Идејата за пловечки град можеби звучи како сцена од некој научнофантастичен филм, но наскоро ќе стане реалност во Јужна Кореја, каде што научниците работат на негова изградба. Проектот во Бусан наречен „Океаникс“ беше најавен минатата година, но сега се изложени фотографии од неговиот дизајн. Се проценува дека неговата изградба, која се одвива со поддршка на ОН, ќе чини 200 милиони долари, а треба да биде завршена до 2025 година. Градот ќе биде поставен над неверојатна сина лагуна и формиран од 15,5 хектари меѓусебно поврзани платформи, поврзани со мостови, со доволно простор за сместување 12.000 луѓе. Исто така, ќе биде поделен на различни населби, вклучувајќи ги и оние за домување, истражување и сместување. Сите згради во градот ќе бидат под седум ката за да создадат низок центар на гравитација и да се спротивстават на ветерот.
– Ние сме на пат да го испорачаме „Океаникс Бусан“ и да покажеме дека пловечката инфраструктура може да создаде нова земја за крајбрежните градови што бараат одржливи начини да се прошират во океанот, додека се приспособуваат на зголемувањето на нивото на морињата – вели Филип Хофман, извршен директор на „Океаникс“.
Целта на овој проект е да им помогне на луѓето што живеат во крајбрежните области и чии заедници се во опасност да бидат уништени среде покачувањето на нивото на морето.
Според „Океаникс“, од две од пет лица во светот живеат на 100 километри од брегот, а поплавите веќе принудија милиони луѓе да ги напуштат своите домови.
– Нашето модуларно поморско соседство ќе биде прототип за одржливи и отпорни градови – вели Бјарке Инглс, основач и креативен директор на групацијата „БИГ-Бјарке Инглс“, кој е еден од водечките архитекти на проектот.
Тој нагласи дека „Океаникс Бусан“ ќе ги прошири уникатниот карактер и културата на градот од сушната област до водата околу него.
– Веруваме дека овие пловечки платформи може да се развијат во голем обем за да послужат како основа за идните отпорни заедници во најранливите крајбрежни локации на првите линии на климатските промени – додава тој.
Секој остров ќе има хексагонална форма и ќе содржи варовник што ќе биде два-три пати потврд од бетонот, но сепак ќе лебди, пишува „Бизнис инсајдер“.