Многубројни, мошне збунувачки информации поврзани со пандемијата на коронавирусот, која беше прогласена пред повеќе од две години, пристигнуваат од повеќе страни на светот. На пример, главниот медицински советник на американскиот претседател Џо Бајден, Ентони Фаучи, уште пред две недели тврдеше дека „САД се надвор од фазата на пандемијата“… Сега тој изјавува дека „во никој случај не е готово“. Последново го повтори и Бајден на четврточниот глобален самит, на кој се расправаше за тоа како светот да ѝ стави крај на сегашната и да се подготви за идните пандемии…

ПО ЗБУНУВАЧКИТЕ ПОРАКИ ОД РАЗЛИЧНИ ДЕЛОВИ НА СВЕТОТ ПОВРЗАНИ СО ПАНДЕМИЈАТА

Во моментите кога повеќето влади низ светот, фокусирани на војната во Украина, пролетва постепено ги укинуваат антиковид-мерките и јавноста веќе почна да се прашува кој и кога ќе прогласи крај на пандемијата, Кина, од која пред повеќе од две години се прошири заразата, упорно опстојува на антиковид-политиката со нулта инфекции, поради што нејзиниот најголем град, Шангај, сѐ уште е во строг карантин, а Северна Кореја деновиве ги потврди првите случаи на заболените од вирусот, по што тој почна и да се шири со голема брзина и да ги зема првите жртви низ земјата. Оваа мошне збунувачка ситуација, за која научниците немаат објаснување, а политичарите ја користат секој во своја полза, го наметнува прашањето за оправданоста на постоењето на Светската здравствена организација (СЗО) или барем на ваква каква што светот ја запозна во текот на пандемијата. Особено откога повторно се покажа колку и појавите какви што се пандемиите имаат свои локални карактеристики, поради што е тешко да се постигне консензус околу одредени мерки на глобално ниво, дури и кога сите, можеби не во исто време и со еднаков интензитет, еднакво се загрозени.
Имено, откога првиот човек на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус, повикувајќи ја Кина да ја смени својата стратегија, изјави дека нејзината политика за постигнување нулта стапка на инфекција во сузбивање на пандемијата на ковид-19 е неодржлива, оттаму веднаш го повикаа да избегнува „неодговорни“ забелешки. Притоа, Кина потврди дека ќе го задржи пристапот „нулта ковид“ за елиминирање на епидемијата.
– Сега е најтешкиот момент за нашиот град да ја достигне нултата стапка на ковид-19. Ако се опуштиме, епидемијата може да се врати, па затоа е неопходно упорно да се врши превентивна и контролна работа без релаксација – објасни Ву Хуанг, заменик-директор на Шангајскиот центар за контрола на болести.

Во меѓувреме, најизолираната земја во светот, Северна Кореја, која во текот на целата пандемија тврдеше дека кај неа не бил забележан ниту еден случај на заразата и која ја заклучи земјата веднаш по прогласувањето на пандемијата, пред некој ден објави дека се регистрирани првите ковид-случаи. Во меѓувреме, бројот на заболените нагло се зголеми, а се пријавени и првите смртни случаи. Претходно, во текот на целата пандемија, севернокорејските власти не ѝ дозволија на СЗО никаков увид во состојбата и постојано ги одбиваа понудите за снабдување со вакцини од меѓународната заедница.
Уште позбунувачки ефект предизвика колебливоста на врвниот американски експерт за заразни болести и главен медицински советник на тамошниот претседател Џо Бајден, Ентони Фаучи, кој откако пред две недели тврдеше дека „САД се надвор од фазата на пандемијата“, сега изјавува дека „во никој случај не е готово“. А дека „пандемијата не е готова“ повтори и Бајден на четврточниот глобален самит, на кој се расправаше за тоа како светот да ѝ стави крај на сегашната и да се подготви за идните пандемии. На онлајн самитот учествуваа претставници на државите, на СЗО, Европската Унија и на голем број транснационални компании, но конкретен заклучок во однос на претходно поставеното прашање не беше донесен.
– Оваа пандемија не е готова. Овој самит е шанса да ги обновиме нашите напори да ја ставиме пандемијата под контрола и да ги спречиме идните здравствени кризи – изјави Бајден, потенцирајќи дека „борбата против пандемијата мора да остане меѓународен приоритет“.
Притоа, треба да се потсети дека од СЗО, кон крајот на минатата година и на почетокот на оваа, тврдеа дека со развојот на омикрон-варијантата на коронавирусот, барем во Европскиот Регион, ѝ се гледа крајот на пандемијата. Оттогаш, од СЗО постојано доаѓаат збунувачки пораки. Се разбира, еден дел од нив, за што, според голем број истражување, светската јавност веќе и станува свесна, се лажните вести, но сепак, има прашања за кои се очекуваат одговори, а еден од нив е и потребата од усогласени противпандемиски мерки и политики во ситуација кога светот е поделен, не само според климатски туку и според многу други критериуми, кои можат да бидат клучни за создавање услови како за ширењето така и за сузбивањето на заразата.

Густината на населеноста, подготвеноста на здравствените системи, дисциплинираноста на граѓаните и нивната доверба во мерките што ги пропишуваат институциите се само некои од карактеристиките по кои се разликуваат одделните делови од светот, а кои, како што се покажа, имаа големо влијание и на динамиката на пандемијата.А бидејќи самиот поим пандемија, онака како што е дефиниран, подразбира заразна болест што се има проширено низ целиот свет, останува нејасно дали СЗО, и покрај сите овие и голем број други несогласувања и недоследности, воопшто ќе успее да го изменаџира процесот на нејзино совладување.
Д.М.М.