Пјонгјанг ги постигнува посакуваните политички цели со вклучување во внимателно пресметани провокации

Северна Кореја брзо ги проширува своите нуклеарни капацитети, а Ким Јонг-ун јасно стави до знаење дека неговата држава е подготвена активно и превентивно да ги користи своите новостекнати капацитети, вели Мансеок Ли за „Нешенел интерест“

Северна Кореја продолжува со тестирање ракети

Амбициозното ветување на Ким Јонг-ун дека превентивно ќе го користи нуклеарното оружје за Северна Кореја за да ги одбрани нејзините „суштински интереси“, разбирливо, привлече големо внимание и во Вашингтон и во Сеул. Експертите предупредија на промена во нуклеарната стратегија на Пјонгјанг, сугерирајќи дека таквиот развој ќе има значителни импликации за регионалната стабилност. Сепак, некои од овие анализи не успеаја да дадат значајни алтернативи на политиката поради тоа што се засновани на теоретска и практично слаба основа.
Песимистите предупредуваат дека Северна Кореја „работи на програма што еден ден ќе го овозможи освојувањето на Југот“. Секогаш постои веројатност, макар и мала, дека ќе се случи тоа, иако веројатно се мали шансите за такво сценарио додека воениот сојуз на САД и Јужна Кореја служи за одвраќање на провокациите на Северна Кореја. Секоја севернокорејска инвазија би предизвикала разорно заедничко возвраќање од страна на Алијансата, особено со оглед на значителното американско цивилно и воено присуство во Јужна Кореја. Оптимистите тврдат дека Северна Кореја само се фокусира на заштита од Америка и, на тој начин, Вашингтон треба да ја олесни соработката со Северна Кореја. Сепак, таквата анализа го занемарува фактот дека Пјонгјанг мора да одржува непријателска надворешна средина за да ја оправда власта. Според Ким, Северна Кореја најверојатно ќе продолжи со стратегија за употреба на нејзините нуклеарни капацитети за да ги постигне своите политички цели. Затоа, од клучно значење е да се разберат суштинските национални интереси на Северна Кореја кога станува збор за предвидувањето како ќе се развива нејзината нуклеарна стратегија.

Националните интереси на Северна Кореја

Во практична смисла, Северна Кореја е револуционерна држава, чие постоење се заснова на постигнување револуционерни национални цели. Во Северна Кореја, Работничката партија ја води националната револуција. Како последица на тоа, партијата постои над државата, а нејзиниот подзаконски акт служи како врховен државен документ во Северна Кореја, а не како државен устав. Повелбата на Работничката партија предвидува државата да има две непосредни национални цели, од кои првата е да изгради силна земја на северната половина на Корејскиот Полуостров. Втората цел е да се воспостави социјалистичка држава што го опфаќа целиот Корејски Полуостров, вклучувајќи ја и Јужна Кореја, што подразбира и ослободување на Јужнокорејците од перципираниот американски империјализам и изградба на обединета комунистичка земја.
Мора да се нагласи и значењето на семејството Ким во однос на постигнувањето на овие национални цели. Идеологијата Џуче, односно принципот на самодоверба што ја заснова визијата на Северна Кореја за државата и општеството, смета дека раководството на семејството Ким го претставува единственото средство за успешно спроведување на социјалистичката револуција, поразување на САД и обединување на Корејскиот Полуостров. Идеологијата Џуче го издигнува опстанокот на семејството Ким над сите други национални интереси, дефинирајќи го како суштински национален интерес и причина за постоење на земјата. Идејата зад ова е верувањето дека Северна Кореја ќе може да ги постигне своите национални цели и да ја заврши револуцијата само ако семејството Ким преживее.

