Уметницата Ивана Мирчевска е добитничка на наградата „Денес“ за млад визуелен уметник до 35 години, која ја доделува организацијата „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ) од Скопје, во соработка со Центарот за современи уметности – Скопје, мрежата „Награди за млади визуелни уметници“, резиденциската програма од Њујорк. Наградата се додели по шеснаесетти пат.
По јавните презентации и изложбата на четворицата уметници финалисти Дарко Алексовски, Ивана Мирчевска, Кристина Пулејкова и Зоран Шекеров, кои се случија на 22 и 23 јуни во „Мала станица“, одлуката ја донесе комисијата составена од: Вивиана Ќеќиа (Лондон), кураторка и истражувачка, кураторка за резиденции и јавни програми во „Делфина фондацијата“, Лондон; Елена Чемерска (Скопје/ Берлин), уметничка и добитничка на наградата „Денес“ во 2021 година; Славчо Димитров (Скопје), истражувач, теоретичар, активист и куратор на „Скопje викенд на гордоста“, интердисциплинарен фестивал за квир-уметности, култура и теорија; Нора Халими (Тетово), уметничка и професорка на Факултетот за уметности на Универзитетот во Тетово; и Лилиа Куделиа (Киев/ Далас), кураторка, историчарка на уметност и соработничка на резиденцијата во Њујорк.
– По внимателно и повеќеслојно размислување, жирито ја избра Ивана Мирчевска. Овој избор е направен земајќи ги предвид вешто развиената уметничка продукција на Мирчевска и прецизното истражување што се протега низ подвижни слики, текст и инсталации. Ние цениме како работата на Ивана се однесува, ангажира и критички го преиспитува напредувањето на технологиите на видот и функционира како моќно афективно и хаптичко посредување помеѓу телата и просторите на припадност.
Исто така, би сакале да го истакнеме сложениот ангажман во работата на Ивана, од една страна, со современи и политички итни дискурси во трансдисциплинарните области на хуманистичките и општествените науки и, од друга страна, со различни, но заплеткани и вкрстени проблеми и аспекти на нашата современост, вклучувајќи и антропоцен, екологија, капиталистичка екстракција, урбан развој и трансформација, родови нормативни феноменологии, дихотомии природа/култура и тело/технологија и многу други. Одлуката на жирито беше поттикната од свесноста дека Ивана ќе има бенефиција од двомесечната резиденција, врз основа на нејзината решителност и зрелоста на нејзината практика – се вели во одлуката.
Мирчевска го претстави делото „Медиум-пукнатина: Aлтернативен сет на подлоги за искачување“ од 2021 година, кое е хибридна инсталација составена од видеоснимки, објекти, текст, 3Д-анимации и звучен пејзаж. Медиум-пукнатина е шпекулативна средина, изградена врз остатоци од материјална култура, објекти на меморија, звучни духови и визуелни прогонувања, поместени во времето и просторот. Црпејќи од постојните пукнатини на планината Водно – траги од постојаното нагризување и приграбување на нејзината материја во корист на економска ефикасност и урбано проширување и во улога на ископувачи и истражувачи, делото испреплетува мрежа од семиотски, материјални и историски релации, халуцинации и еха, во кои домуваме заедно со пријатели, хтонски сожители и мноштво други.
Ивана Мирчевска (1992 година) е визуелна уметничка и истражувачка, која работи преку слики во движење, текст и инсталација. Има дипломирано на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство (2015 година) и магистрирано на Академијата за ликовни уметности Брера во Милано, Италија (2018 година).