Концепт 1: Селективни економски мерки, фокусирани за поранливите групи компании и граѓани
Не стивнуваат реакциите по бранот поскапувања на основните прехранбени продукти, како и на горивата, кои буквално се вивнаа до небо откако истече тримесечниот период во кој важеа антикризни мерки наменети за ублажување на последиците од економската криза.
Владата најави дека не се продолжени претходните антикризни мерки затоа што во подготовка е нов сет мерки во висина од 76 милиони евра, кои ќе бидат донесени со новиот ребаланс на буџетот, а ќе бидат насочени кон ранливите категории граѓани и стопанството.
– Ние ги следиме трошењата, ги следиме движењата на цените во текот на сите периоди во годината, бидејќи едни се ценовните притисоци во текот на зимските месеци, а други во текот на пролетните, летните, есенските месеци. Така што, во согласност со движењата и побарувачката, мерките ќе бидат како и досега, навремено подготвени и презентирани, со цел да го заштитиме животниот стандард на граѓаните. Меѓутоа, повторувам, тие сега ќе бидат попрецизно насочени и ќе можеме да ги насочиме кон оние што најмногу им се потребни – истакна премиерот Димитар Ковачевски.
На иста линија е и професорот Марјан Петрески, кој смета дека кризните мерки што сега треба да се преземат треба да бидат насочени кон групите граѓани и компании на кои им се најпотребни, односно оние што се со ниски приходи и кои се најпогодени од ценовниот шок.
– Повисоките цени на храната и енергијата ги погодуваат сите, меѓутоа повисоко доходните домаќинства и компаниите каде што електричната енергија е со низок до умерен удел во вкупните трошоци, ќе мора да го сносат товарот самите, од проста причина што ова се глобални тектонски промени, пазарите ја бараат новата рамнотежа, а нашиот фискален простор е многу тенок – вели Петрески.
Тој појаснува дека со ребалансот се предвидува буџетскиот дефицит да порасне на 5,3 отсто, потребата од ново задолжување се проценува на нови 900 милиони евра.
– Тоа се цифри со кои треба да се управува со голема внимателност, па очекувањата не може да одат во насока дека државата ќе субвенционира сè и секого во недогледно време. Неопходни се стриктно фокусирани мерки – категоричен е Петрески.
Од Владата ваквиот пристап го правдаат со укажувањата и препораките што ги добиваат од ММФ, Светската банка, Европската Унија, како и од експертите.
– Овој пристап има цел да се заштитат оние на кои поддршката им е најпотребна и да се обезбеди праведна распределба на средствата. Освен тоа, една од целите е да се задржи патот на постепена фискална консолидација, што е од големо значење за задржување на стабилноста на јавниот долг и стабилноста на економијата воопшто – истакнуваат од Владата.
Министерството за финансии потврди дека новите антикризни мерки ќе бидат фокусирани.
– Во ребалансот се проектирани околу 76 милиони евра за антикризни мерки, но и субвенции за покачување на минималната плата, значителни дополнителни средства за субвенции за земјоделците, како и средства за покачување на пензиите и зголемување на трансферите за гарантиран минимален приход – наведуваат од Министерството за финансии.
И вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека новите мерки треба да бидат фокусирани, односно да не се однесуваат за сите граѓани.
Претставници на стопанските комори предлагаат со ребалансот на буџетот да се крати од трошоците наменети за администрацијата, но не и од капиталните инвестиции, притоа укажувајќи дека предвидените 76 милиони евра во ребалансот на буџетот наменети за граѓаните и стопанството не се доволни.
Концепт 2: Поширока палета мерки, широкослојни и посеопфатни зафати
Од друга страна, има мислења што се спротивни на она што го најавува Владата, односно се предлагаат мерки што ќе придонесат цените на основните прехранбени производи и на горивата да се намалат, а бенефициите од тоа да ги почувствуваат сите граѓани.
Универзитетскиот професор Томе Неновски предлага повеќеслојни мерки што Владата би можела да ги преземе за ублажување на ценовниот шок и кои на тој начин би се однесувале на сите граѓани.
– Со оглед на силното влијание што енергентите го имаат во формирањето на цените на најголемиот дел производи, потребно е Владата да ги намали стапката на ДДВ и височината на акцизата што се пресметува на цената на нафтата и нафтените деривати, што последователно ќе има и материјален и психолошки ефект врз формирањето на цените на сите други производи и услуги. Тоа, особено, е битно да се направи со оглед на очекуваното натамошно зголемување на цената на суровата нафта на светските берзи поради познатите геополитички случувања, што може да има влијание за натамошно драстично зголемување на цените на нафтата и на т.н. бели горива – појаснува Неновски.
Според него, за да се намали порастот на цените на основните прехранбени производи, како лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, јајцата, шеќерот и слично, потребно е Владата да интервенира на пазарот на стоки со пласирање на соодветните производи што ги има во стоковните резерви, и тоа по цени по кои таа претходно нив ги набавила.
– Со тоа ќе се зголеми понудата на тие производи, и тоа по пониски цени од сега актуелните, што автоматски ќе предизвика намалување на продажните цени на тие производи кај сите трговци на мало. Наедно, Владата треба да внимава со потребата или, пак, со големината од натамошно зголемување на цената на електричната енергија, со цел превентивно да спречи натамошно зголемување на цените на голем број производи, но и да ги намали натамошните инфлациски очекувања – истакна Неновски.
Ваквите зафати што би ги направила Владата би придонеле за намалување на цените и во тој случај би се избегнала потребата да се креираат посебни антикризни мерки само за одредени одбрани групи.
Претседателот на Сојузот на стопански комори, Трајан Ангелоски, се согласува дека зголемување на цените е глобален тренд, но излезот го гледа така што државата ќе ја намали зависноста од увоз на храна и на енергенти и на тој начин ќе овозможи помал ценовен удар за граѓаните.
– Во однос на цените на основните прехранбени производи повторно го истакнуваме барањето за активирање на стоковните резерви. Исто така мора да се влијае на поттикнување на домашно производство на храна – рече Ангелоски, притоа додавајќи дека во делот на горивата, надлежните требало постепено да одат со враќање на акцизата на повисокото ниво, а не наеднаш како што се случи тоа и предизвика нов бран зголемување на цените.