Приближувањето меѓу Анкара и Ријад најверојатно повторно ќе ги воспостави клучните трговски врски, додека владата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган цели да ги подобри регионалните врски среде длабоки економски предизвици, вели Стивен А. Кук за ЦФР

ТУРЦИЈА ГИ ОБНОВУВА ОДНОСИТЕ СО САУДИСКА АРАБИЈА

Неодамнешната средба на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и други официјални претставници означи уште еден голем чекор за подобрување на односите со важна економска сила. Претседателот Ердоган се обидува да ја извлече Турција од регионалната изолација, која произлезе од спроведувањето непотребно провокативна надворешна политика, која не направи многу за унапредување на турските интереси на Блискиот Исток. Тој ги обнови врските со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), оствари контакт со израелските лидери, продолжи со разговорите со Египет, а сега ги обнови односите на Турција со Саудиска Арабија со посета на таа земја.
Турската влада откри дека има ограничувања во нејзината способност да им ја наметне својата волја на другите регионални сили, без разлика дали се во источниот Медитеран или во нејзината поддршка за исламистичките движења низ Блискиот Исток. Геополитичката изолација на Турција ги влоши нејзините економски проблеми кога Саудиска Арабија ја бојкотираше испораката на турска стока поради тензиите за убиството на саудискиот новинар Џамал ​​Кашоги, како и поддршката на Анкара за Доха по наметнувањето на блокадата на Катар, предводена од Саудиска Арабија, во 2017 година. Сега, кога Ердоган се помири со саудиските лидери, турските стоки најверојатно ќе се испорачуваат непречено во кралството, постои потенцијал за нови саудиски инвестиции во Турција, а Ријад би можел да им се придружи на другите влади од Заливот во размена на валути со Анкара.

Случајот „Кашоги“ во напорите за подобрување на врските?

Префрлањето на случајот со Кашоги од Турција во Саудиска Арабија беше очигледна цена за приемот на Ердоган и нормализирањето на врските меѓу двете земји. Со препуштањето на случајот на саудиските власти, малку е веројатно дека осомничените ќе одговараат. Требаше со резерва да се земе дека начелно ќе се бара правда за Кашоги. Целта на Турција во текот на случајот со Кашоги беше да ја ослаби Саудиска Арабија во геополитичката игра на влијание.
Покрај убиството на Кашоги, постоеше поддршка од Саудиска Арабија за државниот удар во Египет во 2013 година и поврзаната поддршка на Турција за Муслиманското братство. Ердоган беше жесток критичар на египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси (иако Турција сега бара помирување со Египет) и ја поздрави египетската опозиција, особено Муслиманските браќа, кои поставија медиумски платформи за делегитимирање на египетското раководство. Потоа следуваше поддршка од Турција за Катар, откако Бахреин, Египет, Саудиска Арабија и ОАЕ ја блокираа земјата во 2017 година поради односите на Доха со Техеран, нејзината поддршка за исламистичките групи и уредничката линија на Ал џезира, меѓу другите прашања. Во сето ова, Турција се одржа и како регионален лидер и како водечка муслиманска земја, но не беше во особено добри односи со Саудиска Арабија, чиј крал го црпи легитимитетот од тоа што е чувар на двете најсвети џамии на исламот, во Мека и во Медина.

Геополитички императив на Турција

Како што беше наведено, регионалната изолација на Турција влијаеше на економската благосостојба на земјата, при што лирата изгуби околу половина од својата вредност во 2021 година, а инфлацијата моментално изнесува над 60 отсто. Додека Турција се подготвува за претседателски и парламентарни избори во 2023 година, Ердоган бара секаква можност да го намали економскиот притисок врз турските граѓани. Исто така, постои геополитички императив Турција да ги подобри односите со Саудиска Арабија и другите земји. Агресивниот пристап на Анкара во источниот Медитеран, кој вклучуваше потрага по гас во кипарските води, исцртувањето поморски граници со Либија и преземањето провокативни поморски маневри ги натераа другите регионални сили да се „свртат“ против неа. Египет, Грција и Република Кипар ги заострија односите, како и оние меѓу Кипар, Грција и Израел, а Саудиска Арабија и ОАЕ им се приклучија на овие коалиции.
Во текот на летото 2020 година, воздушните сили на Саудиска Арабија и на ОАЕ изведуваа воени вежби со грчките воздухопловни сили од базите на Крит. Од турска перспектива, составот на земјите што ѝ се спротивставуваат на Турција во источниот Медитеран, во кој беше вклучена и Франција, беше потенцијален безбедносен проблем. Без воена моќ да ги заплаши своите противници, турската влада се обиде да ја ослаби оваа антитурска оска со промена на односите со сите овие земји, со исклучок на нејзините долгогодишни противници Грција и Кипар.