Македонија не е казино и не ни се потребни политичари коцкари. Исто како што не ни требаат ни политички проститутки, кои ќе нѐ убедуваат дека не можат да сменат ДУП, ама менувањето на Уставот било мачкина кашлица
Ако од референдумската кампања научивме нешто, тоа е коцкарскиот термин „all in“. Така премиерот ја објаснуваше преспанската авантура, во која ставил сѐ на една карта, без резервен план, коцкајќи се со судбината на народот. Да беше ова демократска земја, по дебаклот од 30 септември, ќе дадеше оставка истата вечер. Но дури и во недемократска земја со премиер коцкар, логично е губитникот да биде исфрлен од казиното – ако веќе не си заминува доброволно. Тоа што десетина дена власта живееше во одрекување на стварноста, со силна медиумска и политичка поддршка однадвор, е само знак дека хотелот „Македонија“ (за кој пееше Џамбазов) се претворил во казино, кое не смее да се затвори додека некој не добие премија. Оние со полни усти демократија и владеење на правото направија сѐ (со „убедување или на балкански начин“, да го парафразирам Хан) за да докажат дека црното е бело.
„Шопингот“ на пратенички гласови, трговијата со слободата или лукративните потреби на опозициските пратеници, беше нешто што се одвива/ше на (полу)јавна сцена. Акцијата дури доби и научено толкување од професори што замислуваат дека се Макијавели лично: зборуваа за потреба од „прагматизам“ и „утилитаризам“, ставаа обланда на „теорија на игра“ и сл. Така, ненормалното – политичката корупција на највисоко ниво – беше (или можеби уште е?) прикажано како нормалност. Оние што до вчера се згрозуваа од дон Мијалков, Тодоров или Рангелова, ронат крокодилски солзи над „теророт“ што се вршел врз нив. Љубчо, политички зомби, осамна рехабилитиран од сите криминали за да му порача на Мицкоски дека не смее против „меѓународната“. Дрскоста со која министер (бирократ, кооптиран директно од т.н. Амстердамска тројка, ако некој се сеќава на неа) повикува пратеник (професорот Мухиќ) да даде оставка доколку не планира да ја поддржи измената на Уставот е токму во духот на казиното: носител на извршна власт му заповеда на носител на законодавна власт, кој не само што добил легитимитет на избори туку е и носител на политичко-контролната функција врз Владата!
Денес го очекуваме исходот од парламентот каде што се одлучува за „туркањето низ нос“ на уставните измени, т.е. ќе видиме дали „шопингот“ бил успешен и дали највисокиот правен акт на државата ќе биде (повторно) сведен на партал. Што е тоа ако не навреда за здравиот разум, елементарниот политички морал и множење на мнозинството граѓани со нула? Заев веќе призна дека нема двотретинско мнозинство и одговорноста ја префрли врз опозицијата, прашувајќи ја „што да правам сега?“. Тоа е човекот што не победи на изборите во 2016 година, а кој, наместо да го реализира она што го очекуваа граѓаните, сѐ стави на картата на „решавање на националното прашање“, отворајќи ја Пандорината кутија. Конецот на Аријадна (Аријатида, како што неуко ја нарече) го испушти и сега е среде лавиринтот, исплашен од Минотаурот. Да не е трагично, ќе биде смешно. Да тргнеш во авантура без да имаш двотретинско мнозинство, па дури ни висок рејтинг во јавноста (која веќе ја разочара со сите потези што се покажаа катастрофални – од зделките на Анѓушев до рудниците на смртта, уништувањето на Водно, градежната мафија, до (ре)партизацијата на администрацијата, конфликтот на интереси на носители на функции, драматичниот пад на економијата), треба да си очајник или должник. Ако денес куртулиме од уште едно продолжение на „Алибаба и 80 пратеници“ со нов октроиран устав, следуваат избори.
