Референдумското прашање „Дали сте за влез во НАТО и во ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Р Македонија и Р Грција“ беше сосема нејасно. Зошто? На референдум се оди само со едно (1) прашање, за да се одговори со „да“ или „не“. Овде имаше три, како во кафето 3х1 (три во едно). Во кафето 3х1 има три работи: кафе, шеќер и млеко (сѐ во прав). Исто како и прашањето за референдумот 3х1. Во него има три работи: 1) влез во НАТО, 2) влез во ЕУ и 3) прифаќање на договорот меѓу Р Македонија и Р Грција. Одговорот не можеше да биде еднозначен: едно е за влез во НАТО, друго за влез во ЕУ и трето приватниот договор за предавање на Македонија како грчки протекторат. За првите две прашања во некои европски земји постоеле посебни: референдум за влез во НАТО, а и референдум за влез во ЕУ. Членството во НАТО не значи автоматски влез во ЕУ или обратно. Албанија е членка на НАТО, ама не и на ЕУ. Финска, Шведска и Австрија се членки на ЕУ, но не и на НАТО. Значи во Република Македонија требало да има референдум за влез во НАТО и референдум за влез во ЕУ. Македонците го кажаа своето „не“ за договорот со Грција, што сакаа да ни стокмат прекар. Тој договор или спогодба е веќе мртов. Народот не сака прекрстување. Прашање е дали би прифатиле и референдум за НАТО, кое бара само пари и крв. Би гласал за нордиско-австрискиот модел. За ЕУ – секако, но со нашето народно име: Македонија.
Читајќи ја „Нова Македонија“ од 4 октомври годинава, ја прочитав мудроста на либанско-францускиот писател Амин Малуф (1949 г.): „Изгубената татковина е слична на посмртните останки на саканата личност; закопајте ја со почит и сметајте ја за вечно жива“. Си помислив на погребот на нашава Македонија со потпишувањето на најсрамната страница од нашата долгогодишна историја меѓу Македонија и Грција, потпишана врз правот од коските на Самуил во Преспа (на островот Аил). Ми заличи на реквием за мојата Македониja со „успешниот“ референдум кога си помислив дека на Заев и неговата камарила не им проструила во крвта пораката од песната: „Народе македонски, до какви идеи си ти, срам голем е за тебе сам да не се знаеш“.
До денес не сум чул ниту прочитал дека народ, освен по изгубена војна и целосен пораз, ги менува своето име, народност, историја, песна, обичаи. Поголема срамотија не можеше да ни направат тој и неговите, ако малку помислеле. Ако имале со што! Ама изгледа има Господ. Или, поинаку, има некаква космичка правда на овој свет! Нѐ продаде како стадо овци, како да сме негова сопственост, а тој е ќаја. Невкусно, нечуено, невидено.
Одушевени од изјавите како на оној храбар, највојникот на НАТО, Столтенберг, па европската номенклатура на титули – Могерини, Хан, Меркел, Макрон, Курц, или најмоќните стратегиски партнери преку Атлантикот, како командантот на силната американска армија. Надеж во чаре (спас) гледаме во предвремени избори и погребение на нивичкиот договор. Значи, се гледа надеж за овој голем срам. Зошто ли се плаши ЕУ, особено НАТО? Дали од името само на Македонија без одредница и одземањето на приматот на Грција како основа на евроцивилизацијата?! Македонија, сигурен сум, не претендира на некои грчки вредности во културата, науката, историјата, ама не ги дава ни својата историја и сегашност, како ни вековното име што го носела без срам и потсмев, како што го чини и уште го чинат Грците. Прашајте кој сакате Грк да ви каже што е? Нема да ви рече дека е Македонец, освен за политички инает.
Драги Стефанија