Севернокорејски нуклеарни провокации

Клучното прашање е кога Северна Кореја смета дека нејзините суштински интереси се загрозени. Потенцијалните закани не вклучуваат само надворешни воени закани за државата туку и надворешни и внатрешни случувања што би можеле да го нарушат легитимитетот на власта. Како резултат на тоа, она што Северна Кореја го нарекува одвраќање не е само мерка за спречување на противникот да изврши превентивен напад врз неа туку и средство за одбрана на режимот на Ким. Всушност, Северна Кореја ја користеше својата војска за оваа двојна намена во последните седумдесет години. Првата цел во овој поглед беше да се одврати инвазијата на сојузот меѓу САД и Јужна Кореја, додека втората беше да се одржи, а понекогаш и да се зајакне легитимноста на власта на Ким. Како резултат на тоа, воено-стратегискиот пристап на Северна Кореја одамна е блиску до таканаречената стратегија за „контрола на ескалација“. Пјонгјанг ги постигнува посакуваните политички цели со вклучување во внимателно пресметани провокации што паѓаат под прагот за одмазда на САД и, според тоа, го ограничуваат ризикот од сеопфатна војна. Иако Северна Кореја веројатно нема да фрли нуклеарни бомби врз Јужна Кореја, нејзиното нуклеарно оружје може да се користи на таков начин што максимално ќе го искористи ефектот на принуда преку предизвикување слични нивоа на страв.

Што може да се преземе?

Очигледната промена во стратегиското опкружување поставува голем број значајни предизвици за планерите за национална безбедност и во Вашингтон и во Сеул. Прво, од клучно значење е планерите на национална безбедност да развијат сценарија во кои Северна Кореја би можела да го употреби или да се закани дека ќе го употреби своето нуклеарно оружје. Северна Кореја најверојатно ќе се вклучи во различни нивоа на контролирани нуклеарни провокации во обид да ги постигне саканите политички цели. Клучното прашање е одредувањето на стратегиите што Северна Кореја ќе избере да ги примени под различни услови.
Второ, потребни се различни средства за одговор или одмазда. Некои тврдат дека бидејќи Северна Кореја има развиено нуклеарно оружје, и Јужна Кореја треба да стори истото тоа или САД да го прераспределат своето тактичко нуклеарно оружје на Корејскиот Полуостров. Сепак, во однос на сегашната нуклеарна стратегија на Северна Кореја, ниту една опција не може да се покаже како многу ефикасна. Пјонгјанг најверојатно ќе се обиде да ги постигне своите цели преку контролирани провокации наместо преку вклучување во сеопфатна нуклеарна војна. Можеби е посоодветно да се зајакнат напредните конвенционални сили на Јужна Кореја и да се модернизираат американските сили стационирани во Јужна Кореја за да се зацврсти кредибилитетот на сојузот.
Трето, постои потреба да се развие поделикатна стратегија за одвраќање. Во сегашните околности, каде што двете страни се способни да се уништат една со друга, ветувањето за безусловна и масовна одмазда како одговор на секоја провокација од Северна Кореја може да го направи одговорот на Југот неверодостоен. Затоа, треба да се подготват различни нивоа на опции за одговор, кои се движат од мало возвраќање до фазен повратен одговор и закана од масовен удар. Конечно, напорите да се отвори канал за дијалог со Северна Кореја треба да се продолжат, со истовремено зајакнување на одбранбените капацитети на сојузот. Размената на информации е од клучно значење во однос на управувањето со кризи, бидејќи ѝ овозможува на секоја страна да го предвиди следниот чекор на другата.

Патот кон успехот

Северна Кореја брзо ги проширува своите нуклеарни капацитети, а Ким Јонг-ун јасно стави до знаење дека неговата држава е подготвена активно и превентивно да ги користи своите новостекнати капацитети. Оваа ситуација врши голем притисок врз воените планери во Вашингтон и во Сеул. Меѓутоа, тие треба да се обидат објективно да ја согледаат состојбата. САД и Јужна Кореја идеолошки не се натпреваруваат со Северна Кореја. Наместо тоа, нивната политичка цел е постигнување и одржување на стабилноста на Корејскиот Полуостров за да се обезбедат мир и просперитет. Така, време е да се преиспита која би била најдобрата воена стратегија за оваа состојба.

Подготвиле: Митко Јовановски; Билјана Здравковска