Некои веќе почнаа да кукаат дека ќе сме потрошеле уште пари и време на непродуктивни политички процеси. Тоа е можеби точно, но кога ваква катастрофално лоша влада се соочува со национален пораз од вакви пропорции, најлогично е власта да му се врати на граѓанинот, за тој да одлучи и да ѝ даде легитимитет на нова власт. Друго чаре нема! Без оглед каков (ќе) е односот на силите, тоа е единствениот пат од безизлезот во кој сме турнати поради една налудничава „политика“. Евентуалните избори ќе бидат продолжение на референдумот и од нас повторно ќе се бара да се колнеме во НАТО, ЕУ – без да се зборува за реалните проблеми. Медиумската машинерија и натаму ќе фрла прашина в очи, па, наместо да се дебатира за тоа што (не) сторила оваа делегитимирана власт, ќе се спинува дека одлучуваме за избор меѓу иднината и минатото. Без оглед на преспанската катастрофа, оваа власт (или барем нејзините главни пропоненти) мора да падне – затоа што се покажа неспособна и нечесна, затоа што во најсилен погон ги стави сите механизми на авторитарно владеење од претходната гарнитура. Странски аналитичар ми ја раскажа визијата за Македонија во очите на овдешните тајкуни (од СДСМ и од ДПМНЕ, здружени во бизнисот), како што ја разбрал од неговите извори: половина земја посадена со канабис (бизнис што е веќе во рацете на Семејството), Криволак – воена база (каде што може да се депонира и радиоактивен отпад и, види чудо, канабисот имал благопријатно дејство на контаминираната почва!), како и можност од населување мигранти (вратени од ЕУ). Afghanistan 2.0! Ако на ова ги додадеме рудниците, загаденоста на воздухот, почвата и водите, заедно со климатските промени – нема за долго да се мачиме сите ние што сме одлучиле да останеме тука. Како ви звучи?
Западните медиуми и натаму насекаде (ќе) гледаат Руси – само Македонци никако да видат! И тие живеат во одрекување, ја туркаат агендата на корпоративниот капитал, а не гледаат дека им опаѓа поддршката и во сопствените земји, кои вртат кон десно. Вината за неуспехот на референдумот, „Њујорк тајмс“ ја најде во „стотиците нови интернет-страници што повикуваа на бојкот и многубројните фејсбук-постови“, кои користеле „класични дезинформации (…) насочувани од групи поддржани од Русите“.
Но ако некој користеше „фејк њуз“, тоа беа авторите на официјалната кампања, кои ветуваа мед и млеко. Изговорите за „шлаканицата“ што ја добија западните центри на моќ се патетични, а такви се и домашните спинери. Лупевска му ја припишува победата на „Бојкот“ на маргиналец како Бачев, кој, за волја на вистината, беше најзастапен во западните медиуми, токму од оние што одбија да го објават писмото на седумдесетина интелектуалци, на чело со Кундера. Фрлија милиони долари за кампања, ангажираа професионални пиар-компании поддржани од нашите потрчковци гладни за евро плус. Движењето „Бојкот“ беше самоорганизирано, по хоризонтална основа, без оглед на политичките и други уверувања, без пари и со користење на единственото нешто што му беше на располагање – социјалните медиуми. Кога во предвечерјето на Арапската пролет се случуваа вакви акции, Западот беше воодушевен од нивната креативност и храброст, но не и сега.
На Русите не им беше потребна кампања, бидејќи Западот си пукаше в нога во моментот кога влезе во проектот „Заев“. Западот предолго го користи волшебното огледало од бајката за Снежана. Можеби по сѐ треба да си признаат дека го потценија народот и одбраа човек што не беше способен да им го испорача она што им го вети. Притоа, и Западот веќе не ја ужива довербата на обичниот народ, а политиката на wishful thinking за Западен Балкан е контрапродуктивна. Во библиската легенда Давид го победува Голијат. Македонските граѓани имаат добра причина да се горди на себе што не попуштија пред притисоците и мантрите што го доведуваа во прашање здравиот разум, но иако битката е добиена – војната не е завршена. Еден ќе биде патот ако се справуваме со наметнат устав, а друг ако треба да излеземе на избори. Поради неодговорна клика сме турнати во амбис од кој може да се излезе само со мудрост и солидарност. Засега е битно дека Преспанскиот договор е мртов. По евентуалните избори, тешко дека некој ќе има двотретинско мнозинство, но тоа не е толку битно. Потребна е влада што ќе ги санира стравотните последици и од уривањето на претходниот режим и од катастрофалните грешки на сегашниов. Потребно е враќање кон нормалноста, кон вистинската политика и кон реалните проблеми – оние од нашите дворови, од Мајчин дом, рудниците, „Фени“, корупцијата, непотизмот, свртување кон економијата и социјалата. Доста беше од „големи“ национални теми. Македонија не е казино и не ни се потребни политичари коцкари. Исто како што не ни требаат ни политички проститутки што ќе нѐ убедуваат дека не можат да сменат ДУП, ама менувањето на Уставот било мачкина кашлица. Назад ни е зимата.