И да не се соблазнуваме од тоа што изјавата на премиерот Ковачевски во главниот град на ЕУ беше дадена на чист македонски јазик. Не грижете се, ќе ја разберат сите. Има доволно професионалци што ќе го преведат говорот како што треба. А и ЕУ одамна има колку сакате лекторати за македонски јазик, така што во Европа македонскиот добро го разбираат, со векови. Но употребата на македонскиот јазик и потребата од негово преведување е уште еден доказ за нашата посебност, уште едно камче во мозаикот дека не сме она што некој сака погрешно да нѐ претстави, да нѐ присвои, да нѐ уништи
Конечно дојде добра вест од Софија, која ќе ги затопли заладените односи меѓу двете држави и двата народа што вековно живееле во мир, слога и југомагнат. Официјалната бугарска власт ѝ дозволи на фудбалската репрезентација на Македонија да може да игра во своите стандардни црвени дресови, што е голема отстапка, бидејќи и Бугарите кога играат настапуваат во црвени дресови. Од Македонија не се бара ништо дополнително, освен една мала ситница, а тоа е да имаат една ситна зелена апликација под амблемот на фудбалската федерација, во знак на благодарност кон бугарскиот народ, кој, ете, дозволил да играме во бојата што е традиционално нивна, а ние, неблагодарници, побрзавме да ја присвоиме. За неупатените, зелената боја е бојата на шорцевите во традиционалната бугарска спортска комбинација. Но, благодарение на мудрата политика, ете, се надмина и овој спор, за кој со месеци се расправаше на тајните состаноци на високите делегации на двете земји, а не беше обелоденет сѐ до вчера, кога ние имавме чест први да ѕирнеме во тајните тефтери на бугарските преговарачи, кои тие ги заборавија во една скопска кафеана. Среќата сакаше ние да влетаме во кафеаната веднаш по бурната дискусија меѓу двете делегации околу тоа чија е шопската салата, односно која ракија е подобра. Бидејќи не беше постигнат консензус за ова прашање, тоа се остави за разгледување на следната средба во Пазарџик, каде што се очекува и тоа да се испазари добро и конечно да се симне од дневен ред.
Ви изгледа неверојатно? Мислите дека ова е фикција? Интересно. А не ви изгледа како фикција кога некоја слична папазјанија ќе дојде од Софија. Тогаш како кленови на дудинка се залетуваме сите, па се впрегнува армијата на ботови да ја брани или да ја напаѓа конструкцијата од никаде и од никого непотврдена, туку само пуштена како пробен балон. И она што е уште позагрижувачки, еден куп луѓе на кои обично може да им се верува, луѓе со интегритет, влегуваат во расправа при толкување на фактите што не се факти, туку список на желби.
Но и во таквиот хаос ние знаеме да направиме ред. Во една таква крајно хаотична атмосфера на крајно поларизирано општество, во кое се чинеше дека одиме во Брисел „на колење“, каде што ни се подготвува „француска обработка“, одеднаш добивме мало сонценце на слободата, мала искра што дава надеж дека не е сѐ потонато.
Не навлегувајќи во поширока елаборација на изјавата на премиерот Ковачевски во Брисел, овој пат би се задржале само на клучните зборови – дека предлогот што ни беше понуден, во оваа форма, не е прифатлив за Македонија. Наедно премиерот побара почит за лингвистичкиот, културниот, етничкиот и историскиот идентитет на македонскиот народ.
На тој начин премиерот конечно ѝ кажа на Европа што и како размислува македонскиот граѓанин. Ако не им ги нацрта, барем им ги навести црвените линии на Европејците, кои се дрзнаа да ни кажуваат што и како можеме да правиме, сега и во иднина, ако сакаме да влеземе во нивното друштво. Притоа, во домашната јавност за таквата уцена од „високото друштво“ се користеа странски учени зборови, како на пример преседан, во обид да се објасни целата ситуација. Но како да заборавивме дека ние во убавиот македонски јазик имаме многу посоодветни зборови, од кои некои не се за објавување во сериозен весник, па овој пат ќе ги прескокнам. Но знам дека добро ви се познати, бидејќи секој од нас ги употребува дома кога ќе слушне некој нов бисер од бескрајната листа на бугарски барања што добиваат европска обланда, демек доаѓаат од Брисел, а всушност се крчкаат во Софија.
Токму затоа, бидејќи најголемиот дел од нас има јасно изграден став кон предлозите што доаѓаат од каде што доаѓаат, зборовите на премиерот прозвучеа гласно.
Точно дека тој нема многу дипломатско ниту државничко искуство, ниту, пак, е докажан во некакви политички борби. Но овој пат покажа дека има слух за гласот на народот, за гласот на државата што ја претставува. Можеби доцна, но веројатно и не е доцна. Како и да е, неговите зборови, од името на македонскиот народ, македонските институции и македонската држава, одекнаа силно во Брисел. И доста е од нас. Нека ни се јават кога ќе расчистат тие со себе. Мажи ли се, жени ли се или хермафродити?
По ваквата јасна изјава, какво било ретерирање ќе биде беспредметно, односно би значело политичко самоубиство. Но, од друга страна, тоа е силна и јасна порака до бугарската јавност пред сѐ, а потоа и до европската.
И да не се соблазнуваме од тоа што изјавата беше дадена на чист македонски јазик. Не грижете се, ќе ја разберат сите. Има доволно професионалци што ќе го преведат говорот како што треба. Но употребата на македонскиот јазик и потребата од негово преведување е уште еден доказ за нашата посебност, уште едно камче во мозаикот дека не сме она што некој сака погрешно да нѐ претстави, да нѐ присвои, да нѐ уништи.