ТЕНИС – РОЛАН ГАРОС, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Најдобриот тенисер на денешницата, Србинот Новак Ѓоковиќ, и Шпанецот Рафаел Надал, денеска (12 часот) ќе ги одмерат силите уште во раната фаза, во четврт-финалето на гранслем-турнирот Ролан Гарос во Париз. Ѓоковиќ се пласира во четврт-финалето откако во три сета славеше на дуелот со Аргентинецот Диего Шварцман, 16-ти играч во светот. Надал, пак, кој моментно е петти тенисер во светот, до четврт-финалето дојде по многу потешкиот пат и триумфот над деветтиот тенисер во светот, Канаѓанецот Феликс Оже-Алиасим, со 3-2 по четири часа игра и 21 минута. Така, освојувачот на рекордни 13 титули на Ролан Гарос, Надал, за пласман во полуфиналето ќе игра со бранителот на титулата од лани, Ѓоковиќ.
– Мечот со Ѓоковиќ може да ми биде последен на Ролан Гарос. Поминав низ комплициран процес со мојата нога и не знам што ќе биде понатаму со мојата кариера. Се трудам да уживам и да продолжам да сонувам. Не сум играл против Ѓоковиќ една година и за мене тоа ќе биде голем предизвик. Тој победи на девет натпревари, тој победи во Рим, ќе биде самоуверен. Пред две и пол недели не знаев дали воопшто ќе бидам тука – изјави Надал.
Во меѓусебните дуели, Ѓоковиќ води со 30-28, а Шпанецот има седум победи во нивните девет меча на Ролан Гарос. Надал има 21 гранслем-титула, а Ѓоковиќ 20.