Во Македонија изведбата на нови дела од македонски композитори е во критична состојба, а тоа воопшто не е за потценување, затоа што музичките дела на нашите композитори (и нивните изведби) сведочат за тоа кои сме ние, кој ни е јазикот и многу други значајни обележја. Да бидам искрена, во ваков нефункционален систем, Македонија да го има и најдобриот композитор, многу лесно може да се случи и тој композитор никогаш да не ги добие заслужените признанија. На сите ни е јасно дека Македонија е сиромашна земја, која не може да одвои огромна финансиска поддршка за музичката уметност, но постојат и „евтини“ решенија за овој горлив проблем, категорична е Велиновска
Ана Велиновска, пијанистка и изведувачка на современа музика
Ана Велиновска e македонска пијанистка и изведувачка на современа музика. Образованието го стекнува на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и на Универзитетот во Луцерн, Швајцарија. Таа е дипломирана пијанистка, магистерка по музички науки, магистрантка по пијано-интерпретација, односно специјализантка по интерпретација на современа музика.
– Попрецизно да објаснам, јас сум пијанистка што најчесто изведува дела од композитори што сѐ уште се живи, па понекогаш имам чест моите изведби да бидат светски премиери на дела за соло-пијано или за камерна музика. Оттука, во последните неколку години честопати се случува секојдневието да го поминувам со композитори чии дела треба да ги изведам. Секако, како изведувач на современа музика, моите настапи, освен светски премиери, ги сочинуваат и дела од современата литература, кои најчесто имаат проширени пијанистички техники (свирење во внатрешноста на пијаното), со модерни или експериментални форми на нотации, дела за пијано и електронска музика, дела за синтисајзери или дела што ги изведувам со помош на софтвери со визуелен програмски јазик за музика и мултимедија – ни споделува Ана.
Последна во низата успеси, награди и признанија е стипендијата (парична награда) во Цирих, Швајцарија. Како Ана Велиновска, која не ни живeе во Цирих и нема швајцарско државјанство, успеа да добие стипендија во Цирих?
Да, точно, на крајот на април дознав дека сум добитничка на една многу значајна стипендија (која е, всушност, парична награда во вредност од 12.400 франци) од фондација во Цирих, Швајцарија. Секако дека многу се израдував, дури не ми се веруваше (тој ден постојано го отворав мејлот и ја читав одлуката за наградата, за да се уверам дека не е сон). На прашањето како успеав да ја добијам таа награда, веројатно, вистинскиот одговор е со многу напорна работа и голема посветеност во моите интерпретации на делата од современата музичка литература, светските премиери што успеав да ги реализирам во Швајцарија во изминатиот период, а секако, голема среќа беше и тоа што истакнати интелектуалци (музиколог, композитори и пијанисти), со светско реноме (кои се и универзитетски професори во Швајцарија и во Австрија), застанаа зад мене со нивни препораки. За крај, треба да истакнам дека предност за оваа награда имаа конкуренти од техничко-технолошките науки, па тоа што сум добитник јас, како изведувач-специјалист за современа музика е навистина од големо значење и чест!
Незапирливо ги освојувате симпатиите на публиката пред која сцена и да застанете… Што е она со што плени вашата музика?
Пред сѐ, ви благодарам за комплиментот! Инаку, навистина тешко прашање, но веројатно кога имам квалитетни дела од добри композитори и јас сум многу инспирирана и посветена за тие дела да добијат изведба каква што заслужуваат. Секогаш се трудам да го дадам мојот максимум и интелектуално, но и емоционално во интерпретацијата на делата. Оттука, како некој што навистина си ја сака работата, се разбира дека многу ја сакам и сцената. Вистината е дека на секој концерт му давам важност како да ми е последен (да, тоа го правам дури и кога следната вечер ме чека повторно концерт).
Какви сѐ концерти и настапи го богатат вашето портфолио… и кои концертни искуства ве сместија меѓу успешните?
