Конфликтот во Украина покажува дека беспилотните летала се дел од современиот начин на воени пресметки. Така, дроновите имаат разни задачи, од воздушно извидување до ракетна одбрана, пишува Хана Фухс за „Дојче веле“

КАКО ДРОНОВИТЕ ГО МЕНУВААТ НАЧИНОТ НА ВОЈУВАЊЕ

Беспилотните летала ги исполнуваат барањата на модерното војување, според ставот на американското министерство за одбрана. Пентагон вели дека располага со дрон што одговара на сите барања на Украина. Станува збор за нов дрон или беспилотно летало, наречено „феникс гоуст“. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, на брифинг за новинарите рече дека САД почнале да го развиваат дронот пред избувнувањето на конфликтот и дека процесот сега ќе биде забрзан за уште подобро да се исполнат барањата на Украина. Планот е да се испорачаат повеќе од 120 дрона како дел од пакетот за воена помош од 800 милиони долари.
Но како функционира „феникс гоуст“? Како се разликува од другите системи на оружје? Во принцип, не се знае многу и не се објавени фотографии. Она што е познато е дека дронот е развиен од американскиот одбранбен изведувач „Ејвекс аероспејс“, во соработка со американските воздухопловни сили. Кирби истакна дека новиот дрон е како постарите дронови „свичблејд“, кои беа направени од американската компанија „Аеровајронмент“ за употреба од американските специјални сили во Авганистан во 2012 година.

„Свичблејд“

Беспилотното летало „свичблејд“ може да го собере во ранец и е комбинација од проектил и дрон, според Артур Холанд Мичел, виш советник во „Карнеги“, совет за етика во меѓународните односи во Барселона. Ваквите дронови се лансираат без конкретна цел и кружат над одредена област додека не им се додели цел од страна на операторот на копно и потоа им се дава команда да извршат напад. Дронот има сензори што можат да ги детектираат целите. Во зависност од големината и тежината на моделот, може да остане во воздух меѓу 15 и 40 минути и има опсег од 10 до 40 километри. Според Мичел, на ваквиот дрон не му е потребен аеродром или инфраструктура за лансирање, а за разлика од проектилите, дава време за да се идентификува целта, овозможува ситуациска свест и потоа дронот може директно да се судри со целта. Овој модел на дронови е познат и како дрон-камикѕе, бидејќи се самоуништува при удар.

„Феникс гоуст“

Дроновите „феникс гоуст“, според Кирби, имаат слични капацитети, но не се сосема исти како „свичблејд“. Дејвид Дептула, пензиониран генерал-полковник, кој е во одборот на директори во „Ејвекс аероспејс“. вели дека „феникс гоуст“ може да лета подолго од „свичблејд“ до шест часа. Наводно, според Дептула, „феникс гоуст“ е дрон за еднократна употреба, кој се лансира вертикално и може да се користи ноќе, со помош на инфрацрвени сензори. Според Дептула, дронот бил ефикасен против „средни оклопни копнени цели“,.

„Вектор“ – германска технологија за Украина

Украинските вооружени сили користат и дрон за набљудување на германската компанија „Квантум системс“. Германскиот дрон „вектор“ не е оружје, не може да фрла бомби, но може да биде дел од вооружен систем. Се смета дека најдобро се користи за неговите можности за летање и видеонадзор. „Вектор“ испорачува видеоснимки со висока резолуција во реално време, во лет над 15 километри и може да остане во воздухот до два часа. Јапонија, исто така, ѝ испорача дронови на Украина. Но Украина користи и локални дронови. Најчестиот украински дрон е „лелека-100“, кој тежи околу пет килограми и го произведува „Девиро“, компанија во Днепар, во централна Украина.

Помалку руски дронови

Се чини дека руската војска помалку се потпира на дронови, но, сепак, ги користи. Нејзиниот главен дрон е „орлан-10“, кој се користи за извидување и за надзор, а е произведен во Центарот за специјална технологија во Санкт Петербург. Со распон на крилата од 3,1 метри, „орлан-10“ може да лета до 100 километри. Системот за извидување е едноставен во дизајнот: користи комерцијални фотоапарати од серијата „ЕОС-Д“ на „Канон“ за фотографирање од воздух, како и термички слики и видеокамери. Но со сите овие случувања во автоматското војување, експертот за беспилотни летала Мичел вели дека треба да бидеме свесни дека има ризици и загриженост од употребата на дроновите. Остануваат многу неодговорени прашања, а некои од нив се дали корисниците имаат доволно ситуациска свест за да донесат одлуки дали да употребат сила, дали оружјето е ранливо на хакирање, како може луѓето да реагираат ако дрон предизвика ненамерна штета и како може цивилите да се заштитат.

„Бајрактар“ уништувачот на тенкови

Првото беспилотно летало од турско производство „бајрактар ТВ2“ е приспособено и за носење оружје. Дронот може да носи и противтенковски ракетен систем. Најдобра ефикасност има на осум километри висина, а уништувањето на целта е стопроцентно. Турција од 2008 година побара да купи беспилотни летала од САД, но американскиот Конгрес не даде одобрување. Турската војска почна со сопствена програма и е меѓу малкуте земји во светот што имаат сопствен дрон. Може да носи проектили од 160 милиметри, со кој може да се уништи секаков вид оклопни возила. Распонот на крилата е 12 метри, а вкупната маса без дополнителна опрема изнесува 650 килограми.