Оруженото насилство само во последните 18 месеци однело животи на повеќе илјади Американци, а наедно е и водечка причина за насилната смртност кај децата во САД
Сенатот на САД во нов обид за контрола на цивилниот „воен“ арсенал
Сенатот на САД постигна напредок кон усвојување на првиот американски закон за контрола на оружјето во последните децении, поттикнат од неодамнешните масовни престрелки во земјата. Сенаторите гласаа за забрзување на усвојувањето на пакетот мерки за заострување на федералниот закон за оружје. Сенатот се очекува да гласа за нацрт-законот од 80 страници, кој беше поддржан од демократите и од републиканците.
Како што кажа Чак Шумер, водачот на демократите во Сенатот, овој текст, поддржан од членовите на двете партии, е чекор напред и ќе спаси животи. Според него, иако тоа не е сè што посакуваат, овој закон е итно потребен.
– Верувам дека неделава ќе го донесеме законот што ќе стане најзначаен дел од законодавството против насилството со оружје, што Конгресот го усвои во 30 години. Ова е напредок – смета Крис Марфи, водечки демократ во преговорите. Републиканскиот колега на Шумер, водачот на малцинството, Мич Меконел, го опиша законот како „пакет здрав разум“, ветувајќи ја сопствената поддршка.
Оруженото насилство само во последните 18 месеци однело животи на повеќе Американци, а наедно е и водечка причина за насилната смртност кај децата во САД. Достапноста на огненото оружје и муниција предизвика повторно национална дискусија по последното повеќекратно убиство на деца во училиште во Тексас. Сепак, ниту јавната поддршка за новите ограничувања на поседувањето оружје не можеше да го заокружи процесот за донесување закони за оружјето во Конгресот.
Последните години дојде до најголемо оружено насилство во историјата на САД. Само во 2021 година од огнено оружје биле убиени повеќе од 45.000 Американци, најмногу во последната деценија. Во јуни 2022 година, трагичниот тренд се зголеми, а од оружје настрадале околу 19.000 лица. Масовни престрелки, во кои имало најмалку четири жртви, имало речиси секој ден.
Поседувањето огнено оружје е вградено во Вториот амандман на американскиот Устав, а тоа доведе граѓаните на САД да поседуваат 46 отсто од светското оружје во сопственост на цивили. САД се на првото место не само според бројот на оружје по жител туку и според бројот на убиства меѓу најразвиените држави.
Законот за контрола на оружјето од 1968 година им забранува на поединци помлади од 18 години, на осудени криминалци, лица со психички и здравствени проблеми, на обвинети воени лица и други да купуваат оружје. Со Законот од 1993 година за превенција од оружено насилство се предвидува проверка на минатото за сите лица без дозвола што купуваат оружје од сојузен овластен дилер. Сојузниот закон нуди основа за регулирање на огненото оружје во САД, но државите и градовите мораат да имаат свои правила.
Последните години, Конгресот расправаше за измените на Законот за оружје секогаш кога ќе се случеше некое масовно убиство, како тоа во Лас Вегас во 2017 година, кога беа убиени 60 лица. Во секој случај, законот не успеваше да го добие потребното мнозинство.
До средината на 2022 година не постоеше сојузен закон со кој се забранува поседување полуавтоматско јуришно оружје, пушка од калибар 50 во воена верзија, пиштоли или магацини од голем капацитет. Не постоеше ни сојузен услов за луѓето што купуваат пиштол да поминат обука за безбедност при користење огнено оружје.
Подготвил: Митко Јовановски