Фото: Игор Бансколиев

Какви се очекувањата на експертите и стручната јавност за нашата евроинтеграција во јуни, кога завршува и француското претседателство со Унијата, додека истиот месец во Вашингтон ќе се случи Стратегискиот дијалог меѓу Македонија и САД? Што ќе донесат за Македонија овие два настана?

ВО ИСЧЕКУВАЊЕ ПРЕОДНА ОЦЕНА ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ ИЛИ НОВО РАЗОЧАРУВАЊЕ

Со оглед на искуствата со голем број изневерени очекувања на самитите на ЕУ на крајот на претседателствата на повеќе земји-членки и тврдоглавата непопустливост на бугарското вето, се чини дека надежите за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ се одржуваат само од оние на кои тоа им е „службена должност“. Еден од нив е евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир, кој декларира „високи надежи дека конечно ќе почнат преговорите на Европската Унија со Албанија и со С. Македонија, и тоа уште во текот на француското претседателство со ЕУ“. Но во македонскиот политички амбиент сѐ повеќе доминира впечатокот, дури и во изјавите на претставниците на Владата чија задача се евроинтеграциите, дека доколку ниту во овој јуни не започнат преговорите со ЕУ, македонската политика треба да најде нова појдовна точка за своите евроинтеграции. Поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски порачува: „Јавноста треба да биде подготвена дека блокадата од страна на Бугарија може да потрае подолг временски период и дека поради тоа нема да ги почнеме преговорите со Европската Унија. Тоа за Македонија, се разбира, не е добро, но никако не смее да се доживее како национална трагедија, која ќе нè парализира. Напротив, треба да претставува поттик да почнеме многу посериозно и поодговорно да си ги средуваме работите дома“. Наближувањето на времето за уште една одлука за почеток на македонските евроинтеграции (со предвидлив, иако непосакуван исход) сѐ поургентно го наметнува прашањата за потребата од нов пристап во македонската стратегија за сопствените европерспективи.
– Ни останува да се надеваме дека по новите неуспеси со евроинтеграциите во јуни, Македонија ќе сфати дека досегашните политики беа погрешни и дека треба од корен да се менува нашиот однос, пред сѐ спрема Бугарија, но и спрема Брисел вo целина. На сите треба да им биде јасно дека ЕУ нема да се шири уште долго време и дека за Балканот и некои други држави се планираат некои нови форми, како Европската политичка заедница. Тоа ќе биде, всушност, петтата и последна групација на европско обединување: покрај самата Унија, монетарната унија (еврото), шенген-зоната и Европската економска зона, која е друштво на богатите, додека ние ќе бидеме во асоцијација на сиромашните – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.
Согледувајќи ги аспектите за можноста за почеток на преговорите со ЕУ во јуни, некогашната амбасадорка Мелпомени Корнети смета дека под познатите услови на Бугарија – подобро е тоа да не се случи.

– Знаејќи ги условите и уценувањата за повлекување на бугарското вето за македонските евроинтеграции, ми се чини дека подобра вест е дека не сме добиле почеток на преговори и овој јуни. Тоа ќе значи дека не сме попуштиле на притисоците и уцените на Бугарија, кои се бескрупулозно негаторски за македонскиот национален идентитет, јазик, историја, култура… Голем дел од националните атрибути веќе се загрозени и релативизирани со Преспанскиот договор, а почетокот на преговори со ЕУ под бугарски услови би значело целосно идентитетско самопоништување на Македонците. Одамна ни е потребен нов пристап во евроинтеграциите, но од досегашното однесување на носителите на македонската политика по ова прашање, не можам да согледам некоја нова идеја, визија, па ниту храброст за таков исчекор – вели амбасадорката Мелпомени Корнети.
Во очекување на самитот на ЕУ на крајот од јуни, со што завршува и француското претседателство со Унијата (речиси истовремено со самитот ЕУ -Западен Балкан), на почетокот на месецот во Вашингтон ќе се случи Стратегискиот дијалог меѓу Македонија и САД. Експертите ја гледаат оваа американска иницијатива за засилена соработка со Македонија како превентивна мерка за уште едно одложување на почетокот на преговорите со ЕУ.
– Стратегискиот дијалог со Вашингтон нема никакво суштинско значење и претставува само некаква утешна награда за нас и некакво залажување за сите досегашни порази. Ова е потег сличен како оној по дебаклот со приемот во НАТО, во Букурешт 2008 година – вели амбасадорот Ристо Никовски.
Насоката на размислување на амбасадорката Мелпомени Корнети, во однос на Стратегискиот дијалог со САД, е дека тој е наменет за амортизирање на незадоволството во Македонија доколку повторно ЕУ нѐ разочара со својата (не)веродостојност и попустливост спрема Бугарија.

– Поддршката што би требало да ја добиеме преку Стратегискиот дијалог со САД е со идеја да се одржи политиката во Македонија, која е еднонасочно ориентирана само кон една опција – исклучиво кон ЕУ/НАТО, и покрај сите разочарувања и понижувања што ни ги приредија. Тоа е политика на безалтернативност, која Македонија треба да продолжи да ја следи, а секако тешко би било да се одржи по долгогодишно изневерување на надежите и ветувањата – заклучува Корнети.
Директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, не очекува оптимистички исчекор за македонските интеграции во јуни и смета дека би било добро енергијата фокусирана на добивање датум да се пренасочи на домашни реформи.
– Јуни иницијално ќе донесе некоја форма на разочарување, форма на која досега веќе и сме навикнати. Би било добро ако успееме таа енергија, која е фокусирана на самиот датум и преговорите со Бугарија, да ја пренасочиме кон некои домашни реформи, кои и онака би биле во контекст на европската интеграција. Стратегискиот дијалог со САД сѐ уште е во одредена мера непознаница, но е добар знак од САД во однос на позицијата на нашата земја. Допрва останува да се види што би донел тој и како ние би го искористиле. Ние имаме Договор за стратегиско партнерство со САД веќе долг период, но тоа не значи дека сме ги искористиле сите можности докрај – вели Симонида Кацарска.