Успехот е релативна работа, но од моите досегашни настапи со сигурност би го издвоила настапот на фестивалот „Луцерн“ и соработката со композиторката Ребека Саундерс (која е добитничка на реномираната награда од фондацијата „Ернст фон Сименс“, т.е. на Нобеловата награда за музика). Инаку, истата недела кога дебитирав на фестивалот „Луцерн“, настапив и на други два концерта во Швајцарија, кои се одржаа истовремено, но во две различни концертни сали (во едната концертна сала настапив пред публиката, а во другата сала мојот настап се емитуваше во живо, на екран за публиката – и многу сум горда со тоа, бидејќи тогаш се вброив меѓу првите пијанисти во светски рамки со истовремен настап во две концертни сали). Секако тука се и претставувањата во земјите од германското говорно подрачје, каде што имам изведено значајни современи дела или, пак, светски премиери, како фестивалот „Анаморфози“, фестивалот „Звуци на Алпите“, концертниот серијал за современа музика „Чекор преку границата“, гостувањето на 100-годишниот јубилеј на фестивалот „Денови на музиката во Донауешинген“ (најстариот и најпознат фестивал за современа музика во светот), поголем број подиуми за современа музика, концертниот серијал „Композиции за изведувачи/Изведби за композитори“, фестивалот за современа музика „Без граници“, фестивалот „Начин на перцепција“ (каде што за годинашното издание јас имав чест и бев одговорна и за селекција на композиторите чии дела ќе се изведат) итн.
Образованието го почнавте во класата на проф. м-р Симон Трпчески, а потоа и кај проф. м-р Рита Трпчева Поповиќ. Каква основа стекнавте со факултетот? На кои лекции, совети сте посебно благодарна?
Додипломските студии по пијано ги почнав кај професорот Симон Трпчески и во неговата класа го завршив првиот семестар (сѐ додека професорот не ја напушти педагошката дејност на факултетот), а потоа ме презеде професорката Рита Трпчева Поповиќ и во нејзината класа дипломирав. И на двајцата сум им бескрајно благодарна, јас сум многу среќна и ми беше чест да учам од нашиот виртуоз Симон Трпчески и од еминентната професорка Рита Трпчева Поповиќ. Посебно сум им благодарна и на двајцата што ме научија колку се важни деталите во една изведба, односно дека „тајната“ е во деталите. Каква основа стекнав со факултетот во Скопје како пијанист и како изведувач на современа музика морам да кажам дека не е исто. На факултетот во Скопје (и покрај тоа што има студиска програма за композиција) нема ниту еден предмет за интерпретација на современа музика. Поради тоа магистерските студии во Швајцарија ги започнав со многу скромни предзнаења за современата музика. Можете да замислите колку многу работев и учев за современата музика, за денес да ми се доверуваат и дела со најкомплицираните модерни техники, кои ги изведувам на реномирани фестивали. Оттука, сметам дека ми е должност да споделам дека во Македонија изведбата на нови дела од македонски композитори е во критична состојба, а тоа воопшто не е за потценување, затоа што музичките дела на нашите композитори (и нивните изведби) сведочат за тоа кои сме ние, кој ни е јазикот и многу други значајни обележја. Да бидам искрена, во ваков нефункционален систем, Македонија да го има и најдобриот композитор, многу лесно може да се случи и тој композитор никогаш да не ги добие заслужените признанија. На сите ни е јасно дека Македонија е сиромашна земја, која не може да одвои огромна финансиска поддршка за музичката уметност, но постојат и „евтини“ решенија за овој горлив проблем. На пример, замислете кога студентите (кои се жедни за сцена) би имале шанса да учат современа музика, а со тоа и да изведуваат современа музика од македонски композитори. Замислете, пак, што би значеле тие загарантирани изведби за нашите композитори. На крајот, замислете што би значело тоа за Македонија и за афирмација на тоа кои сме ние, преку изведбите на музиката на нашите домашни автори, во период кога сите сме свесни со какви предизвици се соочува Македонија. Јас со сигурност знам колку ќе беше вредно тоа за мене, ако како студент имав шанса интерпретација на современа музика да научам дома, па да не мора да седам во туѓина за да си го остварам сонот.
Отворивте два концерта на турскиот пијанист и композитор Фазил Сај… Какво искуство беше ова за вас?
Да, во месец март имав чест да отворам два концерта на турскиот пијанист и композитор Фазил Сај, кој е уметник со светска слава, и тоа дефинитивно беше едно од најубавите искуства во мојот живот! Сѐ започна минатата есен, кога ми понудија да ги отворам концертите на Фазил, кои беа закажани во престижната концертна сала ККЛ, во Луцерн, Швајцарија. За тој настап посветено се подготвував повеќе месеци, а имав чест и Фазил лично да го запознаам на пробата пред концертите. Имено, Фазил толку многу ме инспирираше на пробата, па едвај чекав да дојде време да свирам и навистина уживав на сцената во фантастичната концертна сала! Инаку, во таа концертна сала настапив и неколку недели подоцна (но поради многу обврски немав време да споделам на социјалните мрежи), на концерт во чест на 60-от роденден на швајцарскиот композитор Дитер Аман. Тоa, исто така, беше многу значајно за мене, бидејќи на тој настан, на истиот клавир свиреше и Сеонг-Џин Чо, победникот на Шопеновиот конкурс од 2015 година. Ова повторно беше неверојатно искуство, кое беше закитено и со интересна случка: јас, знаејќи кој ќе свири по мене на истиот клавир, од организацијата побарав ако е можно да донесат два клавира од производителот „Стенвеј“ со објаснување дека во делото што ќе го изведувам има многу проширени пијанистички техники (во внатрешноста на пијаното и на жиците). Но, сепак, организаторите решија дека нема потреба од втор клавир и дека не е проблем ако свириме на ист инструмент со победникот на Шопеновиот конкурс. Е, во тој момент ја сфатив вистинската вредност на швајцарското образование! Организаторите, всушност, преку мене покажаа колку многу му веруваат на швајцарскиот образовен систем (каде што впрочем научив како да ги изведувам модерните техники).
