алтун.
Во изминатиот период двете земји реагираа на нарушување на воздушниот простор над овој дел од Медитеранот. Во фокусот на територијалниот спор првенствено се групата острови под називот Додеканези, во кои влегува и Родос, но и други острови, како Лезбос, Самос и Кос. Турско-грчката граница е регулирана пред сто години, но прашањето за суверените права во источниот дел на Егејско Море е сложено од аспект на меѓународното право.
Подготвил: Митко Јовановски