Првиот чекор за градење иднина е да се соочиме со вистината. На Македонија не ѝ е потребна ЕУ по секоја цена, туку стабилно општество со европски вредности. А лажните тврдења за македонскиот народ, неговата култура, јазик, историја и религија, кои се користат за наметнување моќ, треба, според моето мислење, да ги игнорираме. Имајќи на ум дека „секое општество има свој режим на вистина, своја ‘општа политика’ на вистината“ и дека „не станува збор за битка ‘во име’ на вистината, туку за битка за статусот на вистината и економската и политичката улога што таа ја игра“ (Фуко), сепак, според моето мислење, треба да опстоиме на научно потврдената македонска вистина. Па затоа, наместо да се бориме со ветерници, предлагам да започнеме со градење просперитетна Македонија
Насловот на денешниов текст е инспириран од книгата „Заливската војна не се случи“ на Жан Бодријар, еден од најзначајните француски и светски мислители на дваесеттиот век. Во книгата, Бодријар застапува гледиште дека Заливската војна – операцијата „Пустинска бура“, во траење од 17 јануари до 28 февруари 1991 година, не била навистина војна, туку злосторство маскирано во војна. Книгата, всушност, е збирка на три кратки есеи, објавени пред (4.1.1991), за време (6.2.1991) и по војната (29.3.1991). Насловите на трите есеи се временски соодветно приспособени: „Заливската војна нема да се случи“, „Заливската војна навистина не се случува“ и „Заливската војна не се случи“. Во тој контекст, за Македонија (а поврзано со актуелните случувања во неа) три наслови коишто соодветствуваат со насловите на Бодријар се: „Македонија нема да исчезне“, што се однесува на минатото и го означува времето пред потпишувањето на Преспанската спогодба, „Македонија навистина не исчезнува“, што се однесува на сегашноста и го означува време кога се имплементира не само Преспанската спогодба туку се очекува да бидат потпишани и имплементирани и други договори што, најверојатно, набрзо ќе се случат, и „Македонија не исчезна“, што се однесува на иднината и го означува времето по имплементацијата на сите спогодби, договори.
Во книгата со наслов „Симулакруми и симулација“, Бодријар зборува за свет во кој повеќе не е можно да се направи разлика помеѓу имагинарното и реалното, помеѓу вистината и лагата, туку, според авторот, „веќе не станува збор за имитација, ниту дуплирање, па дури ни пародија“, туку за симулакрум – копија којашто нема оригинал во стварноста, или „стварност без потекло во стварноста“. Што е симулакрум? Според Бодријар, постојат четири градации на сликата за реалноста што ја прават медиумите во симбиоза со политичарите и/или технолошките моќници. Првата градација – сликата е одраз на основната реалност, втората градација – сликата ја маскира и изопачува основната реалност, третата градација – сликата го маскира отсуството на основна реалност, додека четвртата градација е симулакрум – слика што нема никаква врска со каква било реалност. Ќе се обидам да го објаснам поимот симулакрум преку два примера поврзани со Македонија.
Првиот пример е поврзан со македонскиот идентитет. Владата и провладините апологети упорно тврдат дека Преспанската спогодбата „не го оспорува националниот идентитет“, па така пред Спогодбата „за целиот свет сме биле ФИРОМ, а денес сме Македонци од Република Северна Македонија, кои зборуваат македонски јазик“. Но што од ова е точно? Пред Преспанската спогодба, за осумдесет проценти од жителите на планетата Земја, вклучувајќи ги десетте најмногубројни држави во светот и трите суперсили Кина, Русија и САД, бевме Македонци од Република Македонија, а не Македонци од ФИРОМ. Но и вториот дел од тврдењето дека „денес сме Македонци од Република Северна Македонија“, за жал, не е во целост точно. Тоа тврдење е точно само за Македонците во Македонија. Имено, според ООН, термините „Македонија“ и сите нејзини деривати, што, впрочем, е предвидено со Преспанската спогодба, во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, па така, денес, за сите сме северномакедонци, а не Македонци. Затоа, не треба да се чудиме ако во странските медиуми прочитаме дека „на маргините на состанокот… нашиот министер оствари средба со северномакедонскиот министер…“ Така, во сите официјални документи и обраќања, другите држави се обврзани Македонците да ги ословуваат како северномакедонци или граѓани на Северна Македонија, но не „Македонци од Северна Македонија“, што за други етникуми не важи, па така, термините „Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци… од Северна Македонија“ не се забранети. Или, илустрирано со бројки, ако пред Преспанската спогодба повеќе од 130 држави (или околу пет милијарди жители на планетата Земја) нам ни се обраќаа со „Македонци од Република Македонија“, денес тој број е нула.
