Колку е можен процесот „фаќање јаглерод диоксид“ и дали вака може да се забават климатските промени? Дали е тоа начинот да се влијае врз намалување
на загадувањето на воздухот? Во врска со овие теми разговаравме и со наши експерти, кои ни ја објаснија комплексноста на овој процес
Климатските промени и емисиите на јаглерод диоксид – проблем што треба да се реши иновативно
Порастот на концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата, како резултат на повеќедецениската емисија и акумулацијата на овој гас од втората половина на 19 век до денес, го предизвика сегашниот пораст на средната глобална температура од 1,2 Целзиусов степен во однос на прединдустрискиот период. Проекциите предвидуваат дека доколку концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата се удвои, планетата би се загреала од 2,5 до 4 Целзиусови степени.
Засега, се користи пристап што ги затскрива вистинските виновници
Според извештајот на истражувачката група на Обединетите нации, емисиите на јаглерод диоксид честопати се третираат како проблем што треба да се реши индивидуално, со промена на човечките навики за лична потрошувачка, со користење „зелени производи“, чија цел е да ја поттикнат желбата на луѓето да бидат еколошки посветени.
– Меѓутоа, иронијата што ги тера луѓето да живеат на начин преку кој ќе се намали нивното влијание врз животната средина е пристап што ги затскрива вистинските виновници, компаниите што произведуваат или користат големи количества фосилни горива и држави што не преземаат никакви мерки за спречување на емисиите на штетни гасови – пишува во извештајот на ОН.
Оттаму се вели дека е потребна акција од страна на државите, а не само индивидуална жртва, потребно е државите да донесат национални стандарди за чиста електрична енергија на национално ниво, со побарување до компаниите електричната енергија да ја добиваат од обновливи извори како сончева енергија, а не од фосилни горива. Меѓутоа, силната енергетска криза „ја смени плочата“, па во недостиг и непредвидливост на зелената енергија, државите и владите ги менуваат политиките спасувајќи ги националните економии и своите граѓани.
„Заробувањето“ на јаглерод диоксидот, како главен нуспроизвод од согорувањето на фосилните горива, виновно за климатските промени
Истражувачи од универзитетот „Метрополитен“ во Токио успеале да развијат нов метод за директно заробување на јаглеродниот диоксид, кој работи со 99 отсто ефикасност.
Се разбира дека светот сака да премине кон почисти извори на енергија, но тоа не оди толку лесно, поаѓајќи од повеќеслојните кризи што се нижат на глобално ниво. Транзицијата е пролонгирана и додека таа да заврши во следните неколку децении, тони јаглероден диоксид дополнително ќе се испуштаат во атмосферата, што ќе ги забрза климатските промени. За да се задржи количеството на јаглерод диоксид ослободен во атмосферата, се применуваат многу стратегии, а една од нив е директно т.н. фаќање на воздухот.
При овој метод, според истражувачите, јаглеродниот диоксид се извлекува директно од воздухот. Заробениот јаглерод може или да се складира во длабоки геолошки формации или да се користи за различни активности, како што се преработка на храна или производство на синтетички горива. Оттаму велат дека за да се направи ова, постојат два главни пристапа, еден од нив е со пренесување на воздухот низ течни системи, каде што се случува хемиска реакција помеѓу течен раствор и јаглероден диоксид заробен во растворот. А другиот пристап е преку користење цврсти филтри што реагираат со јаглеродниот диоксид. И двата система се реверзибилни, што значи дека заробениот јаглероден диоксид може да се ослободи со високи температури кога е потребно, а системите може повторно да се користат.
Колку ова е можно, дали вака може да се намалат климатските промени и дали вака ќе се влијае врз намалување на загадувањето на воздухот, разговаравме и со наши експерти, кои ни ја објаснија комплексноста на овој процес.
Многу често теоријата и експериментите тешко се преточуваат во практика
Професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, за тоа колку енергија е потребна за одвивање на процесот на зафаќање јаглерод диоксид и какви суровински материјали се неопходни и во колкави количества, вели дека едно е некој процес, систем, уред, постројка итн. да се развие лабораториски, а може да биде сосема друга приказна развивањето на таков систем во реални рамки, односно за индустриска или друга поширока примена. Според него, во многу случаи втората опција е исклучително тешко изводлива поради редица ограничувачки фактори.
– Познато е дека јаглерод диоксидот е клучно соединение во процесот фотосинтеза, без кој не би постоеле ниту растенијата такви какви што ги знаеме, ниту животните, ниту ние. Пред десетина века просечната температура во еден подолг период била на денешното ниво, па и повисока, а тогаш во светот имало силен импулс на развој (на пример, викиншки населби на Гренланд, кој во голем дел бил без мраз и слично). Тогаш концентрацијата на јаглерод диоксид секако не била под влијание на индустриската револуција и други човекови активности. Следењето на атмосферските промени, вклучувајќи ја температурата, во колку-толку организирана форма датира од втората половина на 19 век, и тоа на многу ограничен број локации низ светот. Поцелосни мерења на многу локации има некаде од средината на минатиот век, а сеопфатни дури од околу 1980 (од времето на метеоролошките и други сателити) – објаснува Филкоски.
На прашањето дали врз основа на така недоволни податоци можеме да тврдиме дека сме ги разбрале климата и факторите што влијаат врз климатските промени, тој вели дека луѓето многу лесно наседнуваат на „алармантни“ и хистерични предвидувања, кои немаат доволно научна или каква било основа.
– Климата често се набљудува од аспект на огромните градови, кои се пренаселени бетонско-асфалтни џунгли. За нив во термичкото инженерство во поново време е воведен поимот „топлински острови“. Скопје е еден типичен пример за таков топлински остров од релативно помал обем и во релативно полесна форма, за кој релативно лесно може да се објасни зошто во последно време го „заобиколуваат“ дождови и снегови. Низ светот има голем број згуснати и прераширени градови на несоодветни локации (покрај море, на лизгав терен и слично), кои низ годиниве ни изгледа дека се „жртви“ на зачестени невремиња, поплави и други непогоди. Проблемот е, меѓу другото, тоа што на тие места до пред 50-100 години имало некакво село, па и цело да било збришано од некаков ураган, никој пошироко немало да слушне за тоа – потенцира Филкоски.