Последниве години вашата агенда е полна со аудиции, натпревари, настапи на концерти. На што се должи вашата хиперактивност на сцена?
Можам да кажам дека сум многу среќна со моите активности во изминатиот период, а ме чекаат и нови прекрасни концерти. Да бидам искрена, од минатата година на некој начин сум „бомбардирана“ со понуди за изведби на современи дела во Швајцарија, па понекогаш дури морам и да одбивам настапи. Во секој случај, јас навистина и се забавувам, т.е. уживам на сите мои концерти, а и на пробите претходно. Знаете, голема среќа е што честопати имам и комуникација со композиторите, па многу работи во поглед на интерпретацијата не мора да ги претпоставувам, туку го имам авторот да ми ги каже точно како сака да звучат. Да ви откријам една тајна, дури неколкупати се има случено композиторот, во процесот на подготовка на дело за изведба, на проба да ми изреагира со „од каде знаеше дека ова сакам да го кажам, како да ми ги читаш мислите“. Така што, мислам дека шансите што ги добивам за сцена се должат и на тоа дека композиторите (и колегите изведувачи) вистински ги чувствуваат мојата одговорност, креативност, комуникативност и посветеност.
Како го оценувате третманот на нашата држава кон младите пијанисти…
Македонија има многу талентирани млади пијанисти и многу посветени професори, но, за жал, сите ние сме сведоци дека честопати ниту едните ниту другите не го добиваат заслуженото. Мора да се потрудиме да создадеме еден фер систем, кој пред сѐ ќе нуди доволно шанси за настапи на сцена за сите музички уметници. Се разбира, мора плански и да се инвестира во нашите образовни институции, во поглед на инструментариумот, негата за инструментариумот, но и за атрактивноста на образовните/студиските програми. Има и други големи проблеми (непотизам, корупција), кои мора да ги искорениме за да имаме квалитетна уметност, нема друга опција!
Композиции што за вас се предизвик за изведба?
Од современата литература, ги има многу! Но, веројатно, многу пијанисти и изведувачи на современа музика ќе се согласат со мене дека едни од највиртуозните дела се на Ребека Саундерс, кога станува збор за проширените пијанистички техники во внатрешноста на инструментот. Секако, јас лично сум и голем обожавател на композициите на Михаел Баил. Инаку, негово дело за пијанист/ка, видео во живо и трака имав чест да изведам минатата година во декември. Во план ми е повторно да го изведам тоа дело во јули наредната 2023 година. Секако, голем предизвик за изведба се секогаш и ремек-делата на Џорџ Крамб, Фредерик Жевски, Џон Кејџ, Мортон Фелдман, Фаусто Ромители, Бернард Ланг, Алвин Лусие, Петер Аблингер итн.
Во која насока растат вашите амбиции? Кон каква кариера се стремите?
За почеток мислам дека како сценски изведувач најважно ми е успешно да продолжам да ја држам на високо ниво мојата форма. Знаете, професијата музичар, односно изведувач е слична како на спортистите, постојано треба да сте во форма, бидејќи и самото подготвување на нова композиција е доста напорно. Секако, треба да се земе предвид дека јас како изведувач на современа музика најчесто изведувам композиции, кои само што сум ги научила (т.е. многу ретко се случува да повторам некое дело), поради што трошам многу физичка, а секако и интелектуална енергија. Во наредниот период ме чекаат изведби на многу значајни дела, дури не можам ни да ви опишам колку сум радосна и почестена што ќе имам шанса тие дела, со голема уметничка вредност, да прозвучат под моите прсти, на инструменти и во концертни сали за какви што сум сонувала како дете. Можам да кажам дека целам кон квалитетна музика, престижни концертни подиуми и уште многу соработки со добри композитори. Со сигурност можам да ветам голема посветеност, работа и смели изведби од моја страна, па знаете како велат, среќата ги следи храбрите.