Вториот пример е поврзан со државата Македонија. Владата и провладините апологети упорно тврдат дека „градиме едно општество за сите“, па така на веб-страницата на Владата ќе прочитате: „Одредени политичари во изминатите години избраа да водат политика на поделби… Тоа е политика којашто гради минато, а не иднина. Културните и етничките разлики станаа инструмент за политичка борба и злоупотреби. Конфронтациите го зголемија јазот меѓу различните етнички заедници. Ја засилија и нетрпеливоста меѓу верниците… Владата ќе води политика со која Северна Македонија ќе се гради како граѓанска држава на сите што живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други помали заедници… Владата цврсто ќе застане на ставот дека само интегрирана Северна Македонија којашто ќе го обедини множеството на различности ќе биде стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани“. Но реалноста е сосема друга. Приказната за Вавилон, можеби, е најдобрата метафора за денешна Македонија – едно општество со две држави: две држави опстојуваат на иста територија со различни верзии на Уставот, со различно владеење, со различна економијата, со различен однос спрема сопствената држава, со различна отчетност, различен поглед на иднината, накусо, фрагментацијата ad absurdum.
Така, Македонија стана симулакрум – копија на непостојна реалност, стварност без потекло во стварноста. Владата и провладините апологети, парафразирајќи го Бодријар, оневозможуваат да се прави разлика помеѓу она во што навистина се трансформира Македонија и стилизираното, селективното и погрешното претставување на така трансформираната Македонија. Поточно, да се прави разлика помеѓу трансформираната Македонија што бавно, но сигурно исчезнува и стилизираното, селективното и погрешното претставување на Македонија што се развива и гради иднина. Уште повеќе, таквото стилизирано, селективно и погрешно претставување на веќе трансформираната Македонија стана нова реалност – се користи терминот хиперреалност: поделено и раздвоено општество, општество на разнебитени Македонци, општество на разединети различности, општество во кое за сите други држави Македонците се северномакедонци. Се залагам и поддржувам градење на едно општество за сите, но тоа што се прави денес е токму спротивното. Ваквиот пристап создаде, од една страна, конфузија, посебно меѓу младите, па така тие сѐ почесто се иселуваат од Македонија, а од друга страна, направи Македонија да стане земја без надеж и соништа, а животот за нејзините жители, за оние што сакаат да останат, неподнослив.
Вавилон, всушност, е приказна дека ние сме неспособни не само меѓусебно да се разбереме туку и да ја препознаеме вистината. Првиот чекор за градење иднина е да се соочиме со вистината. На Македонија не ѝ е потребна ЕУ по секоја цена, туку стабилно општество со европски вредности. А лажните тврдења за македонскиот народ, неговата култура, јазик, историја и религија, кои се користат за наметнување моќ, треба, според моето мислење, да ги игнорираме. Имајќи на ум дека „секое општество има свој режим на вистина, своја ‘општа политика’ на вистината“ и дека „не станува збор за битка ‘во име’ на вистината, туку за битка за статусот на вистината и економската и политичката улога што таа ја игра“ (Фуко), сепак, според моето мислење, треба да опстоиме на научно потврдената македонска вистина. Па затоа, наместо да се бориме со ветерници, предлагам да започнеме со градење просперитетна Македонија. А политичарите? Тие треба еднаш и засекогаш да ги прифатат научните факти за просторниот (вклучувајќи ја територијата на и надвор од денешна Македонија) и временскиот (милениумскиот) континуитет на македонскиот народ, да ги прифатат научно поткрепените методи за градење едно општество за сите и да ги отфрлат политиките што генерираат поделби и, што е најважно, да се соочат со реалноста и да престанат да го замајуваат и манипулираат народот.
Како последица на досегашните политики кон клучните национални прашања, во Македонија веќе од поодамна не може да се прави разлика помеѓу вистината и манипулацијата, што, според моето мислење, е основната причина за тоа каде сме – општество без иднина и просперитет. Меѓутоа, зборот вистина во секојдневниот говор има пошироко значење од тоа дали некој исказ е вистинит или не. На пример, тоа што љубовта кон државата Македонија е вистинска не значи само дека вистината соодветствува со некој дел од реалноста, дека таа е кохерентна со одреден специфичен сет искази и дека вистината ќе помогне да решиме некои проблеми, туку, тоа значи многу повеќе – дека љубовта е интензивна, автентична, реална. Ваков однос – вистинит, искрен, интензивен и реален, повикувам секој од нас да има за сè што е поврзано со Македонија, заради нејзината иднина, заради доживување на сонот „Македонија не исчезна“ на нашите сегашни и идни генерации.