Во тек се археолошки истражувања

Во тек се археолошките истражувања на античкиот град Стибера кај прилепското село Чепигово, како проект од годинашната проектна програма на НУ Завод и музеј – Прилеп, поддржана од Министерството за култура со 200.000 денари. Оваа година самите ископувања се во мошне помал обем, затоа што фокусот е на подготовка на теренот за започнување конзерваторски работи врз административната зграда на главниот градски плоштад – пазариште (агората), откриена минатата година, што претставува прво вакво откритие во Македонија, како што посочува археологот Душко Темелкоски.
– Во наредните неколку години, со реализација на конзерваторските активности би требало агората да добие изглед каков што заслужува и заедно со соседниот храм на заштитничката на градот, божицата Тихе, да претставува компактна целина како репрезентативен сегмент од акрополата на градот Стибера. Но, сепак, иако ископувањата се мали, и тоа на места каде што подното ниво на римскодобната агора не е зачувано, дојдовме до постариот хоризонт од егзистирањето на градот, а тоа е времето на македонските антички кралеви. Всушност, Стибера е спомната во неколку изворни антички записи, кои ја поврзуваат со времето пред доаѓањето на Римјаните. Два од нив се однесуваат на последните македонски кралеви, таткото и синот Филип 5 и Персеј, кои на преминот од 3 во 2 век пред нашата ера и на почетокот од 2 век пр. н.е., војуваат против Римјаните – вели Темелкоски.

Античка Македонија била единствена држава во тоа време што повеќе децении успешно ги одбивала продирањата на Римјаните во овој дел од Балканскиот Полуостров. Се водат вкупно три македонско-римски војни. Во едниот запис се споменува римскиот војсководец Сулипкиј, кој за време на втората војна во 200 година пр. н.е., при повлекувањето од областа Линкестида (денешна Битола,) накратко се задржува во Стибера, каде што неговите легии се снабдуваат со потребните намирници, меѓу другото и со жито. Пелагонија во сите временски епохи, од праисторијата, преку антиката, па до денес, е позната плодородна котлина. Во вториот запис, кој се однесува на третата и последна македонско-римска војна, е запишано дека последниот македонски крал Персеј токму во Стибера извесен период во текот на 169 година пр. н.е. го стационирал својот воен штаб. Покрај тоа што командувал од градот во борбите против Римјаните и нивните сојузници Илири во западна Македонија и денешна Албанија, кралот презел и еден поход до градот Ускана (денешно Кичево). По успешниот поход, тој се враќа во Стибера со заробени Пенести, илирски сојузници на Римјаните, и во градот ги продава како робови, што било вообичаено за тоа време.
– Со малите по обем годинешни истражувања, сепак, се откриени скромни остатоци од градби од тој македонски период на егзистирање на Стибера. Значењето на нивното откривање е тоа што на самиот терен се потврдува македонскиот хоризонт на градот. Во движните наоди од овој предримски период доминираат наодите на фрагментирана садова керамика, а се евидентирани и земјени тегови и неколку метални наоди. Највредни се двата калапа од глина, едниот за луксузна чаша за пиење вино со декорација од бршлен, додека другиот калап е за изработка на теракотна претстава на Херакле во борба против Немејскиот лав, еден од подвизите на овој митолошки јунак, предок на македонската античка кралска куќа – додава Темелкоски. Ка.М.