Годишната инфлација и кај нас и во еврозоната достигнува рекордни стапки
Според професорите по економија со кои се консултиравме, граѓаните треба да бидат подготвени дека инфлацијата и во наредниот период ќе биде наше секојдневие, што ќе се одрази на значително намалување на животниот стандард и пораст на нееднаквоста во општеството. Тие потенцираат дека ударот може да биде малку амортизиран, доколку Владата посветено ги реализира планираните инвестиции и понуди поволни услови за охрабрување на приватните и странските инвестиции, барем да се оствари планираниот економски раст, зашто во спротивно, на државата ѝ се заканува и стагфлација. Во секој случај, тие сметаат дека мора да се дејствува координирано и да се менаџира „мешавината од политички, фискални и монетарни“ политики, за да се избере помалку лошиот резултат
Македонија е во врвот на листата според годишната стапка на инфлација во Европа. Новите бројки за инфлација во нашата земја се загрижувачки – индексот на трошоците на животот во мај годинава, во однос на мај 2021 година, бележи зголемување од 11,9 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 12,1 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС).
За период од еден месец, индексот на трошоците за живот во мај годинава во однос на април е зголемен за 2 отсто, додека индексот на цените на мало пораснал за 1,5 отсто.
Статистичките податоци покажуваат загрижувачки раст од 17,1 отсто на цените на храната и безалкохолните пијалаци за период од една година. Па така, маслото и мастите за јадење од мај 2021 до мај 2022 година пораснале за 37,9 отсто. Лебот и житата се продаваат по повисоки цени од 21,5 отсто, зеленчукот поскапел за 18,5 отсто, додека млекото, сирењето и јајцата се поскапени за 16 отсто. Највисоко зголемување има токму кај основните прехранбени производи, кои им се неопходни на граѓаните.
Во извештајот на ДЗС се наведува дека природниот гас за една година поскапел за 53,6 отсто, додека цените на течните горива се зголемиле за 44,3 отсто. Огромно зголемување во мај 2022 година, во споредба со мај 2021 година, има и кај транспортот, од дури 24,1 отсто.
Додека, пак, годишната стапка на инфлација во еврозоната достигна рекордни 8,1 отсто во мај, објави Евростат.
Мајската инфлација во 19-те држави од еврозоната ја надмина претходната рекордна инфлација од 7,4 отсто во април, достигнувајќи највисоки бројки забележани од јануари 1997 година. Порастот на цените во потрошувачката секој месец достигнува рекордни нивоа, континуирано од ноември минатата година. Тоа минатата година беше карактеризирано како привремен феномен, поврзан со силата за економско закрепнување по пандемискиот шок и прекините во синџирите на снабдување.
Според Зоран Ивановски, универзитетски професор, прогнозите на водечките светски финансиски институции се дека забавувањето на инфлацијата може да се очекува дури следната година, се разбира доколку има промени и на глобалната економска карта.
– Одржувањето на ценовната стабилност е примарна законска обврска на централната банка, оттука, може да се очекува во наредниот период Народната банка постепено да продолжи да ја зголемува основната каматна стапка. Ова ќе предизвика пораст на општото ниво на камати и ќе предизвика намалување на паричната маса во оптек, со што постепено ќе се намалува инфлаторниот притисок. Ваква интервенција веќе има направено и продолжува ФЕД (Централната банка на САД), а започна и Европската централна банка. За жал, поради ограничениот фискален простор (веќе достигнато ниво на задолжување до границата од 60 отсто од БДП) не може да се очекува посериозна интервенција на фискалната политика – смета Ивановски.
Тој појаснува дека останува единствено преку буџетот да се помагаат ранливите категории, што единствено може да ги ублажи инфлаторниот притисок и осиромашувањето на одделни категории граѓани.
– Треба да знаат граѓаните дека инфлацијата и во наредниот период ќе биде наше секојдневие, што ќе се одрази на значително намалување на животниот стандард и пораст на нееднаквоста во општеството. Единствено може да се надеваме дека Владата ќе ги реализира планираните инвестиции и дека ќе понуди поволни услови за охрабрување на приватните и странските инвестиции, барем да се оствари планираниот економски раст, зашто во спротивно, на државата ѝ се заканува и стагфлација – додава Ивановски.
Како што вели професорот на Универзитетот за Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, проблемот со инфлацијата е многу сериозен и на него треба сериозно да се работи, зашто и досегашните поскапувања се проблематични.
– Инфлацијата е на многу високо ниво и тоа е сериозен сигнал дека тука треба да се оди многу внимателно, да се дизајнираат политиките, зашто тоа удира директно на потрошувачката кошница. Мора да се дејствува координирано и да се менаџира „мешавината од политички, фискални и монетарни“ политики, за да се избере помалку лошиот резултат – посочува Беџети.
Според анализите на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, неизвесноста во економијата значајно се засили по руската инвазија врз Украина на крајот од февруари 2022 година.
– Изгледите за растот на Европскиот континент се влошија, а интензитетот на конфликтот укажува на подолготрајност на ценовните притисоци во споредба со првичните прогнози – се вели во анализата, која надолно ја ревидира проекцијата за растот на БДП во 2022 година на 2,8 отсто, додека годишната инфлација се проектира на 9,7 отсто.