Во рамки на втората фаза од кампањата за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно“, министерот за образование и наука Јетон Шаќири оствари посета на неколку образовни институции во Гостивар. Министерот беше гостин на Средното медицинско училиште во Гостивар, каде одблизу ги виде презентациите на учениците и наставниот кадар, а во ОУ „Гоце Делчев“ се сретна со раководството на училиштето.
Шаќири во изјавата напомена дека МОН ќе инвестира околу 40 милиони денари годинава за реконструкција на четири основни училишта во општина Гостивар.
– ОУ „Гоце Делчев“ ќе добие нова енергетски ефикасна фасада, за што градежните активности започнаа кон крајот на јануари годинава, додека од февруари во „Фаик Коница“ во Дебреше започната е реконструкција на санитарни јазли и внатрешни ѕидови. И во двете училишта активностите ќе завршат во текот на месец август, рече Шаќири.
Тој најави дека во планот за јавни набавки за годинава предвидена е и реконструкција на ОУ „Исмаил Ќемали“, како и замена на покривот и целосна обнова на кабинетите и работилниците во ОСТУ „Гостивар“ и, како што рече, ќе продолжи да биде на инвестициската агенда на МОН и во иднина.
Шаќири истакна дека со овие инвестиции голем дел од учениците од оваа Општина добиваат подобри услови за едукација, а очекува и локалната самоуправа да даде свој придонес и така со заеднички напори да им се овозможат на младите услови за образование какви што и заслужуваат.
– За нас, сите општини се еднакви и исти, живеат граѓани на Северна Македонија и тие имаат право на подеднаква грижа од страна на институциите на системот – рече Шаќири за време на посетата на основното училиште „Гоце Делчев“.
Тој потсети и на завршените работи во основното училиште „Перпарими“ каде годинава завршила реконструкцијата на кровот и санитариите, во гимназијата е направена санација на санитарните јазли, а во Дебреше минатата година беше завршена нова спортска сала