Како да не беше доволно тоа што се создаде непосредниот недостиг од храна како резултат на украинскиот конфликт, нарушувањето на годинашната жетва значи дека проблемот ќе стане уште поакутен наесен и во зима. Судејќи според слични настани во скорашното минато, сигурно ќе се појават општествени немири во повеќе делови од светот
Конфликтот во Украина доведе до експлозија на светските цени на храната. Пред Русија да ја започне својата специјална воена операција, Украина имаше удел од 10 отсто во светскиот извоз на пченица, 13 отсто во оној на јачмен, повеќе од 50 отсто во извозот на сончогледово масло, пет отсто на масло од репка и 15 отсто на пченка. Но овие испораки сега се сосема нарушени, бидејќи Русија ги блокира украинските пристаништа и изврши напади на нејзините складишта за жито. Во април, светскиот индекс на цените на храната на Организацијата за храна и земјоделство на ООН (ФАО) веќе беше за 30 отсто повисок од годишно ниво и за 62 отсто повисок од 2020 година во просек. Заканите по годинашната жетва значат дека се наѕираат дополнителни скокови на цените.
Повисоките цени на храната влијаат на потрошувачите низ светот. Но сиромашните земји се особено ранливи. Бидејќи веќе се принудени да го трошат најголемиот дел од нивниот приход на храна, тие едноставно не можат да се натпреваруваат со другите земји кога цените растат. Зголемената сиромаштија, појавата на недостиг од храна, глад и масовните протести ќе станат неизбежни.
„Кризата со тортилји“ од 2007 година дава преглед на она што нè чека. Поради државните субвенции за поттикнување на производството на гориво од биоетанол во САД и други земји, понудата на пченка достапна за употреба како храна и добиточна храна постепено се намалуваше. Како резултат на тоа, цените на пченката се удвоија меѓу зимите 2005-2006 и 2006-2007 година, а тортилјите поскапеа за 35 отсто. Во јануари 2007 година, во Мексико Сити избувнаа протести поради гладот, бидејќи луѓето повеќе не можеа да си дозволат да купуваат тортилји.
По овој пораст на цените на пченката, земјоделците почнаа со прераспределба на земјиштето што претходно се користело за одгледување пченица, што, пак, доведе до скок на цените на пченицата во 2008 година. Кога потрошувачите одговорија на овие ценовни зголемувања со тоа што се одлучија пченицата да ја заменат со оризот, неговата цена исто така порасна.
Да бидат нештата уште полоши, земјите како што се Аргентина, Индија, Казахстан, Пакистан, Украина, Русија и Виетнам одговорија на кризата со цените на храната со воведување забрани за извоз за да ги заштитат своите граѓани од зголемувањето на цените. Но овие политики само го влошија светскиот недостиг, предизвикувајќи цените да растат уште побрзо. До 2008 година, цените на пченицата, пченката и оризот тројно се зголемија од нивните нивоа во 2006 година. Денес, овие практики веќе се повторуваат, со тоа што Индија почна да го забранува извозот на пченица, а наскоро ќе следуваат и други земји.
Како што цените на храната продолжуваат да се зголемуваат, сè повеќе земји ќе се соочат со општествени немири. Во однос на кризата со тортилјите, протестите што започнаа во Мексико се проширија во многу други економии во развој во текот на следната година. Протестите против недостигот од храна, од кои многу од нив беа насилни, се одржаа во 37 земји.
Овие индиректни ефекти продолжија да се појавуваат во наредните неколку години. На пример, Арапската пролет од 2010-2011 година би можела да се смета како задоцнета последица на кризата со тортилјите. По привременото намалување во 2009 година, цените на храната пораснаа уште повеќе од претходно. Кога еден туниски продавач на зеленчук се самозапали во знак на протест против корупцијата, овој настан поттикна движење што брзо се прошири низ регионот.
Механизмите што доведоа до кризата со тортилјите сè уште се недопрени. До денес, земјиштето што некогаш се користело за одгледување култури за храна се користи за производство на биогорива. Соочени со избор помеѓу користење жетва за прехранување на луѓето и за гориво за автомобили, политичарите и земјоделците често одлучуваа во корист на автомобилите. Се проценува дека четири отсто од светското земјоделско земјиште се користи за одгледување биогорива, а 40 отсто од производството на пченка во САД се користи за производство на етанол. Сега кога цените на суровата нафта растат, овој удел веројатно уште повеќе ќе се зголеми, бидејќи суровата нафта и биогоривата се во директна, еднострана заменска врска откако фосилните горива престанаа да бидат поевтина алтернатива.
Покрај непосредните зголемувања на цените поврзани со конфликтот во Украина (од значителниот недостиг од снабдување во самата земја), сега се акумулираат и други ефекти од тамошните случувања врз цената на храната. Оваа есен и зима, влијанието на пропуштените жетви ќе стане очигледно на светските пазари, а кризата ќе влезе во нова критична фаза, во која може да се јават обновени протести поради недостиг од храна и зголемени ризици по светскиот мир и стабилност.
Всушност, бројот на животи загрозени од овие претстојни хуманитарни катастрофи би можел да го надмине сето она што досега сме го виделе во Украина. Затоа меѓународната заедница мора да се заложи за прекин на огнот и мировни преговори. Премногу е ставено на коцка за која било од страните да продолжи да се насочува кон целосна победа во конфликтот.
Ханс-Вернер Син е почесен професор по економија на Универзитетот во Минхен, поранешен претседател на институтот за економско истражување „Ифо“, а актуелно е советник во германското министерство за економија