Медиумите како конверзија на сублимираниот потенцијал на стварноста отсекогаш биле цел на центрите на моќ и интерес и сосема природно и легитимно е настојувањето низ сите историски епохи, таа сфера да се освои и уреди според логиката и правилата на сопственото дејствување
Компанијата „Јаху“ соопшти дека во 2013 година била цел на информатички напад со кој биле погодени „повеќе од милијарда“ корисници и на кој му претходел напад на 500 милиони нејзини корисници.
„’Јаху’ смета дека неовластена трета страна во август 2013 година украла податоци поврзани со повеќе од милијарда кориснички сметки“, соопшти оваа компанија.
Mеѓу украдените информации за корисничките сметки би можеле да бидат имиња, електронски адреси, броеви на телефони и датуми на раѓање на неговите клиенти, иако тврди дека податоците за нивните кредитни картички и банкарските сметки не се хакирани.
Компанијата смета дека овој нов напад „најверојатно“ се разликува од големиот хакерски напад што беше откриен кон крајот на септември, но беше изведен во 2014 година и погоди 500 милиони корисници.
Пред дваесетина години, во американскиот магазин „Вајрд“, Џон Карлин напиша: „Светот се подготвува за информациска војна“. Кинезите уште тогаш имаат краток и јасен преглед што претставува тоа и кои се најголемите опасности од неа. Тие сметаат дека во 1990-тите се случува нова воена револуција, во која конвенционалните војни од индустриската ера се трансформираат во информациски војни од новата информациска ера. Целта на информациската војна е да се контролира опонентот, и тоа преку тактички измами, стратегиски заплашувања, пропаганда, саботажи и психолошка војна. Да се доведе општеството до лудило. Да исчезне довербата меѓу луѓето. Да се создадат страв и паника. Според нивните согледби, современите технолошки услови овозможуваат конечно да се остварат воените стратегии на кинескиот војсководец Сун Цу од пред повеќе од два милениума, поточно да се покори непријателот без борба, со постепено уништување.
Новиот тероризам ги презел сите доминантни и најсовремени алатки поврзани со развојот на западните општества (авиони, компјутерски мрежи, медиуми), за да може да го произведува спектаклот на теророт. „Духот на глобализмот и западниот капитализам е загрозен од духот на тероризмот и потенцијалните терористички напади, кои се случија и би можеле да се случат кога било и каде било“.
Идејата за слобода исчезнува од мислата и свеста, а либералната глобализација егзистира во сосема спротивен облик – глобализација, терор и тотална контрола, заснован на мерките на „редот и законот“, вонредна состојба, полициска држава. Глобализацијата прераснува во базичен процес на хомогенизација и стандардизација што ги уништува „посебноста“ и „хетерогеноста“.
Медиумите како конверзија на сублимираниот потенцијал на стварноста отсекогаш биле цел на центрите на моќ и интерес и сосема природно и легитимно е настојувањето низ сите историски епохи, таа сфера да се освои и уреди според логиката и правилата на сопственото дејствување. Нивната способност во секој погоден момент да го рециклираат минатото, да ја рекомпонираат сегашноста, да ја преуредат јавната, идеолошко-политичката и приватната сфера и со внимателно распоредување низ информациско медиумската инфраструктура да ѝ се доближат на целта.
Од доверливите материјали што ги објавија Џулијан Асанж (Викиликс) и Едвард Сноуден дознавме многу контроверзии за војните во Ирак и Авганистан, Гвантанамо и за американската дипломатија, но и за масовните прислушувања што ги вршела американската национална безбедносна агенција (НСА), како и службите на Британија, Германија, Франција… Од овие документи може да се заклучи дека агенциите честопати дејствуваат во сива зона и ги прислушуваат своите граѓани, граѓаните и лидерите на други држави или меѓународни организации, без разлика дали се декларирани сојузници или ривали. Освен во САД, Британија, Франција, Германија, Норвешка, Русија, изминатиов период во поблиското соседство афери со прислушување избија и во Грција, Бугарија, Турција. Во Латинска Америка, Аргентина ја распушти разузнавачката служба, а Колумбија ја прогласи за виновна бившата директорка на разузнавачките служби.
И сајбер-нападите и прислушувањето се облици на информациска, па и психолошка војна, во која главната улога, се разбира, ја имаат информациите, со кои треба да се влијае врз чувствата, расположението, ставовите и однесувањето на луѓето. Ова не се нови појави. Деновиве „Њујорк тајмс“ објави кратка историја на прислушувањето, во која се вели дека тоа датира уште од крајот на 19 век и дека тогашната њујоршка полиција го спровела првото прислушување официјално одобрено од државата.
Светот, пак, повеќе од три децении слуша за сајбер-напади и за заканите од овој нов облик на војување (од 1982 година и саботажата на советскиот сибирски гасовод со т.н. софтверска бомба што наводно ја подметнала ЦИА, преку нападот во 2010-та на иранската нуклеарна програма со компјутерскиот вирус Стакснет, наводно создаден од Израел и од САД, па до најновите извештаи за засилени сајбер-напади меѓу САД, Русија, Кина и Иран).
Нешто слично на сето горенаведено се случуваше пред неколку години и во нашите масовно прислушувани животи. Секојдневен „реалити шоу“ континуиран стрес, предизвикан од аудиопиротехника, политички валкан медиумски бараж, кој според естетско-содржинските и драмски одлики повеќе им припаѓа на телевизијата и кинематографијата.. Сите тие содржини, информации, пропуштени (електронски) истовремено во нашите домови, ги редефинираат и претвораат поимите како што се „глобално село”, правда и вистина, кои во стариот медиумски бинарен систем сѐ уште ја поседуваа силата на парадокс, во општи места без напнатост. Потврда и убав пример за масмедиумска жанровска интеракција, каде што реалноста е земена како симулација и претворена во гротескна структура, која, според тврдењата на стратезите и главните видливи и затскриени протагонисти, се напојува од реални изворишта. Но неумереното и често повторување влијае врз драмскиот набој и наместо супенс, резултира со забрзано празнење на стварноста како резултат на нашата заситеност со здодевни, статични прес-драмолетки, непрекинато репродуцирани и изложени пред нашите кревки информациски тела, во вид на „сапуница“, која го отстранува мимезисот и нѐ претвора во вистинско физичко продолжение на театарот на апсурдот, на гротескни политички илузии и надежи.